Македонско-бугарска комисија за историски прашања

По подолга пауза македонските и бугарските историчари денеска и утре на онлајн состанок

Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања денеска и утре ќе го одржи 15. состанок во онлајн формат поради пандемијата со коронавирусот. Средбата ќе се одржи во изборен период во двете земји – кај нас заврши првиот круг од локалните избори и тече кампањата во пресрет на вториот круг, а во Бугарија во тек е кампања за претседателските и предвремените парламентарни избори, што се закажани за 14 ноември.

На претходниот 14. состанок што се одржа на 10 и 11 јуни, од македонскиот тим во Комисијата оценија дека ги имале најтешките разговори досега. На првиот ден тема на дискусијата беа учебниците по историја и усогласување на препораките за нивно подобрување при што двете страни размениле предлог идеи како да се дојде до решение кое би помогнало во носење на препораки како да се подобри историското образование.

„Од македонска страна беа дадени предлози засновани на современите разбирања за историското образование подржани од Советот на Европа и УНЕСКО во кој се уважуваат различните погледи и толкувања за минатото и кој се покажале како применливи во надминување на спорови кои произлегуваат од различното толкување на минатото. Од бугарска страна тие предлози беа одбиени како неприфатливи и неприменливи. За жал, очигледно е отсуството на волја кај членовите на Комисијата од Република Бугарија да се дојде до решение  преку кое историското образование не би било основа за политичка инструментализација често затскривана позади фразата „историска вистина“. Исто така, очигледно е дека бугарската страна го гледа овој процес како можност да го наметнат својот поглед за минатото во друга држава и образовен систем“, брифираа тогаш од македонскиот тим за МИА.

Во однос на дискусијата за заедничките чествувања, Комисијата отвори дискусија и за Григор Прличев, откако претходно бугарската страна не прифатила оваа личност да биде чествувана од страна на Македонија, Бугарија и Грција.

„На предлогот на македонскиот тим, дискусијата да продолжи врз основа на првично усогласениот текст за трипартитно чествување кое се наоѓа во заклучоците на записникот од третата средба и Првиот годишен извештај и прифатено од бугарската страна, бугарските колеги спротивно на заедничките заклучоци предложија нов текст кој македонските членови на Комисијата го оценија како навредлив за чувствата на етничките Македонци и сите граѓани на Северна Македонија. Членовите на Комисијата имаа можност да дискутираат и за Гоце Делчев“, велат оттаму.

Од Комисијата брифираа и дека во текот на двата дена членовите на Комисијата дискутирале и за содржината на Вториот годишен извештај, при што откако на претходни технички средби беше усогласен Извештајот на Комисијата, бугарската страна изрази резерва во однос на некои решенија со што го доведоа во прашање самиот Извештај.

„И покрај овие сериозни пречки во работата на Комисијата, македонскиот тим останува посветен на решавање на историографските прашања“, брифираа за МИА од македонскиот тим на Комисијата.

Драги Ѓоргиев, копретседател на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, недоамна истакна дека е апсолутно неприфатливо политиката да ги решава историските спорови или историчарите да  ги решаат политичките спорови. Според него, самокритичноста е основниот елемент кој ќе може да не придвижи напред, а не идејата дека ние ја поседуваме историската вистина за што било, и другата страна мора да ја прифати таа вистина. Тоа е патот кој не води никаде, смрта тој.

„Отсекогаш имало политизирање на историјата или историцизирање на политиката на Балканот и тоа е еден од големите недостатоци на нашите историографии, па дури и во учебниците по историја отсекогаш определени личности и настани од минатото се митологизираат. Се прават митови од нив кои потоа се злоупотребуваат политички. Нашата цел како Комисија е токму тоа – да се избегне злоупотребата на историјата во политички цели, бидејќи на Балканот отсекогаш се правело тоа. Нашата цел е во правењето на препораки за подобрување на учебниците да се дадат препораки кои ќе ги апсолутно сведат на нула политизирањето на одредени личности, митологиозирањето, кои потоа се користат во дневно-политички цели“, истакна Ѓоргиев.

Во контекст на деблокирање на евроинтеграциите, Ѓорѓиев нагласи дека македонскиот тим историчари немале никаков притисок, сугестија од претседателот на државата, премиерот или министерот за надворешни – поранешниот и сегашниот. Македонската политичка елита, вели тој, беше многу покоректна во однос на одредени политичари од Бугарија чии изјави доведоа до тензија во работата на Комисијата. Немале контакти, додаде, ниту со опозицијата.

„Ако двете држави сметаат дека таа комисија треба да постигне резултати, работата на таа комисија и комисијата треба да бидат тргнати од преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Тоа е билатерален спор меѓу Бугарија и Македонија, историографски спор и тоа треба да биде оставено настрана од преговорите. само на тој начин ќе се постигне некаков резултат. Се додека таа спојка меѓу политичките барања  да се врзуваат со некои историски отстапки или прилагодувања нема да дојде до резултат“, рече копретседавачот на Комисијата за историски прашања и подвлече дека се неосновани обвинувањата за успорување на работата на комисијата од македонска страна.

Во однос на изјавата на премиерот Зоран Заев за бришење на придавката бугарски од фашистички окупатор на спомениците и во учебниците, тој смета дека тоа е порака до Бугарија дека за историско помирување помеѓу двата народа треба да се разговара. Според Ѓоргиев, вистинските зборови се „простување, но не заборавање“, а поголемиот дел од проблемот е што на овој и ваквите обиди наишле на еден многу тврд ѕид од спортивната страна.

„И затоа ваквата една би рекол изјава, обид на премиерот, на некој начин да се поттикне тој разговор меѓу двете страни наиде на остра реакција кај нашата јавност, бидејќи од другата страна не слушнавме ништо друго освен отворено негирање на нашата историја, на нашиот идентитет, на македонскиот јазик. Тоа е она поради кое јавноста реагираше“, оценува Ѓоргиев.

Тој вели дека за ова прашање немало официјални разговори меѓу членовите на двете комисии, туку дека понекогаш за време на паузи се случувало да се поттикне тоа прашање. Главниот проблем овде, според него, „е што во бугарската историографија и гледање на минатото на Македонија, преовладува мислењето дека Македонија е историски бугарска земја“.

„Тоа е присутно и во учебниците во Бугарија и ние тоа го нотиравме и го дадовме како забелешка која треба да се промени и да се измени во учебниците во Бугарија. И оттука произлегува ставот и на сегашната бугарската историографија и политика дека Бугарија не може да биде окупатор на земја која според нивното гледање на минатото историски е бугарска земја. Затоа тие себе си се гледале или како ослободители на оваа територија, бугарска според нив, или како админстратори. Затоа зборот окупатор за нив е оној болниот збор кој не може да го прифатат“, рече Ѓоргиев.

Формирањето на Мешовитата македонско-бугарска комисија е согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во 2017 година, а нејзината работа е една од точките на патоказот 5+1 како можно решение за спорот со Бугарија и деблокада на пристапните преговори со ЕУ. Патоказот е постојана тема на разговор на релација Скопје-Софија и би требало да биде готов до почетокот на ноември, а во него би имало решенија, кои треба да се исполнуваат во целиот преговарачки процес.

Во 2021 година се очекува Комисијата да има пет состаноци, денешниот 15. состанок е четвртиот од предвидените пет состаноци за оваа година. 

Го потсетувам претседателот на државата дека уставниот рок за создавање на парламентарно мнозинство е 20 дена, а веќе 30 дена Владата нема парламентарно мнозинство.

повеќе

Неразрешеноста на случајот („Јавна соба“) дури после речиси две години од неговото откривање ја активира јавноста бидејќи се руши илузијата дека надлежните работат на случајот.

повеќе

На националистичките агенди во регионот им треба релативно мала искра за да се направи многу поголем пламен.

повеќе