Како хрватската Влада гледа на бугарската блокада на Македонија

Пленковиќ прашањето на македонскиот јазик го смета за нерешено?

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по два месеца конечно му достави одговор на пратеникот Бојан Главашевиќ на неговото прашање поставено во Саборот, што ќе направи Хрватска за да ѝ помогне на Македонија за отклонување на бугарската блокада на нејзиниот европски пат. Тоа што во одговорот го зачудува Главашевиќ е формулацијата дека Хрватска ќе се залага за решавање на „јазичното прашање" и за што е комуницирано со официјални бугарски лица. Тоа што е добро, вели, е што Хрватска се залага спорот да се реши исклучиво по билатерален пат.

„Хрватска како земја која претседаваше со Европската унија, силно се залагаше за потпишување на статусниот договор помеѓу Северна Македонија и Европската Унија во поглед на соработката со Фронтекс и управувањето со границите и притоа укажавме на важноста од решавањето на прашањето за јазикот, како предуслов за предметниот договор. Затоа комунициравме со нашите колеги од ЕУ, како и со бугарските официјални лица, истакнувајќи ја важнoста oд соработката со земјите од југоисточна Европа во спречувањето на незаконските миграциски притисоци, истовремено укажувајќи на влијанието на нерешеното прашање на јазикот во јакнењето на соработката со Северна Македонија во ефективното управување со миграциите".

Ова е содржано во дел од поширокиот одговор кој пратеникот Бојан Главашевиќ го доби во писмена форма од премиерот Андреј Пленковиќ поставено како прашање на седница посветена на пратенички прашања во хрватскиот Сабор уште пред два месеца, поради што тој повеќе пати протестираше укажувајќи дека одговор е предвидено да се даде во рок од 30 дена.

Но, сега Главашевиќ реагира со прашање: Зошто Пленковиќ смета дека има прашање поврзано со јазикот, кое го смета за нерешено!

„Целосно е нејасно зошто Владата прашањето на македонскиот јазик го смета за 'нерешено'? Лингвистички, тука нема ништо што не е решено и непознато. Формулацијата на ваков начин дава впечаток дека се поддржува бугарската позиција, која пак е втемелена на политиката, а не на лингвистиката. Затоа, ќе бараам дообјаснување", вели Главашевиќ.

Тој во одговорот гледа и еден став на хрватската Влада кој е поволен за Македонија, а тоа е дека кабинетот на Пленковиќ смета дека спорот помеѓу Македонија и Бугарија треба да се реши по билатерален пат.

„Што се однесува пак, до билатералниот спор помеѓу Северна Македонија и Бугарија, ставот на Република Хрватска е дека тие прашања мора да се решаваат исклучиво по пат на билатерални преговори", пишува во одговорот премиерот Плековиќ.

Главашевиќ вели дека тоа е добро, затоа што Владата не смета дека спорот треба да се решава во рамки на пристапните преговори.

„Сепак, потребно е да се дадат појаснувања во врска со тоа дали сака и на кој начин ќе дејствува хрватската Влада врз основа на вака изразениот став", нагласува Главашевиќ.

Според него, вкупен впечаток е дека Македонија има поддршка во Хрватска, но исто така и дека владата на Пленковиќ не сака да внесе немир во своите односи со Бугарија. Веројатно, како што проценува, на тоа има влијание политиката на Европската народна партија, на која припаѓаат ХДЗ и партијата на Бојко Борисов ГЕРБ.

Главашевиќ ваквите ставови ги смета за неодржливи и заради појавата на идеи за раздвојување на рамката во која се Албанија и Македонија.

„Тоа е всушност начин Македонија да се изолира и потенцијално да се остави во чекалната на (не)милост на политиката на Бугарија. Хрватска мора да се спротивстави. Ќе барам објаснувања на нејаснотиите. Неправедниот однос кон кандидатите за ЕУ создава евроскептицизам што од рака им оди на националистите, популистите и корумпираните политичари, вели Главашевиќ".

Инаку, во писмениот одговор што го испрати премиерот Андреј Пленковиќ, повеќе се говори за политиката на Хрватска во шестмесечниот период кога таа земја претседаваше со ЕУ, отколку за периодот од втората половина на минатата година, за време на германското претседателство, кога Софија стави вето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.

Инаку, Главашевиќ незадоволен затоа што немаше одговор од Пленковиќ, пред три дена на седница на Саборот го реафирмираше своето прашање, а одговор во отсуство на премиерот доби од министерот за надворешни и европски прашања Гордан Грлиќ Радман. Меѓугоа, министерот не спомена никакво јазично прашање.

Вчера во Загреб средба со хрватскиот премиер Пленковиќ имаше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека се заблагодарил за досегашната поддршка и дека побарал поддршка за Македонија во одблокирање на пристапниот процес. Што Пленковиќ му кажал на Мицкоски, не е соопштено. Mицкоски се сретна и со пратеничката Маријана Петир, кога пред повеќе од десет години во рамки на Европскиот парламент формираше неформална група Клуб на пријатели на Македонија. Денес тој Клуб го води Ирена Јовева, европратеничка од Словенија со македонско потекло.

Панта Џамбазоски

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе

За државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

повеќе