Аерозагадувањето е проблем за кој имаше залет да се реши, но многу бргу замре. Во 2019, како приоритет, Владата воведе програма за намалување на аерозагадувањето, за во 2021 оваа програма неславно да згасне, со реализирани само 324 илјади евра за таа цел, велат од О2.
„Истата година, 2019, Владата создаде нова програма, за Зелен развој, за решавање на климатските и еколошки проблеми, но првата година сите средства беа пренаменети за друг цели, а за годинава планирани се само 1.6 милиони евра, односно 0.03 отсто од Буџетот, за 17 пати помалку од средствата за годинава“, велат од оваа организација.
Оттаму посочуваат дека во Буџетот за 2023 година и натаму нема предвидени пари за промена на начинот на греење на болниците, нема средства за темпираната бомба на депонијата со хром на Југохром која се провлекува со децении, каде канцерогениот шествалентен хром понира уште подлабоко и подалеку, висејќи како Дамоклов меч врз водата од изворот Рашче.
„Нема средства ниту за мерење на опасните супстанци во воздухот со акредитирани методи од државни лаборатории, што како држава, законски имаме обврска да ги мериме редовно и континуирано, а кои мерења инспекторите можат да ги користат во своите надзори. Животната средина, кога се работи за клучните нешта, постојано останува на маргините, а истата е основа на нашиот живот, без која не се може“, потенцираат од О2.
Од О2 Иницијативата апелираат до министерот за финансии Фатмир Бесими, неговиот заменик Филип Николоски и до сите пратеници, членови на Комисијата за финансирање и буџет, да ги усвојат амандманите предложени во име на оваа организација, имајќи ја предвид, како што велат тие, сериозноста и критичноста на проблемите кои ги опфаќаат.