Одбивањето на иницијативата за референдум од Џафери ќе ги заостри односите власт-опозиција во Собранието

Одлуката на претседателот на македонското Собрание Талат Џафери да не ја прифати иницијативата на опозицијата за референдум за договорот меѓу Македонија и Бугарија и неговото толкување дека се работи за неуставна иницијатива ги заострува односите меѓу пратениците од власта и опозицијата. Веќе се најавува и нова иницијатива за референдум и целосна блокада на работата на Собранието.

Отворање на Пандорината кутија, непотребно трошење во услови на криза, иницијатива со бројни аномалии. Вака власта го оценува барањето за референдум за поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија. За опозицијата, пак, референдумот е излезот од „штетниот договор со Софија“. Остануваат на ставот дека нема да поддржат уставни измени, а одлуката на Џафери ја сметаат за самоволие.

Експертите се исто така едногласни во тоа дека претседателот на Собранието не смеел да си дозволи да го толкува Уставот, туку тој треба само да го спроведува Уставот и Деловникот на Собранието.  

Но, министерот за правда Никола Тупанчески смета дека иницијативата прилично правни аномалии и недостатоци што ја прават недоволно добра од правен аспект за постигнување на една замислена цел.

Министерот смета дека пред иницијативата да биде поднесена, требало да се земат предвид одредбите од Уставот, законот за референдум и собранискиот Деловник.

И вицепремиерто Бојан Маричиќ смета дека во овој момент не е потребен референдум, дека сега е потребно да се фокусираме на градење на консензус за продолжување на европските интеграции, но и градење на консензус за уставните измени.

На прашање на МИА кога очекува да почне процедурата за уставните измени, неопходни за отворање на кластерите во преговорите со ЕУ, Маричиќ рече дека очекува до крајот на скринингот, поточно до крајот на идната година, да се комплетираат уставните измени.

Според министерот за надворешни работи Бујар Османи, уставните измени се во интерес на државата, а референдум за Договорот со Бугарија не може и не треба да има зашто неговото поништување е ризикување на евроатлантска Северна Македонија.

Во однос на иницијативата за референдум, тој вели дека опозицијата свесно или несвесно направила една голема услуга на процесот на уставните измени, затоа што ја раздвоила дебатата помеѓу Договорот со Бугарија и измените на Уставот.

„Уставните измени не се дел од обврска од Договорот. А оние што рекоа – да правиме референдум за Договорот со Бугарија, тоа значи дека уставните измени се добри и ние можеме тој процес да го тераме. Таков беше ставот на опозицијата од почеток, вие ја знаете изјавата на Мицкоски – ако е ова последно барање на Бугарија во ред сме со уставните измени. Потоа рече во ред сме – ние не сме против внесување на Бугарите, Црногорците и Хрватите, но заради тоа што е уцена не прифаќаме, што значи дека во суштина никој не е против. Дури има многу во ВМРО-ДПМНЕ со кои јас комуницирам коишто знаат дека е ова во интерес на македонскиот народ, во интерес на државата бидејќи претставува институционално дефинирање на односите помеѓу мнозински македонски народ и бугарски малцински народ во Република Северна Македонија“, изјави министерот за надворешни работи.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, уставните измени ни го отвораат патот кон проблемите, а не решенија во процесот на евроинтеграција.

„Тогаш на една маса ќе преговараме за европски стандарди, транспорт, здравство, образование, владеење на право, а на друга маса за Самоил, Климент, Наум, преродбениците, илинденците. Без разлика што на едната маса ќе ги постигнеме критериумите, ако на другата маса не прифатиме дека во Втората светска Војна Бугарите не биле окупатори, туку администратори, бадијала што на првата маса сме се договориле“, смета Мицкоски.

Излезот од ваквата ситуација, порачува Мицкоски, е заедно сите на референдум да се изјаснат и да се седне повторно на маса и да се преговара за нов договор во кој нема да има вакви замки. Тој додаде дека иницијативата за референдум за Договорот со Бугарија е единствениот начин на кој опозицијата може да дејствува.

Според Мицкоски, претседателот на Собранието Талат Џафери противправно си дал улога на уставен судија кој го толкува Уставот, при донесувањето на одлуката за отфрлање на иницијативата за референдум.

За опозицијата, сепак, прашањето за референдумот не е затворено. Левица најави дека деновиве ќе поднесе нова референдумска иницијатива, при што дефинитивно прашањето ќе биде со одговорот „против“.

„Сметаме дека претходното прашање беше грешка, затоа што кампања „против“ ќе биде во духот на протестите против францускиот предлог, каде огромното мнозинство македонски народ кажа НЕ. Нема никаква правна логика за одбивање и на претходната, и на оваа референдуска иницијатива од страна на спикерот Џафери, затоа што тој не смее како спикер да влегува во материјално толкување“, рече вчера Борислав Крмов, пратеник од Левица.

Од опозицијата се најавува и можно целосно блокирање на работата на Собранието.

Им благодарам на Русите како креатори, но посебно на бугарските послушни  извршители за пропагандата што ја водат против Македонија. Што направија?

повеќе

Деновиве адвокатот Тортевски во дебатна емисија рече дека немаме критична маса за држава. Не знам дали е така, но изгледа немаме критична маса за сериозни дебати и дијалози во општеството. 

повеќе

Светска банка проценува дека за секој долар инвестиран во здравството, државата има бенефит од 4 долари во смисла на зголемена економска продуктивност.

повеќе