Пендаровски му додели „Орден за заслуги за државата“ на Бигорскиот манастир

„Орден за заслуги за државата“ денеска доби Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, по повод 1000-годишнината од неговото основање. Ова високо државно одликување на епископот антаниски и игумен на Бигорскиот манастир, г. Партениј во претседателската резиденција на Водно му го додели претседателот Стево Пендаровски.

На доделувањето на Орденот присуствуваа и премиерот Зоран Заев, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, членови на Бигорската обител, како и претставници на верски заедници.

Пендаровски по доделувањето на Орденот рече дека нашата генерација има извонредно ретка можност да биде сведок на еден импресивен јубилеј, каков што е 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“.

„Бигорскиот манастир е едно од нашите најголеми духовни светилишта кое низ вековите и денес во континуитет претставува извор на писменост, култура и уметност. Бигорски не е само православен манастир и христијанско светилиште, тој отсекогаш бил прочуен како  место каде помош, поткрепа, човечки збор и утеха можеле да најдат сите без разлика на нивната верска, етничка и каква било друга припадност. Историјата на манастирот и неговата духовна и културна мисија и ангажман лесно ги надминуваат државните граници и ги сплотуваат и обединуват луѓето, што сигурно е најблагородната можна кауза во светот од кој сме дел“, рече Пендаровски.

Тој додаде дека манастирот, на радост на сите, продолжува да живее, да создава добрини и да остава вредности, но и дека е повеќе од убеден дека и во вториот милениум од своето посетоење традицијата ќе биде продолжена, а „сите ние ќе бидеме задолжени со нови културни и духовни подвизи и дела достојни за почит“.

Според Пендаровски, и покрај убавите настани и јубилеи како денешниов оваа година ќе ја паметиме и по падемијата која од темел го промени нашето животно секојдневие.

„Живееме во страв и претпазливост поради вирусот додека сме соочени со разните економските последици што тој ги предизвикува. Меѓутоа, токму во вакви моменти повеќе од кога било ни е потребна верба, солидарност и меѓусебна почит, грижа и внимание, љубов, подарување кон блиските, сиромашните, кон ранливите. Навикнати на комотноста, секоја промена ја доживуваме фаталистички и многу полесно од порано дозволуваме да не совладаат нетрпеливоста, гневот и фрустрациите. Меѓутоа токму илјадагодишната приказна на Бигорски не подучува дека животот не е само мед и млеко и дека, како што вели народната мудрост, ‘во секое лошо има и по нешто добро‘. Човековата историја памети и други апокалиптични собитија, но човечкиот род секогаш излегувал возобновен со нови животни искуства. Така ќе биде и овој пат“, додаде Пендаровски.

Епископот антаниски г. Партениј се заблагодари за Орденот и рече дека со ова почесно одликување нашата држава покажува дека умее да го препознае и да го вреднува и она што според зборовите на Светото писмо е вистинско, чесно, праведно, чисто, љубезно, што е достојно за слава, она што е добродетел, што е за пофалба. Светиот Бигорски манастир, како што кажа епископот г. Партениј, не само што веќе еден милениум ги озарува овие простори со зраците на Божјата светлина и светост, со словото на Боженственото евангелие, туку низ историјата одгледал духовни и општествени дејци заслужни за нашата духовност, образование култура и државност.

„Секојдневно сме сведоци на девалвирање на вредностите што се дел од човекот, на разноразни клевети, озборувања и лажни вести кои причинуваат штета во психосоматскиот систем на човекот, а особено на младите. Ете зошто денешново високо одликување од страна на највисоката државна институција на древниот Бигорски манастир како место на постојана молитва и патоказ за духовна генерација испраќа силна порака во нашето општество за тоа дека калта на овој свет не може да го засени блесокот на златото (севкупното христијанско наследство и Светото православно предание), што ја одразува светлината на Божјата убавина на благородството и на љубовта“, додаде епископот г. Партениј.

По обраќањата настапи бигорскиот монашки хор.

Централната прослава на 1000-годишниот јубилеј ќе биде одржана в недела во Бигорскиот манастир. Одбележувањето ќе почне во 9 часот со Божествена архијерејска литургија, со која ќе чиноначалствува Неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во сослужение со своите собраќа од Светиот Синод на МПЦ-ОА. По завршувањето на литургијата, со пригодно слово кон присутните, освен архиепископот г. г. Стефан, ќе се обрати и покровителот на прославата, претседателот на државата Стево Пендаровски.

Западен Балкан оди во насока на целосна контрола на државните институции во служба на политичките елити. Не е чудо што граѓаните имаат ниска доверба во овие институции.

повеќе

Граѓаните се преморени од бескрајните, приказни на предавници и патриоти, тирански платформи, договори со Грција, Бугарија, рекети, пописи, тендери,

повеќе

Критичкото малцинство, на 2020 година не гледа само како на година која ја донесе вирусната пандемија, туку и како на година која донесе и еден друг вид на пандемија, онаа на КОВИД-авторитаризмот.

повеќе