Прес-конференција во Охрид

Пендаровски вели во Скопје не стигнал француски предлог, Мишел не потврдува дали ќе се крене бугарското вето

Претседателот Стево Пендаровски се надевам дека следната недела во Брисел, лидерите на Европската Унија конечно ќе го исполнат своето ветување од март 2020, кога Советот за општи работи едногласно донесе одлука во најбрз можен рок да почнат пристапните преговори со Македонија.

На заедничката прес конференција со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Охрид, рече дека до моментот во земјава нема пристигнато француски предлог за надминување на спорот со Софија и не сакаше да ги коментира случувањата на политичката сцена во Бугарија, бидејќи, како што кажа, тоа било внатрешна работа на Софија.

„Ние во Скопје, тука, немаме видено француски предлог. Ние разговараме со нашите бугарски колеги и за тие разговори сте информирани од МНР. Немам никаква намера да коментирам што се случува во Софија, тоа е нивна внатрешна политичка динамика. Ние со нашите бугарски колеги разговараме во рамки на дијалогот кој го имаме месеци и месеци наназад“, рече Пендаровски.

Мишел, пак, на прес-конеференцијата не можеше да потврди дека идната недела ќе се одблокираат македонските ЕУ интеграции.

„Северна Македонија ќе биде една од трите важни и тешки теми на Советот на ЕУ, но не сум во состојба да кажам каков ќе биде исходот“, рече Мишел, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој потврдува, како што рече, дека се работи напорно да се постигнат конкретни резултати и во рамките на Француското претседателство да се откочат ЕУ интеграциите на земјава.

„Наредната недела со Советот има три тешки и важни теми: Прво ќе се разговара за ЕУ апликацијата на Украина, Грузија и Молдавија. Второ за релациите ЕУ –  Западен Балкан со цел да го енергизираме процесот со ЗБ. Не за џабе патував во сите земји и донесов одлука да имам состанок со сите лидери пред Самитот за тоа како да се постигнат резултати и да се забрза интеграцијата. И третата тема е за платформата, да се стави веднаш во акција, преку која ќе се разговара за заедничката интеграција“, изјави Мишел, додавајќи дека лидерите сакаат да го одблокираат процесот со Северна Македонија и Албанија, и е многу важно да се одржи темпото и да се остане исклучително активни во тој дел.

Тој не сакаше да открие какви заклучоци за готват за Македонија, не може да биде сигурен какви ќе бидат резултати, , но како што рече, „сигурен сум дека ќе направам сѐ со колегите да преземам одлучни чекори во иднина“.

Мишел смета дека Северна Македонија и Албанија треба што е можно поскоро да ги почнат преговорите со Европската унија, што е важно не само за двете земји туку и за целиот регион воопшто, особено во контекст на новите геополитички случувања. „Европската политичка заедница“, нагласува, не е алтернатива за проширувањето, туку процес кој ќе овозможи продлабочување и унапредување на соработката.

Сметаме, додаде Мишел, дека ќе имаме попросперитетна иднина со земјите од Западен Балкан.

„Има фрустрација и недоверба на двете страни. Време е да се делува. Војната во Украина го забрза процесот. Сакаме да го одблокираме процесот за Северна Македонија и Албанија. Многу е важно да се одржува темпото и да се биде активен во процесот“, рече Мишел.

Според Пендаровски, посетата на Мишел  во овој, како што рече, турбулентен период за Европа и за светот, на само неколку дена пред јунскиот самит на ЕУ, укажува на потребата од координација на чекорите меѓу Балканот и Унијата во очи на нужноста од решителни и принципиелни одлуки.

„Денес разговаравме за тоа дека со пролонгирање на македонските евроинтеграции се разнишува кредибилитетот на Европската Унија што истовремено значи и опаѓање на нејзиното влијание меѓу нашите граѓани. Условувањето од страна на земја членка кон земја кандидат за членство од билатерални причини не само што флагрантно го прекршува ветувањето за европска иднина на земјите од западниот Балкан, туку може и целосно да ја компромитира политиката на проширување и да прерасне во опасен преседан кој ќе стави крај на овој процес кој, инаку, со години беше сметан за најдобра надворешна политика на Унијата, истакна Пендаровски.

Проектот за обединета Европа, според него, отсекогаш содржел и јасен геополитички аспект. Но во овие моменти на војна на континентот, рече тој, таа негова димензија е посебно нагласена.

„Затоа, за опстанок на политиката на проширување на Европската унија, неопходна е зголемена геополитичка одговорност особено кај земјите членки на ЕУ. Наспроти реалните разочарувања и заморот од чекањето за пробив на европскиот пат, за нашата посветеност, меѓу другото, најсилно зборуваат две работи: од една страна, нашето целосно, 100-процентно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и приклучување кон сите пакети на санкции кон Руската Федерација, а од друга – Европската Унија и понатаму е нашиот далеку најважен трговски партнер, обезбедувајќи поддршка и финансиска помош за спроведување на неопходните реформи. Остануваме во исчекување на заедничкиот состанок на лидерите на Европската Унија и на Западниот Балкан, кој ќе се одржи 23 јуни во Брисел, а за кој мојот денешен гостин исцрпно ме информираше“, нагласи претседателот на државата.

Тој истакна и дека секоја иницијатива која реално би придонела за откочување или забрзување на интеграцискиот процес е добредојдена.

„Во тој контекст ја гледаме и најновата идеја за поголемо обединување меѓу нас, преку новата форма наречена Европска политичка заедница. Се разбира, таа заедница ја разбираме не како утешна награда или како компензација за членство, туку само како дополнителен инструмент кој ќе помогне за побрзи интеграции и поголемо единство во Европа“, додаде Пендаровски.

Тој му се заблагодари на Мишел и на челниците на европските институции  што се  обидуваат да ја одржат евроинтеграцијата на регионот да биде високо на листата на приоритети.

„Во услови на повеќекратни кризи и актуелна војна на европско тло, тоа ја потврдува свесноста за ургентноста од доследно испорачување според заслугите на секоја земја од нашиот регион. Посакувам успешен самит со донесување одлуки кои ние одамна ги заслужуваме“, рече Пендаровски.

Одлучната изборна победа на италијанската десница овозможува нејзиниот лидер да биде првата жена премиер во Италија и прва која тврди дека недвосмислено има постфашистичко потекло.

повеќе

Нов фронт за работа на градежните фирми на веќе изградените згради (и куќи) треба да биде топлинската изолација.

повеќе

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

повеќе