Попишувањето на македонските дипломати и нивните семејства во странство и тоа ќе трае до 15 март. Почнува и самопопишувањето за оние граѓани кои се надвор од земјава и ќе влезат во делот на нерезидентно население, а овој процес ќе се одвива од 1 март до 21 април.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави дека граѓаните кои се надвор од земјава ќе се попишуваат онлајн, преку веб страницата на Државниот завод за статистика, а ќе може да се информираат за самиот процес на пописот преку МНР, неговата веб страница, сервисите на вибер и ватсап, како и преку мобилната апликација која е направена на 8 јазици. Апликацијата ќе биде идентична како и прашалниците кои ќе ги користат попишувачите. Граѓаните во странство ќе се информирааат за пописот и преку социјалните мрежи, преку македонските медиуми, преку локални радија...
„Процедурата е многу лесна, од денеска почнува и кампања за информирање на граѓаните во странство. Овој попис ќе ни помогне да ги подобриме услугите кон граѓаните кои живеат надвор, каде да ги лоцираме нашите конзуларни услуги во иднина“, рече Османи на денешната заедничка прес конференција со директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
Симовски го оцени процесот на самопопишување на граѓаните кои живеат во странство како сериозен, сложен, но многу значаен. Тој се заблагодри на МНР што ги ставило на располагање на своите капацитети. Обезбедени се сите мерки, сите податоци на граѓаните да бидат заштитени, рече Симовски.
Во соработка со Министерството за одбрана ќе се попишат граѓаните кои се наоѓаат во служба на армијата во странство, а заедно со министерствата за правда и за труд ќе се попишат затворениците и лицата бездомници.