OMO Илинден Пирин: Геноцидната политика на Бугарија кон Македонија раѓа само омраза

Коментарите во Бугарија за фудбалскиот натпревар меѓу Македонија и Бугарија се полни со осуда за македонските навивачи кои ја исвиркаа бугарската химна и ги навредуваа бугарските фудбалери. Секој човек би осудил мешање на политика и спорт, политиката треба да биде далеку од спортските терени. Но, политиката која Бугарија со децении и векови ја води кон Македонците, која е посебно изразена и крајно засилена во последните 4-5 години, целосно ја уништува толеранцијата кај Македонците, се вели во реакцијата на нерегистрираната партија на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин.

„Македонците се свесни дека крајната цел на бугарската политика е бришење на македонскиот јазик, култура и идентитет, насилно наметнување на вештачки бугарски идентитет на Македонците, т.е. бугарска асимилација која е добро позната во Пиринска Македонија, и на крај поделба на Македонија меѓу Бугарија и Албанија.

Бугарски народе, дали конечно ќе го ставите прстот на челото и ќе се запрашате од каде таа омраза?  Што ја предизвикува таа омраза на Македонците кон Бугарите?

Каде сте виделе вие еден народ на друг народ да му наметнува историја, со сила да сака да му ги пишува историските учебници, да му го негира мајчиниот јазик, да му ја негира националната посебност, да му забранува да биде таков каков што се чувствува! Тоа не го правел ни Хитлер кон поробените народи.

Бугарски народе, дозволивте бугарските фашизоидни политичари и историчари да ве задојат со антимакедонска хистерија, со антимакедонски чувства, иако Македонците и Бугарите како соседи треба да бидат блиски народи.

Запрашајте се зошто бугарската историја крие од вас голем број историски личности и зошто за голем број други личности ве учат со фалсификат историја, и кријат голем број документи кои се наоѓаат во бугарските историски архиви.

Зошто кријат од вас дека вистинското име на таканареченото Кресненско-Разлошко востание од 1878 година е Македонско востание, за кое нешто најголем доказ се оригиналниот печат на востанието кој и ден денеска се чува, и писмата на еден од водачите на востанието - Димитар Поп Георгиев Беровски, кој се потпишувал како водач на Македонското востание.

Дали знаете што пишува на знамето на Разловечкото востание од 1876 година? Зошто кријат од вас дека во 1880 година Ѓорѓи Пулевски во Софија ја печати „Словенско-населенска македонска слогница речовска“ која се смета за прва македонска неформална граматика? Зошто кријат од вас дека истиот Ѓорѓи Пулевски во 1875 година го објавува и „Тријазичникот“ во кој пишува за посебноста на Македонците како народ и за македонскиот јазик?

Зошто не знаете кој бил Теодосиј Гологанов? Зошто не знаете кој бил Атанас Раздолов? Зошто не знаете кој бил Петар Драганов? Зошто не знаете кој бил Димитрија Чуповски? Зошто кријат од вас дека во 1903 година во Софија, бугарската држава дала наредба да се запали книгата „За Македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков? Зошто не знаете ништо за Македонското студентско друштво формирано 1891 во Софија и за Младата македонска книжовна дружина формирана во Софија во 1892 година, која подоцна ќе биде позната и како Лозарско движење односно Лозари, поради нивниот весник Лоза, а чии членови Даме Груев и Петар Поп Арсов две години подоцна, во 1893 во Солун ќе бидат главни иницијатори за формирањето на историското ВМРО, односно како што е првото и оригинално име МРО - Македонска револуционерна организација.

Дали знаете како гласи заветот кој бил запишан на ковчегот во кој биле чувани моштите (коските) на Гоце Делчев?

Дали знаете дека Илинденското востание и во бугарската историја било познато како Илинденско се до појавата на диктаторот и македономрзецот Тодор Живков, кој дава наредба да се фалсификува името на востанието и да се промени во Илинденско-Преображенско востание, за да му се даде лажен бугарски карактер на востанието.

Дали знаете кој е Војда Чернодрински и неговата драма Македонска крвава свадба, поставена и изведена во 1900-та година на македонски јазик среде Софија?

Зошто не знаете ништо за неколкуте ученички бунта на учениците Македонци во Солунската егзархиска машка гимназија, кои барале да учат на мајчин македонски јазик, наместо на бугарски? 

На првиот од тие бунтови во 1887/88 водачи биле Даме Груев и Петар Поп Арсов, а на бунтот осум години подоцна еден од водачите е Христо Узунов.

Зошто го кријат од вас говорот на Димитар Благоев во бугарскиот парламент во 1917 година?

Дали знаете дека во 1759 година Македонците имале свој полк во рамките на Руската царска војска, кој бил познат како Македонски полк кој имал своја црвено-жолта униформа, и бил посебен од бугарскиот и од српскиот полк?

Има уште многу, многу, многу примери за посебноста на македонскиот идентитет, култура и историја, кои намерно се кријат од обичниот бугарски човек, кој со векови е задојуван со идејата дека Македонци не постојат, дека ги измислил Тито, што е невиден апсурд и понижување за Македонците.

Со фашизоидна политика кон Македонците, Бугарија нема да добие ништо друго освен отпор и омраза кон бугарскиот фашизам. Историјата е најдобар учител. Доволно е само бугарските политичари да се сетат како помина бугарскиот фашизам во Македонија во Втората светска војна.

Македонците под никакви услови, закани и уцени нема да прифатат да бидат нешто друго, и бугарските историчари и политичари треба да бидат свесни дека тие се најодговорни за омразата која се создава меѓу двата народа.

Го повикуваме бугарскиот народ да не потпаднува под влијание на бугарските историчари и политичари, кои со нивниот антимакедонизам се највиновни за денешните катастрофални односи меѓу двата соседни народи.

На Бугарија ѝ се потребни нови млади историски и политички сили, кои објективно и непристрасно ќе ги извадат на површина историските вистини кои долго беа криени, и кои ќе успеат да го угасат антимакедонизмот кој со децении е всадуван кај обичниот бугарски човек“, се вели во реакцијата на ОМО Илинден Пирин.

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе