„Огнените“ пред предизвикот со Беса и Кастриот Реџепи да биде разрешен Артан Груби

Во Движењето Беса се размислува да се подготви интерпелација во Собранието на Македонија за првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби. Имајќи предвид дека „огнената група“ на ДУИ токму тоа го бара од својот лидер Али Ахмети, прашањето е дали интерпелацијата е и предизвик за „огнените“ кои имаат двајца пратеници или веќе се наѕира соработка со нив? Има и уште еднo прашање - дали во политичката математика ќе се вклучи и пратеникот Кастриот Реџепи, кој лани на опозицијата им ја расипа математиката за паѓање на Владата?

На прашањето на МКД.мк дали Беса ќе поднесе интерпелација за Артан Груби со цел да ги тестира „огнените“ или партијата е веќе во комуникација со оваа група, потпретседателот на Беса Аријанит Хоџа ниту потврди ниту демантира дека се подготвува интерпелација, но рече дека неделава јавноста ќе биде информирана.

Минатата недела премиерот Димитар Ковачевски изјави дека владејачкото мнозинство е стабилно независно од изјавите на „огнената група“ на ДУИ.

Ако владејачкото мнозинство брои 64 пратеници, а доколку пратениците од ДУИ, Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику, гласаат за интерпелацијата, тогаш тоа мнозинство се тенчи на само 62 пратеници.

Но, лесно може да се дојде и до бројката од 61 пратеник, ако на гласовите против Артан Груби се додаде и независниот пратеник Кастриот Реџепи, кој викендов бил во кафеана заедно со огнените Изет Меџити и Блерим Беџети. Под фотографијата на Фејсбук која беше објавена, е напишано „Заедно“. 

Голем број медиуми објавија дека фотографијата значи дека на „огнената група“ на ДУИ им се приклучил Реџепи, до лани пратеник токму на Беса, а од ноември минатата година независен пратеник.

Но, кога во прашање е Кастриот Реџепи, тоа што остана недоволно забележано е дека тој под фотографијата со Меџити и Беџети допишал:  "bashkë#Evropa21 (Заедно Европа 21). 

И тука има мала загатка. Дали Реџепи всушност се приклонува кон „огнените“ или пак неговиот кус фејсбук - коментар значи дека тие ја прифаќаат неговата иницијатива „Европа 21“ како најава за формирање на партија, нешто за што „огнените“ неофицијално најавуваа дека е можно да формираат нова партија? А својата иницијатива „Европа 21“ на крајот од минатата година Реџепи му ја претстави на интегративецот Бујар Османи, министер за надворешни работи, кон кого Али Ахмети има полна доверба.

МКД.мк му го постави токму ова прашање на Реџепи, но и тој, исто како Аријанит Хоџа ни даде одговор во една куса реченица: „Неделава ќе се произнесам преку медиумите“.

Изет Меџити пак, во изјава за ТВ21 најави дека Реџепи ќе дејствува во рамките на ДУИ. 

„Една фотографија е еднаква на 1 000 збора. Пораката е јасна. Да, Реџепи ќе дејствува со пратеничката група на ДУИ", изјавил Меџити.

Паметиме дека кон крајот на минатата година Беса истапи од Владата и заедно со коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива договорија гласање за доверба на Владата и објавија дека го имаат минимумот гласови за паѓање на кабинетот на Зоран Заев. Но на денот на гласањето мистериозно исчезна Кастриот Реџепи, се говореше дека е киднапиран, па Беса дури и го пријави во полиција неговото исчезнување. Излезе дека не бил киднапиран, но не сакал поради евроинтеграцискиот процес да гласа против Владата. Обидот за уривање на Владата не успеа, затоа што без присуството на Реџепи во Собранието немаше кворум за седницата. Беса го исклучи Реџепи од своите редови, а тој самиот рече дека е веќе независен пратеник.

Дали ентуалната интерпелација за Артан Груби ќе биде тест за пратеничката група на ДУИ и за лојалноста на „огнените“ кон својот водач Али Ахмети, кому најблизок соработник му е токму Груби, дали станува збор за расчистување на стари сметки или пак, се создава нов фронт против ДУИ и Владата воопшто, со закопување на „старите секири“, останува да се види. 

Скопското крило преку Меџити и Беџети во четвртокот имаа средба со Ахмети, по која лидерот на ДУИ изјави дека не станува збор за формирање на нова партија и дека ДУИ е национална гордост. Против Ахмети не беше кажан ниту еден збор. Артан Груби во петокот беше категоричен дека ДУИ е стабилна партија и дека се видело како „огнените“ стојат посторени зад Ахмети,

Молчаливоста и кусите и не сосема дефинирани денешни изјави сепак откриваат дека многу математики и анализи се прават во политичкиот блок на Албанците.

П.Џ.

Најавите на американската администрација за бескомпромисна  борба против овие корумпирани,  неспособни  и криминални структури на сите нивоа на државата за македонските граѓани се единствено светло во тунелот.

повеќе

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе