Во Скопје се одржува уште еден протест од серијата протести кои неделава ги најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а за кои директен повод беа последните ставови во врска со македонската историја, јазик и идентитет кои ги искажа премиерот Зореан Заев во интервју за бугарска новинска агенција.
Протестот започна во 12.30 кога со автомобили кон Владата се тргна од две локации - од спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Карпош и спортската сала „Јане Сандански“ во Аеродром.
ВМРО-ДПМНЕ бара оставка на Заев поради како што велат антимакедонски политики и прифаќањена услови од Софија кои значат бришење на македонската историја и идентитет.
На протестот обраќање ќе има и Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Еден од говорниците на протестот, Зоран Љутков, претседател на Комисија за култура при ВМРО-ДПМНЕ, рече:
„Дали во интерес на добрососедските односи ќе треба во иднина да се забранат песните како „Ми заплакало селото Ваташа" испеана потресно по стрелањето на ваташките младинци, „Таки Даскалот" за истоимениот народен херој од НОБ, или во „Таму долу Криволачко" за народниот херој Никола Петров. Или, можеби, ќе треба да се забранат сите песни, а партизаните децата да ги учат како терористи кои се бореле против мирољубивата слободарска бугарска администрација? Ова е се апсурдно, нели?“