Македонија-Бугарија

Пендаровски препорачува да не се брза во преговорите со Софија, Мицкоски повикува на реципроцитет

Не треба да се брза во решавање на спорот со Бугарија за одблокирање на процесот за старт на преговорите за членство на земјава во Европската Унија, затоа што кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не е секогаш најдобриот сојузник, порача вчера претседателот Стево Пендаровски во своето годишно обраќање пред Собранието.

„Во актуелниот контекст, кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани“, порача Пендаровски.

Шефот на државата нагласи дека нема дилема околу тоа оти европските интеграции немаат издржана алтернатива за нас, но дека тие секако имаат своја цена.

„Ако таа цена значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас кој ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции. Неодамна, со апсолутен консензус усвоената Резолуција во ова Собрание за македонските државни позиции е доволно индикативна во таа насока“, рече претседателот Пендаровски.

Тој нагласи дека од почетокот на бугарската блокада на нашиот европски пат се залага за внимателен и обмислен пристап во преговорите, без нагли пресврти, затоа што се работи за прашање од апсолутно највисок национален интерес.

„Нашиот источен сосед изминатава година имаше серија на избори и независно од емоциите кои ги провоцира изборниот амбиент, она што загрижува е што слушнавме и реторика која ги надминува сите досегашни тврдења поврзани со нашата историја, јазик и идентитет. Една од тие тези е дека спроведуваме системска дебугаризација што е сериозно обвинување кое се разбира нема ништо заедничко со реалноста. Невозможно е амбасадорите на 30 држави кои имаат свои амбасади во Скопје, од кои 16 се земји членки на Европската Унија и кои на дневна основа ги следат состојбите кај нас, да не известат во своите главни градови за еден таков процес, кој ако постои, би бил рамен на геноцид“, рече претседателот.

Тој потенцира дека по изборот на новата Влада во Бугарија и реизборот на бугарскиот претседател Румен Радев, од Софија се испраќаат поинаку интонирани пораки за пренесување на акцентот од минатото во сегашноста и „наместо за етничките чувства на луѓето од пред 10 векови, да зборуваме за иднината, за енергетско и инфраструктурно поврзување“.

Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Македонското радио истакна дека врз основа на информации со кои располага доколку целосно или делови од Резолуцијата на бугарското Собрание од ноември 2019 година „не влезат во документот кој евентуално би се потпишал од македонската страна или би бил дел од преговарачката рамка во пред пристапните преговори, тогаш Македонија не би добила зелено светло за отпочнување на преговорите“.

„Тоа впрочем го говори и изјавата на новоизбраниот бугарски премиер Петков кој што вели дека нема да ги напушти позициите кои што се поврзани со разликите кои што ги имаме за историските прашања… Тој го потврдува оној концепт познат како живковизам на негирање на македонската нација, македонскиот јазик, па дури и во одредена мерка на македонската држава“, изјави Мицкоски.

Ваквиот став Мицкоски го повтори и во интервју за „Нова Македонија“ оценувајќи дека во „новите изјави од Софија“ не гледа позитивен нов пристап, туку дека ќе се разговара „не само за историјата, туку и за други полиња важни за спорот меѓу двете држави“.

„Владата во Бугарија и нивниот претседател на државата повторуваат дека остануваат на бугарската декларација, која ги оцртува максималистичките и, би рекол, асимилаторски бугарски барања кон нас. Дополнително на ова ќе излезе и бугарски европратеник со изјава среде Европскиот парламент дека Македонија била втора бугарска држава“, изјави Мицкоски, оценувајќи дека во најавениот нов пристап на Софија не е сменето ништо суштински и дека Бугарија останува на своите позиции.

Тој порача дека Владата, оваа и секоја наредна, мора да води офанзивна и проактивна политика на заштита на нашите интереси, нагласувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е за отворени односи со нашите соседи, но и за заемно почитување.

„Ако бараат почит, тогаш ќе мора да дадат почит. Впрочем, тоа е принципот на реципроцитет“, додава Мицкоски.

Според него, потребно е да се разговара, да се има широк консензус меѓу сите политички чинители и да се држи иста позиција, со што ќе се убедат нашите соговорници во неодржливоста на спорот.

„Да се фокусираме кон точките што нѐ обединуваат и каде што можеме да ја продлабочиме соработката и, секако, да лобираме интензивно кај нашите пријатели од Европската Унија“, порача Мицкоски.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи синоќа во гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 истакна дека е постигнат голем напредок во разговорите со Бугарија, бидејќи она што денес го имаме на маса се разликува од првиот предлог што ни беше претставен лани во октомври.

„Сосема различни прашања беа кога јас лани во октомври отидов во Софија, на мојата прва посета откако станав министер, а сосема други прашања во однос на формата разговараме денес. Стигнавме до еден прогрес од тој документ што ни беше предаден во Софија лани во октомври, до документите што сега ги имаме на маса и за кои разменуваме ноти на предлози“.

 Шефот на дипломатијата нагласи дека со Бугарија нема да биде потпишуван нов договор, иако првичното барање на Софија било токму тоа, да се потпише „некаков, не нов договор, туку протокол или меморандум со обврски“.

„Но, тој процес не успеа, односно не беше прифатен од наша страна и во моментов разговараме за овие пет плус еден прашања“, додаде Османи.

Тој посочи дека одлагањето на стартот на преговорите за членство со ЕУ нема да доведе до дестабилизација на земјата, но стравува од можно ново „грчко сценарио“.

„Најголемиот страв е да не влеземе во ново грчко сценарио, а тоа е да влеземе во замрзнат конфликт со Бугарија. И ова да стане нова нормалност во нашите односи“, нагласи Османи.

Францускиот државен секретар за европски прашања Клеман Бон, кој престојуваше во посета на Софија, пак, порача дека мора да се најде решение за проблемите меѓу двете земји што е можно поскоро, но дека поставувањето рокови може да ја наруши динамиката на процесот.

„Франција смета дека во моментов не може да се одреди конкретен датум за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ“, изјави Бон на крајот на посетата на Бугарија.

Бон вели дека и кај новата бугарска влада и кај властите во Скопје гледа волја за продолжување на дијалогот, посочувајќи дека Франција, како иден претседавач на ЕУ, е подготвена да го поддржи овој процес.

„За да се зачува стабилноста на Балканот, Франција не може да чека предолго, но во исто време мора да имаме разбирање за проблемите што Бугарија и Северна Македонија треба да ги решат. Ја напуштам Софија со самодоверба и надеж, бидејќи од бугарските власти слушнав волја да се најде решение што е можно поскоро“, изјави Бон.

Иако, последното бугарско вето одново ја остави Македонија во чекалната на ЕУ, конституирањето на новата Влада на Бугарија и попрагматичниот пристап, кој го најави премиерот Кирил Петков, со фокус на сегашноста и иднината, влеваат надеж кај високите официјални претставници на земјава, но и кај дипломатите, дека Северна Македонија и Бугарија наскоро би можеле да постигнат решение за спорот.

Петков веќе предложи пет работни групи, за економија, инфраструктура, евроинтеграции, култура и историски прашања, кој би се состанувале секој месец и ако е возможно средбите да не се истовремено, а секоја недела да има заседание на одделна група и да има работни резултати. Ако тоа биде направено, според него, во интензивен период од работењето може да бидат направени и компромиси од двете страни.

Радио Франс интернасионал (РФИ) во анализа на најавените политики на новата бугарска Влада, наведе Петков си дал шест месеци за да го заврши процесот околу деблокадата на евроинтеграцијата на Македонија. Прилика за тоа ќе биде Самитот за Балканот, што ќе се одржи во Франција во јуни следната година, заклучува РФИ.

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе

Грејната сезона заврши во месец април како и секоја година, но последнава беше со многу проблеми кои произлегоа од енергетската криза, од војната во Украина и генерално од светската економска криза.

повеќе