Аман

Османи во Јордан ја отвори Медитеранската конференција на ОБСЕ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Јордан ја отвори овогодинешната Медитеранска конференција на ОБСЕ, во својство на претседавач на групата медитерански партнери за соработка на ОБСЕ, соопштија од МНР.

Во воведното обраќање, министерот Османи се осврнал на споделените безбедносни предизвици со кои се соочуваат земјите од Медитеранот и земјите учеснички на ОБСЕ. Тој упатил на агресијата од страна на Руската федерација врз Украина и силното влијание врз политичките и безбедносните процеси врз регионот на ОБСЕ и земјите од Медитеранот.

„И покрај тоа што нашите заеднички напори да ја запреме агресијата врз Украина во моментот не вродуваат со плод, во светло на воинственото лице на Руската федерација, ова не е време за дефетизам, туку активен ангажман. Ние мора да најдеме начин да ги намалиме болката и тежината на агресијата, со силен фокус врз луѓето кои страдаат и имаат потреба од поддршка. Треба да го искористиме овој форум за да повторно ја подвлечеме безбедносната меѓузависност меѓу двата региона, тој на ОБСЕ и Медитеранот, конструктивно и во духот на вистинско партнерство – споделени приоритети кои задираат во животите на сите наши граѓани“, истакнал министерот Османи, стои во соопштението од МНР.

 

Тој упатил на важноста од спроведување на националните агенди во функција на поддршка и зајакнување на младите, жените, справувањето со ефектите на климатските промени и борбата против трговијата на луѓе. Подвлекол дека овие теми ќе бидат дел од приоритетната агенда на нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 година.

„Нашата младина веќе ги чувствува сините ефекти од климатската криза. Тие треба да бидат на браникот во справувањето со овие феномени во годините што доаѓаат. Нашата иднина ќе биде во нивни раце и ние мора да создадеме предуслови за нивна ефикасна акција и делотворен ангажман“, нагласил министерот Османи.

Во дискусијата на отварањето учествуваа министрите за надворешни работи на Јордан, Сафади; Полска, Рау; Шведска, Билсторм (преку видео обраќање) и генералната секретарка на ОБСЕ, Шмид. Фокусот на дебатата, информираат од МНР, бил насочен кон безбедносните предизвици предизвикани со агресијата на Руската федерација врз Украина и соодветните импликации, безбедносната меѓузависност меѓу регионите, европскиот и медитеранскиот, и потребата од конкретна соработка и позитивен ангажман, импликациите од агресијата, недостигот и недостапноста на храна, енергетската несигурност, климатската криза…

На дводневната конференција учествуваат преку 200 високи претставници на земји учеснички на ОБСЕ и медитеранските партнери за соработка на приоритетни теми поврзани со зајакнувањето на младите и жените, справувањето со ризиците од климатските промени и трговијата со луѓе, и сл. 

Во рамки на работната посета на Хашемитското Kралство Јордан, министерот за надворешни работи Бујар Османи го посети Почесниот конзулат на Република Северна Македонија во Јордан со седиште во Аман, со кој раководи почесната конзулка, Худа Ибрахим Насер Нафа каде беше приреден и прием за претставници на нашата дијаспора.

Како што се наведува во соопштението од МНР, Османи ја подвлече важноста на Почесниот конзулат во Аман потенцирајќи дека „во земја каде што немаме дипломатско конзуларно претставништво улогата на Почесниот конзулат е од суштинско значење за зајакнување на билатералната соработка меѓу двете земји, за придонес кон трговската размена како и за промовирање на инвестициските и туристички можности на нашата држава во Јордан", при што ја искористи оваа прилика да и се заблагодари на почесната конзулка Нафа за досегашната заложба и посветеност.

Во разговор со претставниците на дијаспората, министерот Османи, ја потврди посветеноста на Владата за зајакнување на односите со дијаспората и информираше за активностите на МНР за имплементација на Акцискиот план на Националната стратегија за дијаспората, како и за бројните проекти кои директно се поврзани со дијаспората, се наведува во соопштението.

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе