Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, оценил дека двете држави во континуитет негуваат продуктивен политички дијалог и изразил уверување дека билатералните односи ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика.
Тој исто така ја истакнал важноста на силната и континуирана поддршка од САД во остварувањето на стратешките цели на нашата држава, од прогласувањето на независноста до денес.
Во однос на аспирациите за членство во Европската Унија, Пендаровски го реафирмирал очекувањето за скорешен почеток на пристапните преговори за членство, истакнувајќи дека деблокирањето на интегративниот процес позитивно ќе се одрази на севкупната стабилност и развојот на регионот. Притоа, Пендаровски се заблагодарил за поддршката на американската администрација, и лично на Ескобар, во однос на потребата за напредокот на земјите од регионот кон ЕУ.
Пендаровски исто така ја истакнал посветеноста на Македонија, како најнова членка на НАТО, да придонесе за колективната безбедност и одбрана на вредностите на евроатлантската заедница.
Претседателот уште се заблагодарил на поканата за учество на виртуелниот Самит за демократија, во организација на претседателот на САД, Џо Бајден, што ќе се одржи на 9 и 10 декември 2021 година.