Скопје-Софија

Пендаровски оценува: Реакцијата на Радев е мешање во внатрешните работи на друга држава

Претседателот Стево Пендаровски смета дека реакцијата на бугарскиот претседател Румен Радев кој на средба со шефовите на бугарските специјални служби побара да се преземат навремени мерки за адекватна заштита на правата на бугарските граѓани надвор од Бугарија, кои се изложени на напади само поради нивната национална самосвест, е спротивна и на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава.

„Крајно невообичаено и секако надвор од внатрешните процедури на Алијансата е претседател на една земја-членка на НАТО да ги повикува своите служби за безбедност да реагираат за наводно кршење на правата на граѓани во друга земја-членка на НАТО“, стои во одговорот од Пендаровски на прашање на МКД.мк.

Од неговиот кабинет велат дека претседателот Пендаровски нема добиено ниту една информација од надлежните институции за кршење на човековите слободи и права на македонски граѓани само затоа што ја декларирале својата етничка припадност.

„Како држава кандидат за членство во ЕУ ние сме со години под редовен мониторинг на Брисел, но, ниту во последниот годишен извештај за напредокот на Европската Унија не се регистрирани такви случаи“, се додава во реакцијата.

Бугарскиот претседател Румен Радев вчера имал средба со шефовите на бугарските специјални служби, а повод за средбата било писмото кое кабинетот на претседателот го доби од Културниот центар „Иван Михајлов“ – Битола и од други граѓани на Македонија кои се определуваат како локални Бугари и поради, како што се наведува во соопштението, зачестените појави на повреда на нивните права само поради фактот што се определуваат како етнички Бугари.

Ж.П.Б.