Новинарката Ејупи зела хонорар од 6 државни институции, МНР уште молчи дали ја вработиле

Бесмира Ејупи, новинарка во ТВ Алсат, стана славна кога беше предложена за генерална конзулка на Македонија во Њујорк. Тогаш се откри дека Ејупи зела „убави“ хонорари од неколку општини и државни институции, по што проектот конзулка пропаднал. Министерството за надворешни работи упорно молчи за информациите дека Ејупи веќе добила решение за вработување.

„Министерот треба да каже дали Ејупи е вработена во МНР. Според членот 9 од Кодексот за етичко однесување на членови на Владата, Османи е должен да одговара на прашања на јавноста за аспекти од работењето на институцијата со која раководи. Тој е должен да одговори во каква постапка и зошто е токму таа избрана за таа позиција“, изјави за Дојче веле заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска.

ВМРО-ДПМНЕ на неколку конференции за медиумите бара министерот Бујар Османи да одговори на прашањето дали Ејупи е вработена во МНР како соработник во одделението за правни работи и дали веќе била почната процедурата за добивање безбедносен сертификат.

„Бујар Османи и Димитар Ковачевски, кои тврдеа дека не ја познаваат Бесмира Ејупи и кои го криеја предлогот на Владата таа да биде генерален конзул во Њујорк, сега мора да одговорат зошто Бесмира Ејупи е вработена во МНР? Дали вдомувањето во МНР и обезбедувањето на сертификат за доверливост ѝ се потребни за да може полесно да го премостат јазот и скандалот, и конечно да може да ја испратат како дипломат, конзул или амбасадор во Њујорк?“, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека одговор треба да даде министерот Османи, но се обиде на целиот случај да му даде и друга димензија. „Јас гледам во континуитет, и тоа што не ми се допаѓа е една висока доза шовинизам од страна на опозицијата, особено насочена кон жените, тоа во континуитет се случува и тоа не е добро“, изјави Ковачевски.

Во февруари годинава Ејупи (28) како ТВ-водителка, без соодветни квалификации, од Владата беше предложена за генерален конзул во Њујорк. По реакциите во јавноста одлуката била повлечена, но тогаш се откри дека таа е на листата на хонорарци во Државното правобранителство и во општините Чаир, Сарај, Брвеница и Петровец. За две години таа примила вкупно 732.593 денари. Од вчера јавноста дозна дека Ејупи добивала хонорари и од Јавното претпријатие „Македонски железници – инфраструктура“. Од 11 мај 2021 година таа е член на Надзорниот одбор на ова јавно претпријатие. Именувана била од Владата.

Претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонио Милошоски побара до министерот за надворешни работи Бујар Османи да реферира пред пратеницитe колку Бесмира Ејупи е стручна да работи во Министерството за надворешни работи (МНР).

Во Државната комисија за спречување на корупцијата отворен е предмет за овој случај. Во јуни ДКСК покрена иницијатива за кривична одговорност за четворица градоначалници и за морална одговорност за државниот правобранител. Но соработката на Ејупи со Државното правобранителство продолжила и во август. Предметот е отворен, а ДКСК досега добиле одговор само од тетовското обвинителство дека нема елементи за кривично гонење, а очекуваат одговори и од другите обвинителства.

Еве како на целиот овој случај во февруари реагираше Аделина Марку, дипломатка во МНР: „Проституцијата и дипломатијата се навистина меѓу најстарите професии на човештвото... додека градењето држава е сепак нова професија... Има такви што за егзистенцијализам вршат дипломатија и проституција, има и такви што за утилитаризам ечат! Вака некако, денес ме натера да помислам една владина одлука“. 

А.Д.

Почнавме со спротивставени мислења околу Законот за работни односи, со кој недела се прогласува за неработен ден. Завршивме на Уставен суд.

повеќе

Да ги споменеме и другите големи глобални предизвици: големите опасности од еколошка катастрофа; зголемувањето на нееднаквоста во нашите општества; и напливот на нови технологии кои можат да го нарушат светот доколку истите не бидат соодветно користени и контролирани.

повеќе

Им благодарам на Русите како креатори, но посебно на бугарските послушни  извршители за пропагандата што ја водат против Македонија. Што направија?

повеќе