Жешка собраниска дискусија

Павле Трајанов под притисок од ВМРО-ДПМНЕ да се изјасни дали е за или против францускиот предлог

Пратеникот и лидер на Демократски сојуз Павле Трајанов на седницата на која се расправа за францускиот предлог ги образложи предлог заклучоците кои ги изготви тој, а се сублимат како што рече од заклучоците на Владата и на опозицијата дополнети со конкретни ставови. Потоа Трајанов беше изложен на барање на повеќемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои инсистираа да се изјасни јасно и гласно дали е за или против францускиот предлог. Трајанов рече дека нема да прифати менување на Уставот без реципроцитет за македонското малцинство во Бугарија.

Павле Трајанов во својата дискусија рече дека е добро што досега во расправата за францускиот предлог се вклучија и експерти и медиуми и граѓаните, па и демонстрантите, како што рече, тоа е добро за демократијата.
„Заложбата за ЕУ е континуитет од 1991 година. Но тој пат е тежок, Македонија направи бројни отстапки поради блокадите. Имавме и внатрешни проблеми кои се одразуваа на евро-процесот. Сепак, Македонија беше добар пример на Балканот поради својата политика", рече Трајанов.

Ние како Демократски сојуз ја поддржуваме Македонија да влезе во ЕУ, како што се залагавме и за НАТО. Но процесот го блокираше Грција, потоа Франција, а сега тоа го прави Бугарија, поради која земја процесот стана навистина многу сложен, додаде Трајанов.

„Имаше обиди преку парламентарната група да се предложат заклучоци, ако имаше чувство на одговорност можеа од неколкуте предлози да се изработат подобри заклучоци. Сакам да прочитам предлог-заклучоци на Демократскиот сојуз. Некои од нив се поклопуваат со заложбите на СДСМ, а други со тие на ВМРО-ДПМНЕ", рече Трајанов.

ДС ја охрабрува Владата да продолжи со преговорите со ЕУ, но да се вградат европските и копенхашките принципи. Владата да се држи до зачувување на особености на македонкиот народ, нешто за што не се преговара. Преговорите да се водат согласно резолуцијата на Собранието од минатата година. Конечно, се задолжува Владата преговарачката рамка, заедничкиот став на ЕУ, Советот на ЕУ да се задолжи предлогот да се корегира. При почетокот на преговорите, бидејќи е извесно документите да се преведуваат на македонски јазик, тоа не е спорно, но инсистираме на тоа дека македонскиот јазик мора да се почитува.
Затоа да се додаде став дека со приемнот на Македонија во ЕУ македонскиот јазик станува официјален јазик на ЕУ без никакви додавки или еднострани огради, нагласи Трајанов.

Тој нагласи дека треба да се избришат „годишните прегледи", па додаде дека како што рече претседателката на ЕК, нема да се преговара за историските и идентитески прашања, кои ги има во рамката за преговори. Трајанов потенцира дека треба да постои една, прва меѓувладина конференција, а не втора условена од отворањето на македонскиот Устав.

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ реплицира дека заклучоците на Демократски сојуз навистина се разликуваат од тие на СДСМ, но додаде дека сигурно нема да бидат прифатени.

„Ова се времиња кога секој од нас треба да прикаже дефиниран став, дали е за или е против. Господине Трајанов, треба да се изјасните, затоа што за прифаќање за францускиот предлог се доволни 41 пратгеник. Знаете дека и со вас и без вас власта има доволно гласови. Не може да играте и вака и така, треба да се изјасните, а не да си игра слалом во Собранието. Вашиот став го чека и македонската јавност", рече Стојаноски.

Трајанов во форма на контрареплика одговори дека еден од заклучоците е Советот на ЕУ да донесе заклучок дека ја охрабрува Бугарија да ги имплементира пресудите од Европскиот суд.

„Мојот став е јавно соопштен и....", рече Трајанов и во тој момент му истече времето и му беше исклучен микрофонот, па не се слушна неговиот одговор.

Неколкумина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ му порача на Трајанов навреме да се пензионира, затоа што со децении е на функции, а притоа без јасни ставови за клучните теми на државата.

Tрајанов во нова контрареплика рече дека борбата за Македонија ќе биде тешка и дека треба да се отстранат меѓусебните расправии и дека се обидува Собранието да изгради единствен став.

„Дали ќе биде да или не, ќе одлучи Собранието, а јас се залагам да се зачуваат нашите национални интереси", рече Трајанов.

„Лицемерно е што седите во Влада која ова го договарала, а овде разговаме за тоа дали е штетен или не францускиот предлог. Со вакви заклучоци само наликувате на возач кој е во бегство со возило од ограбена банка. Се плашам дека спонзорот е Зоран Заев. Единствено ќе ви признам дека размислувате во насока дека договорот не е добар. Наместо да бидете возачот на автомобилот со кој се ограбува народот и државата, излезете од тоа возило и напуштете го", му реплицираше Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.

„Мојот цврст став е да се движиме кон ЕУ. Тоа што направив сублимат од заклучоците е клучно и мислам дека граѓаните ќе проценат дали се тие добри или не. Не е време за рушење на Владата во овие клучни моменти", во контрареплика рече Трајанов.

Антонио Милошоски на Трајанов му постави прашање: Дали на Македонија ѝ се наметнати уценувачки услови или не?

„На денот кога Ковачевски и Османи ќе се фотографираат во Брисел, Албанија истиот ден ќе ги започне преговорите, а Македонија ќе остане во чекалницата. А зошто, затоа што Македонија е уценета со менување на Уставот од страна на Бугарија. Преговарачката рамка ја прифаќа Владата, така е и кај другите држави. Владите носат заклучоци и оставаат да бидат прифатени или не", рече Милошоски.

Трајанов на тоа возврати: „Се разбира дека ако преговарачката рамка е прифатлива, немаше да влегувам во дискусија и во обид за изготвување на заклучоци. Ако не биде прифатено дополнување Македонците да бидат признаени во Бугарија барем согласно одлуките на Судот за човекови права, тогаш јас нема да гласам за менување на Уставот со цел Бугарите да влезат во него".

„Ќе ве држиме за збор", му рече една пратеничка, а потоа друга му возврати дека неговите заклучоци не е можно да ги прифати владејачкото мнозинство и дека затоа не треба и натаму да ја потценува интелигенцијата на колегите пратеници и на јавноста.

„Колега Трајанов, јасно кажете дали сте за или против францускиот предлог и ако сте против, кажете дека излегувате од Владата. Немајте гајле, без вас нема да падне Владата, има други кои чекаат да влезат“, рече Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ.

Трајанов ја праша Панова дали би гласала за неговите заклучоци, но таа не можеше да одговори зашто нема право на збор по неговата контрареплика.

Во врска со некои дискусии во кои на Трајанов му беше укажувано дека самостојноста на државата е во опасност, тој возврати со зборовите дека токму тој во 1991 година, меѓу другото, бил директно ангажирал во одземањето на воената евиденција од тогашната Југословенска народна армија.

На дискусиите на Трајанов реагираше и претседателот на Собранието Талат Џафери со забелешка дека се води расправа по информација од Владата за предлог-преговарачката рамка, а не за предлог заклучоци. 

За време на говорењето на Трајанов не беа активирани вувузелите и свирчињата кои и денеска со себе во собраниската сала ги донесоа пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

За расправа се пријавени уште 26 пратеници.

 

П.Џ.

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе