Во Атина

Пендаровски до Мицотакис: Заслужуваме преговори со ЕУ и ни треба вашата поддршка

Преспанскиот договор е нашата врата во евроинтеграциите и имаме намера да го имплементираме до последната точка и запирка, но очекуваме и двете страни да се придржуваат на тоа што е напишано, изјави претседателот Стево Пендаровски по средбите со грчкиот државен врв. 

„На средбите и со претседателката на Грција и со премиерот ми беше потврдено дека Преспанскиот договор, независно од ставовите на тие актери од претходно, ќе го почитуваат, дека тој важи и дека сакаат негова целосна имплементација“, рече Пендаровск во изјава за македонските медиуми. 

Ставот што го пренел на двете средби е дека очекуваме и двете страни да се придржуваат на тоа што е напишано, бидејќи договорите треба да се почитуваат, а тоа е знак дека државата е сериозна. 

„Ние сме апсолутно сериозни во тој дел и имаме политичка намера да го имплементираме сето она што е напишано и замолив и од грчка страна поголема ажурност во однос на неколку компоненти од договорот што поради, пред сѐ поради ковидот, се на еден вид стенд бај“, рече тој. 

На средбата со премиерот Мицотакис посебна тема бил Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија, а Пендаровски, како што рече, од него, како влијателен член на Европската народна партија и како премиер на земја членка, побарал поддршка. 

„Веројатно сме најдобро подготвена земја-кандидат во историјата на Европската Унија. Значи потребна ни е, заслужуваме реална можност за да ги започнеме преговорите и се потпираме на вас, на вашата поддршка, како и секогаш“, кажал Пендаровски во почетокот на средбата со Мицотакис. 

Одговарајќи на прашање на МКД.мк во однос на спорот со Бугарија и грчката поддршка, Пендаровски рече дека спорот треба да го решат Скопје и Софија, а сите други треба да направат амбиент и да креираат атмосфера.

„Во однос на Бугарија, не знам зошто нашите пријатели од Софија се нервираат кога ќе кажеме дека преку некоја трета држава се обидуваме да седнеме заеднички на маса, бидејќи навистина спорот меѓу Софија и Скопје може да се реши само билатерално, а сите други треба да направат амбиент и и да креираат атмосфера што ќе потврди дека прашањето на европската интеграција не само на Северна Македонија во ЕУ, туку на целиот Западен Балкан, стана и геостратешко прашање и затоа има дополнителна тежина. Не побарав гаранции или ветување бидејќи не зависи од него, но добив јасна изјава дека тој и до сега го правел тоа и ќе го прави натаму. Влијателни земји можат да влијаат од заднината и да креираат атмосфера“, изјави Пендаровски.

Тој потврди дека постојат контакти на работно ниво на министерствата за надворешни работи, иако во Бугарија има влада на техничко ниво. Притоа не исклучи дека во Словенија е можна средба меѓу нашиот и бугарскиот претставник, како и дека е можно да има и други лобирања во заднината на земји членки, но додаде дека нема потврда дали тоа ќе се случи. 

„Но ЕУ и словенечкото претседателство имаат надеж и не мируваат туку се обидуваат на секаков можен начин главните актери и тие во позадина што олеснуваат да ги седнат на маса и да ја завршат целата работа до крајот на годината, најверојатно, ако се договориме со нашите пријатели од Софија, во периодот од 21 ноември до првите 10-15 дена од Европскиот совет, последниот годинава“, вели Пендаровски. 

На средбата со Мицотакис, Пендаровски го покренал и прашањето за трите меморандуми што чекаат на ратификација во грчкиот парламент и добил образложение дека внатрешната политичка динамика на Грција е специфична и дека најмногу од тоа ќе зависи ратификацијата на тие договори. 

„Премиерот треба да му ги предложи на парламентот и замоли за трпение бидејќи, како што рече, немаат ниту една причина да го рушат Преспанскиот договор без разлика на неговиот став пред потпишувањето и во првиот погоден политички момент кога ќе биде можно ќе ги поднесат за ратификација. Нема намера да се опструира договорот ниту билатералната соработка“, изјави македонскиот претседател. 

Во однос на промената на таблите со новото име, пак, добил образложение дека се сменети таблите на граничните премини, а не и во внатрешноста, затоа што тоа било наводно надлежност на општините. 

По денешните средби со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и со премиерот Кирјакос Мицотакис, Пендаровски имаше работен ручек со градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис, а вечерва свечена вечера приредува претседателката на Грција на која се поканети и неколку политички лидери. 

Од Атина за МКД.мк

Жана П.Божиновска

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе

Нема простор за двоумење и губење време, затоа Македонија и Бугарија треба да соработуваат што е можно поскоро за да најдат јасен јазик за разбирање, во процес кој би бил следен од ЕУ, Вашингтон и ОН.

повеќе

Наместо да ги повлечат тужбите против воените инвалиди и членовите на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили, МВР отиде дотаму што поднесе тужби дури и против членовите на семејствата на загинатите полицајци со законска камата да ја вратат земената оштета.

повеќе