Предлог-закон за измена и дополнување на Законот за бранители

Партијата Достоинство побара милион денари по член на семејство на загинат бранител од 2001

Политичката партија Достоинство изработи Предлог закон за измена и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на РМ и на членовите на нивните семејства, односно на Законот за бранители.

Фото: скриншот

Со предлог-измената, како што информираше на денешната прес-конференција претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов, ќе побараат дополнување во глава 4 на членот 12 каде што е предвидено право на еднократен паричен надомест.

„Предлогот што ние го нудиме е еден милион денари по член на семејство на загинат бранител од 2001 година, кој е необесштетен или вкупно по околу 50 илјади евра. Воедно, нудиме една формула за обесштетување на воените инвалиди по 50 илјади евра за сто процентен воен инвалид и сразмерно на тоа, 5 илјади евра за 10 процентен воен инвалид. Да напоменам дека сите тешки воени инвалиди се обесштетени, имаме само 30 полесно ранети воени инвалиди кои се надевам дека најпосле праведно ќе бидат обесштетени“, рече Ангелов.

Тој информираше дека во државата има околу 15 семејства на загинати бранители што досега се необесштетени. Другите семејства на бранители се обесштетени, некои од нив со склучување спогодби со Министерството за одбрана, други со судска пресуда. Како што рече, има околу 30 воени инвалиди што до ден денес се необесштетени.

„Со оваа измена и дополнување на Законот ќе се обидеме да ја исправиме неправдата која до ден денес ја трпат дел од семејствата на загинатите бранители и дел од воените инвалиди, ранети или повредени во 2001 година. Ги повикуваме сите семејства на загинатите бранители од 2001 година и потоа да се јават до Достоинство, за да ги ажурираме податоците и сите да бидат опфатени во измената која се надеваме дека оваа недела ќе влезе во собраниска процедура“, додаде Ангелов.

Во врска со оваа иницијатива за измени и дополнување на Законот за бранители, Ангелов посочи дека пред неколку месеци оствариле средба и со премиерот Димитар Ковачевски кој, како што рече, позитивно гледа на оваа иницијатива и ги упатил во Собраниска процедура кај координаторот на пратеничката група  на СДСМ. Воедно, како што додаде, има позитивна волја и разбирање и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ“, Христијан Мицкоски.

Оваа недела од Достоинство ќе побараат средба со пратеничките групи и од власта и од опозицијата, вклучително и Левица.

Ангелов денеска исто така ја поздрави и одлуката на Владата донесена на седница минатата недела, со која се стопира присилното извршување, односно одземање на оштетата на бранителите од 2001 година, која што ја имаат добиено како надомест на нематеријална штета. Владата со одлука го задолжи Министерството за финансии сите оние пари кои што минатите години државата им ги одзела присилно, да им бидат вратени назад.

На овој начин, според Ангелов, ќе биде исправена една голема неправда.

„Во крвавата 2001 година во одбраната на татковината беа ранети околу 350 бранители, 350 припадници на безбедносните сили на Македонија. Повеќемина беа силно трауматизирани. Околу 70 припадници на безбедносните сили загинаа или починаа подоцна како резултат на добиените рани или повреди. Дел од овие припадници на безбедносните сили што беа ранети беа обесштетени, дел останаа необесштетени до денес. Триесетина бранители според нашите информации, за жал до ден денес се необесштетени“, рече Ангелов.

Додаде дека од оние што беа обесштетени, во минатата декада против 30 од нив беа покренати тужби да ја вратат оштетата.

„Благодарение на притисокот на Достоинство, тогаш Здружение во 2009 година, Владата на ВМРО-ДПМНЕ излезе во пресрет на нашите барања и тужбите против воените инвалиди но и семејствата на загинати беа повлечени. Значајно да напоменам дека апсурдот отиде до таму што дури и неколку семејства на загинатите бранители што изгореа во заседата кај селото Вејце исто така беа тужени да ја вратат земената отштета. За жал, четворица од воените инвалиди што настрадаа во 2001 година и потоа, продолжија и понатаму да ја враќаат земената отштета. Овие луѓе сѐ до сега беа принудени преку извршител со камата да ја враќаат земената отштета“, додаде Ангелов.

Тој ѝ се заблагодари на Владата поради покажаната добра волја и грижа за бранителите.

Делегацијата на Достоинство денеска положи цвеќе пред споменикот на бранителите во Скопје.

Легенда под Главна слика

Фото: скриншот

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе

Потписниците на нотарските изјави дека нема да гласаат за измените на Уставот се подложни на промени за материјално благо.

 

повеќе