„Очекуваме соработка со администрацијата на претседателот Бајден за да постигнеме вистинска и трајна промена на позицијата на Македонија во глобални рамки. Во последните неколку години, глобалниот статус на Македонија длабоко страдаше поради недостатокот на поддршка од Западот против дискриминаторските и ксенофобични напади насочени против Македонија и македонскиот народ", се вели во пораката.
ОМД е во фаза на изработка на клучните цели кои организацијата треба да ги постигне во 2021 година, а критична цел ќе биде соработката со американските власти во насока на подобрување на инвестициите и економските можности за Македонија, како и потпишување и спроведување на Договорот за одбегнување на двојно оданочување помеѓу двете земји.
„Исто така, ќе бараме гаранции дека владата на САД нема да поддржува било какви политички ултиматуми од грчката и бугарската влада насочени против Македонија".
Во соопштението се наведува дека напорите на Македонија да го заземе нејзиното заслужено место во рамките на Европската Унија и НАТО отсекогаш беа и се поддржувани од ОМД, но не по секоја цена.
„Патот до НАТО не беше лесен, и истиот за жал, резултираше со промена на името на земјата и поткопување на македонскиот идентитет. За жал, и покрај овие лоши отстапки што ги направи сегашната влада, процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ и понатаму трпи одолговлекувања поради себичните барања на бугарската и грчката влада. ОМД и нејзините млади водачи Генерација М исто така се залагаат и напорно работат за поголемо јавно признавање на системската и историската дискриминација со кои се соочуваат македонските малцинства во Бугарија и Грција, а кои продолжуваат до ден денес", се вели во соопштението на ОМД.
Стојан Николов, претседавач на ОМД вели дека ОМД очекува дека администрацијата на Бајден ќе игра поголема улога на Балканот и Југоисточна Европа.
„Ние веруваме дека е потребен и нов американски фокус за унапредување на економскиот развој и создавање работни места - спречување на одлив на мозоци од Македонија и други земји.
„Би сакале оваа администрација да донесе и спроведе Договор за одбегнување на двојно оданочување со Македонија што е можно порано за да ги прошири трговските односи и да им користи на американските и македонските бизниси и поединци, особено на пензионерите. Откако ќе се вратиме на одредена нормалност од пандемијата КОВИД-19, ги повикуваме државниот секретар и секретарот за трговија на новата администрација да се посветат на организирање на Самит за бизнис меѓу САД и Балканот во Охрид, Македонија, за да ги охрабрат американските инвеститори да инвестираа во Македонија и регионот", вели Николов.
Мето Колоски, претседател на ОМД изјави дека во ОМД постои надеж дека
претседателот Бајден и потпретседателката Харис ќе ја стават економската дипломатија во фокусот на нивната администрација со цел водење на прогресивна и инклузивна надворешна политика што ќе ги претставува правата на таа најскапоцена американска вредност: самоопределувањето.
„Со нетрпение очекуваме да работиме со претставници на администрацијата на Бајден за да и помогнеме на Македонија да заземе централно место како водечки сојузник на САД на Балканот и Југоисточна Европа. Поради ова, ние би сакале да видиме подобро препознавање на предизвиците со кои се соочуваат македонските малцинства, како и поддршката на САД за решавање на уникатните проблеми со кои се соочува Македонија", изјави Колоски.
Со создавање на економска стабилност за Македонија и поддршка на нејзиното право да се приклучи на меѓународните организации како ЕУ, без малтретирање и уценување од страна на нејзините соседи кои го оспоруват македонскиот јазик, идентитет и наследство, би се осигурил подобар и траен мир, и просперитет за целиот регион, а не само за Македонија.