Помалите партии се осамостојуваат

Парламентарното мнозинство стабилно - владејачката коалиција скусена

По одлуките за самостоен настап во парламентот на ЛДП и Демократскиот сојуз, претходно и на БЕСА, коалицијата на СДСМ во Собранието сега има 39 пратеници, а парламентарното мнозинство 62 пратеници. Но стабилноста на мнозинството честопати во парламентот е на испит поради отсуствата во клупите на ДУИ.

И партијата ДОМ најави дека планира да дејствува самостојно во парламентот. Пратеничката и претседател на оваа партија Маја Морачанин вели дека преку самостоен настап во парламентот ставовите на партијата и целокупното нејзино дејствување на политичката сцена ќе бидат позабележливи за граѓаните.

„Кога сте независен пратеник имате повеќе процедурални можности во Собранието, за тоа имаме потреба бидејќи ДОМ, како зелена партија, има многу програмски вредности со решенија за подобар и поздрав живот, кои се од интерес на граѓаните. Тоа не значи дека ce дестабилизира парламентарното мнозинство", рече во дебатна емисија на ТВ 21 Морачанин.

Првиот тест за позиционираноста на ДОМ веројатно ќе бидат локалните избори, на кои партијата планира да настапи самостојно.

Самостоен настап на изборите планира и Либерално демократската партија, која прва и официјално, преку сооопштение минатата недела најави излегување од владејачката коалиција во Собранието, а тоа од премиерот Зоран Заев беше протолкувано како одлука несоодветна на политичкиот момент и како удар врз коалицијата. Истиот ден, поддршката ЛДП ја доби од Демократскиот сојуз чиј лидер Павле Трајанов најави дека таквата одлука е исправна и добра за помалите партии кои имаат конкретни програми и ставови.

Двете партии своите одлуки ги официјализираа преку известување за самостојно дејствување со допис до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој за тоа информираше вчера. Претходно, потврдија дека ќе ја поддржат Владата на претојните интерпелации. Лидерот на Демократскиот сојуз Трајанов вели дека самостојното дејствување не е поврзано со стабилноста на парламентарното мнозинство.

Самостојното дејствување и на БЕСА со четворица пратеници не ја урна ниту коалицијата на СДСМ. Сепак, деновиве има нови искри помеѓу СДСМ и БЕСА, особено поради одлуките на конкурсот за проекти од областа на културата, кои според заменик министерот за култура Седат Сулејмани биле и дискриминаторски кон проекти од албански дејци. Дел од медиумите веќе шпекулираат со излегување на БЕСА од Владата.

Математички, коалицијата на СДСМ сега брои 39 пратеници, наспроти 46 колку беа пред осамостојувањето на БЕСА, ЛДП и Демократскиот сојуз. Вкупно, парламентарното мнозинство кое го предводат СДСМ и ДУИ брои 62 пратеника.

Но, во редовите на ДУИ, чести се отсуствата на пратеници, а подолго време очигледно е несогласувањето на координаторот Изет Меџити со партиската политика Али Ахмети и Артан Груби, па оваа партија е можеби и главниот предизвик за стабилноста на мнозинството. Дури, Меџити го надмина и својот лидер Ахмети според бројот на отсуствата од седниците. Но, тој и натаму е недостапен со изјава да проговори за состојбите во ДУИ.

П.Џ.

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе