Интервју: Благојче Атанасоски, политиколог

Од тотална неспособност на институциите до боливудски серијал, „Мијалков“ е доказ дека ни треба „ресет“ на државата

Тоталното дезавуирање и деградација на институциите на системот во изминатите три децении доведува до тоа јавноста да нема елементарно чувство на доверба во кој било орган на власта, дали МВР, дали судот или обвинителството, вели политикологот Благојче Атанасоски за МКД.мк. Она што се случи со Мијалков, според Атанасоски, во нормалните држави ќе значеше крах и крај на целата влада, а не да станува збор за тоа „дали министерот за внатрешни работи“ би поднел оставка. Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за собирање потписи против пописот повеќе ја сфаќа како фаќање на давеник за сламка, отколку на некакваси „политика“ што ќе донесе резултат.

Што ѝ се случи на Македонија во изминатите два дена со случајот со Сашо Мијалков? Реакциите се различни, од неспособност на власта, на МВР и на судско-обвинителскиот систем до фарса и договор.

Сите сомнежи одат во овие два правци: тотална неспособност на сите испреплетени институции на системот кои се со степенеста одговорност за спроведување на еден кривично гонет граѓани, да биде испорачан на правдата, до карикатурална фарса и договор меѓу лицето Сашо Мијалков, поранешен директор на ДБК, своевремено најмоќна фигура во државата со власта, налик на еден евтин боливудски режиран индиски серијал. Дилемите на граѓаните и јавноста одат дотаму, дека ова „предавање“ на Мијалков, односно оваа „успешна операција“ на фаќање од истиот координирана лично од премиерот Зоран Заев, е само ПР потег со кој Мијалков ќе добие концесии во понатамошните постапки (помала казна, застарување на други дела, домашен притвор итн.), а премиерот и владејачката партија да капитализираат во рејтингот пред локалните избори, претставувајќи се како беспоштедни борци против корупцијата.

Наликува ли ова на играње мајтап со јавноста, и од Мијалков и од власта, со изјавите што ги дадоа?

Веројатно да, бидејќи скоро никој и да не поверува во двете изјави, односно сите се сомневаат, особено од таа дека Мијалков, ништо не знаел, бидејќи бил во самоизолација поради суспектност од ковид-19, со 40 температура, до таа на премиерот Заев дека направил сѐ, „заканувајќи“ му се конфискација на имот, па дури и кривична одговорност на негови блиски од најтесното семејство, како обвинети за соучесници во неговото евентуално бегство. Како и да е, тоталното дезавуирање и деградација на институциите на системот во изминатите три децении, доведува, јавноста да нема елементарно чувство на доверба во кој било орган на власта, дали МВР, дали судот, или обвинителството. Тоа е доказ дека сме зрели за тотален ресет и рестарт на државата, после 30 години да си признаеме дека сме failed state, и да ги градиме институциите на системот наново, за да изградиме здрава држава и здраво општество. Колку тоа нема да го прифатиме, и постојано глумиме и се убедуваме дека сме држава, толку и понатаму во наредните децении ќе заглибуваме во живата кал, во која никако да потонеме.

Два дена сите бараа одговорност за „бегството“ на Мијалков, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски воопшто не се појави, за вчера да излезе и да каже дека одговорноста требало да се бара во непостоење на целосниот систем. Што значи тоа непостоење на целосниот систем, кој е виновен за тоа? Како би се постапило во „нормална“ држава?

Системот го чинат сите кои го пополнуваат, а раководењето на истиот зависи од човечкиот материјал кој го пополнува. Нашиот човечки материјал е без грам срам, личен интегритет и достоинство, без елементарно чувство на одговорност, па затоа и изостанува истото. Министерот Спасовски, особено по скандалозното бегство на поранешниот премиер Никола Груевски, треба „втората“ шанса, максимално да ја искористи, и да покаже дека тоа е исклучок. За малку, овој пат „правилото“, ќе ни се повтореше со сета своја иронија на судбината и карикатуралноста на изведеноста на ситуацијата копи-пејст, како таа со Груевски. Ова е само очигледен театар за деца и младинци, евтин и провиден. Одговорност секогаш, за сите пропусти, особено кога станува збор за обвинети за највисок степен на корупција, мора да има: и од првиот човек на полицијата, и од судско-обвинителските инстанци. Во нормалните држави, ова ќе значеше крах и крај на цела Влада, а не да станува збор за тоа „дали министерот за внатрешни работи“, би си поднел оставка.

ВМРО-ДПМНЕ вчера побара оставка на Владата, техничка влада, предвремени парламентарни избори заедно со локалните. Подготвена ли е ВМРО-ДПМНЕ за преземање на власта, со оглед на превирањата во партијата, иницијативата за вонреден конгрес, како и поразите на последните изборни циклуси?

Барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е повеќе за подигнување на моралот на апатичното членство, по последователните порази на оваа партија, но и подигнување на влоговите во политичката битка. Лидерот Христијан Мицкоски, постојано беше посочуван со прст дека е неспособен да ја порази катастрофалната Влада на Зоран Заев, со сите нејзини пропусти, скандали и неисполнети ветувања, токму од тие кои иницираат вонреден конгрес на 28 март, за барање одговорност и отчетност за поразите на Мицкоски. Лично сметам, дека попаметен потег на првиот опозиционер ќе му биде ова скандалозно „бегство“ на поранешниот прв човек на УБК, да го капитализира во зголемување на својот рејтинг, односно зголемување на гласачкиот потенцијал на партијата која ја води, и при евентуален успех на локалните избори наесен, тогаш да има легитимитет да бара вонредни избори. Особено што, претходните предвремени се случија пред 9 месеци, а и кога ќе ги погледнете рејтинзите, ВМРО-ДПМНЕ или губи за некој процентен поен, или е изедначена со владејачката коалиција. Ова е само избрзан потег, под  налетот на возбудливоста на новонастанатата ситуација околу драматичноста со последните информации поврзани со тоа каде е Сашо Мијалков.

Може ли опозицијата да го капитализира овој скандал во своја корист, или сепак тоа ќе оди на контото на владејачката коалиција?

Не сметам дека ова драстично и тектонски ќе го размести гласачкиот потенцијал и на двете доминантни политички сили, бидејќи целата ситуација заврши во еден блиц-криг, кој генерално, во јавноста беше дочекан или како едно договорено сценарио помеѓу „бегалецот“ и власта, или пак како вмешување на некои меѓународни авторитети (читај: Американците), за и овој поранешен политички висок функционер да не избега од рацете на правдата. Можеби владејачката партија, ќе има некој политички процентен поен минус, поради неспособноста да обезбеди функционалност на сите засегнати институции на системот, кои треба да гарантираат отслужување на казна на виновните, или тие кои се соочуваат со предвидени казни, но дека ова ќе биде „тригер“ со кој власта ќе падне, или пак ќе ги загуби локалните избори, не верувам. Особено,што во Македонија важи поговорката: „ секое чудо за три дена, кај нас е еден“. Така и ова „чудо“ заврши и ќе се заборави за еден ден.

Ѝ требаат ли воопшто на Македонија предвремени парламентарни избори?

Не, од проста причина, што истите чинат многу  пари, не се потребни, ако се земе предвид дека се случија пред 9 месеци, и лично сум апсолутен поборник на завршување на цел еден мандат на која било политичка партија/коалиција на власт од 4 години, бидејќи во истиот треба да се испорачаат резултати, односно да се исполнат ветувањата, врз база на кои се добил легитимитетот на граѓаните за владеење. Кај нас, предвремените парламентарни избори станаа лоша практика, особено во период кога не се знаеше што да се направи со самата политичка криза, предизвикана од самите политички партии, дали од власта или од опозицијата, па често „излезот“ се бараше во вонредни избори. Наместо да решаваат политички кризи, практиката ни покажуваше дека тие ги продлабочуваат и ги перпетуираат. Трошоците за нив се во милиони евра, буџетски пари на граѓаните.

Прашањето за пописот за власта е затворено, ќе се спроведе од 1 до 21 април, а ВМРО-ДПМНЕ собира граѓански потписи за поништување на Законот за попис. Колку вредат овие потписи, бидејќи не се собираат во подрачните единици на Министерството за правда?

Не сум правник, но читајќи го универзитетскиот професор по Управно право Борче Давитковски, тие веројатно немаат голем легалитет. Повеќе се во насока на „збивање на редовите“ од страна на лидерот на опозицијата, и покажување на терен дека ете „нешто се прави“ за да се спречи „наместениот попис“. Веројатно ни тој самиот не верува, дека собирањето на потписите ќе го спречи реализирањето на пописот на населението, кој се случува, скоро после две децении кај нас. Особено, Мицкоски го прави тоа во ситуација кога му се најавува вонреден конгрес за преиспитување на неговата работа како прв човек на ВМРО-ДПМНЕ, неколку порази во изминатите години, атмосфера во која не знае кој му е „негов“ човек, кој „му работи зад грб“. Ова повеќе ми личи како фаќање на давеник за сламка, отколку на некаква си „политика“ која ќе донесе резултат. Лидерот на опозицијата мора да сфати дека мора и треба да учествува во процесите кои се од национален интерес, а не истите да ги минира и саботира. Во очите на меѓународната заедница (Американците), ќе биде перцепиран како некооперативен човек, односно лидер кој тие не го гледаат за алтернатива на Заев и на самата власт.

Мислите ли дека пописот треба да се спроведе во април?

Лично сметам дека пописот треба да се спроведе во април, со запазување на сите протоколи, бидејќи истиот е нужен како рентген статистичка операција, да се преброиме колку сме, кои сме, каде сме, а со тоа да направиме пресек и да видиме до каде сме. Најважен е од аспект на демографијата, развојно-проектираната компонента, економско-стопанските перформанси и проектираниот развој во сите општествени сфери на живеењето. Најмалку треба да биде важен за меѓуетничкиот сооднос на процентите и мерењето на националистичките суети. Тоа го прават племенски заедници, не еманципирани и култивизирани граѓани кои претендираат да се зачленат во ЕУ. За жал, светлината на рефлекторите кај нас одново ќе биде фрлена врз етнобалансирачкиот соодносен процент меѓу Македонците и Албанците со голема можност за негирање или неприфаќање на пописните резултати од голема категорија на граѓани од едната или другата засегната заедница во Македонија.

Што мислите зошто се инсистира на внесувањето графа за етничка припадност во личните карти, кога ниту една демократска држава во светот нема такви нешто? Ако за СДСМ се зборува дека тоа е дел од коалицискиот договор со Беса, зошто ВМРО-ДПМНЕ е за такво решение?

За да се задоволат етнопримитивните барање на партиите на етничките Албанци, коалициски партнери на владејачката СДСМ. Ова е „снесување на кукавичките јајца на ДУИ, од страна на помалиот коалициски партнер Беса, во седлото на Заев“. За жал, во 30-годишната плурална историја на Македонија, освен класичен етнонационализам, партиите на етничките Албанци, не знаеја, т.е. не сакаа да понудат нешто ново европско и модерно како пласман на политичката сцена, туку наддаваат постојано со нови и нови етнички барања, кои наместо да не водат кон граѓанскиот концепт на унитаризам на општествените меѓуетнички односи, тие дополнително не либанизираат и босна-херцеговинизираат. ВМРО-ДПМНЕ, веројатно од чист и личен партиски интерес би поддржала вакво ретроградно и реверзибилно во процесите решение, за да остане сѐ уште подотворена вратата за коалицирање со Алијансата на Албанците на Села и Алтернатива на Гаши, во една евентуална коалиција за локалните избори во етнички мешаните општини,  како противодговор на сѐ поизвесната таква коалиција меѓу СДСМ и ДУИ.

Колку сите овие случувања во земјата ѝ одат во прилог на Бугарија на пример да опстои на блокадата за почеток на преговорите со ЕУ?

Ѝ одат во прилог на Бугарија, бидејќи со вакви „примери“, им даваме аргументи во националистичките усти на Каракачанов, Захариева, Џамбазки и Ковачев, како јастреби на бугарското негирање на македонското суштествување, и истото да го презентираат пред органите и телата на ЕУ како „системска  нефункционалност“ на нашата држава за придвижување кон Унијата. Со свој камен, по своја глава ние си удираме, токму во период кога се очекува(ше), зголемен притисок од Бајденовата администрација кон бугарските нереални барања и нивно ретерирање во однос на блокадата кон нашите европерспективи. Не сум оптимист дека и со смена на Борисов и Каракачанов, процесот на тргнување на рампата ќе оди мазно, бидејќи во целокупниот општествен и политички спектар кај нашиот источен сосед има унисоност во политиките кон „македонското прашање“. Разликата е само во финесите и во реторичкото однесување на поединци и партии: од крајно вулгарно и примитивно простачко и балканско како тоа на Каракачанов, до поблаго и подипломатско како тоа на партиите од центар-левицата. Ќе видиме навистина како администрацијата на Бајден ќе се однесува кон овој „спор“, и  дали ќе биде на агендата или ќе биде замрзнато статус кво со безизгледни шанси во блиска иднина да се реши.

Ж.П.Б.

Објавено

Среда, Февруари 24, 2021 - 10:19

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе