„Беше изразено задоволство од нивниот позитивен развој, преку конструктивна соработка и размена на посети на највисоко ниво. Република Северна Македонија и Република Албанија, преку посветеноста на добрососедските односи, даваат силен придонес за просперитетот, стабилноста и безбедноста на регионот, како и за неговата европска перспектива. Двете држави, како сојузници во НАТО, даваат свој придонес и во одбраната на вредностите на евроатлантската заедница“, соопшти Кабинетот на Пендаровски за средбата.
Во однос на аспирациите за членство во Европската Унија, двајцата претседатели, како што се наведува во соопштението, ја констатираа потребата од деблокирање на процесот и скорешен почеток на пристапните преговори на двете држави за членство во Унијата што, според нив, ќе има позитивен придонес за севкупниот напредок и стабилноста на регионот.
Претседателот Пендаровски упати честитки по повод изборот на Република Албанија за непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации во периодот 2022-2023 година.