Интервју: Стефан Влахов Мицов

Ниту со референдум не може да се смени име и идентитет

Без цврст став и национално достоинство не можете да бидете ни добар новинар, ни добар политичар. Уште кога Грција стави вето на Самитот во Букурешт во 2008 година, за сите нормални луѓе стана јасно дека Македонија мора да бара алтернатива. Македонија никогаш не може да стане членка на ЕУ без загуба на своето име и идентитет.

 

Професорот Стефан Влахов Мицов порано беше професор на софискиот Универзитет, каде што работел цели 23 години. Но неговите активности во однос на правата на Македонците во Бугарија и воопшто, во однос на македонското прашање, не остануваа незабележани од бугарските власти, кои дури по 23 години најдоа начин како да го избркаат од универзитетот. Ја затворија катедрата за политички менаџмент, каде што Влахов предаваше, од 13 вработени 11-мина префрлија во новоформирана катедра за политикологија, еден доби работа на Универзитетот во Благоевград, а само Мицов остана без работа. Тој е роден во Габрово, а мајка му по потекло е од Егејска Македонија. Од својата баба и мајка го научува македонскиот јазик, а како научник истражувач сè повеќе почнува да го истражува македонското прашање. По неговите настапи на разни конференции и семинари во организација на МАНУ и на Институтот за национална историја во Македонија во периодот од 1998 до 2004, почнуваат неговите сериозни проблеми со бугарските власти. Од 2004 година е избркан од работа од софискиот универзитет, а потоа работи ви Културниот центар на Македонија во Софија, па во македонската амбасада во Софија, а од ноември 2011 година веќе е македонски државјанин и работи како професор во Институтот за национална историја Скопје.

И тука, во Македонија не престанува неговата борба за македонското прашање, а од неодамна е еден од иницијаторите на Македонскиот манифест, иницијатива на група интелектуалци за прекин на преговорите за името.

Какво влијание во јавноста очекувате од потпишувањето на Македонскиот манифест? Многу вакви иницијативи досега се потпишуваа, се организираа протести, апели... Има дури и пресуда на судот во Хаг, па гледате како се однесува меѓународната заедница.

-Нашата цел е создавање масовно народно движење внатре и надвор од Македонија за одбрана на македонското име и идентитет. Досега имаше иницијативи од македонскиот ПЕН, Обединетата македонска дијаспора, интелектуалци... но тие не беа координирани. Затоа ние го испративме Македонскиот манифест до сите државни и културни институции, до странските амбасади во Македонија, до македонската дијаспора во блиските земји и во другиот дел на Европа, до американскиот континент и Австралија. Имаме апсолутна поддршка од Матицата на иселениците од Македонија со претседателот, од здружението на Македонците од Егејска Македонија „Македон“, од здружението „Македонски Егеј“ од Штип... Во овие први дни на Манифестот се приклучија Повардарската епархија, здруженијата на композиторите и на историчарите од Македонија, а очекуваме деновиве да се приклучи и Друштвото на писателите на Македонија. Ова народно движење ќе биде истовремено притисок врз меѓународните фактори, а од друга страна охрабрување на домашните политичари за поцврст став во одбраната на македонскиот идентитет. Ние бараме поддршка не само од Македонците во светот, туку и од пријателите на Македонија, па затоа се обраќаме кон познати светски личности, носители на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

Зошто Европа и САД ги прифаќа ваквите апсурдни барања на Грција за промена на името?

-Во 2013 година се исполнува еден век од Балканските војни и распарчувањето на Македонија. Земјите потписници на Букурешкиот мировен договор денес управуваат со Европската Унија. Бугарија и Грција денес владеат дел од македонските територии, па затоа не е чудно што EУ ги прифаќа апсурдните барања на Грција. Од друга страна во САД има моќно грчко лоби, а и во изминатите децении тие покажаа дека дестабилизацијата на Балканот е во нивeн интерес. Уште од 90-тите години на минатиот век САД се залагаат за т.н. исламско виножито кое ги опфаќа Босна, Србија, Косово, Македонија и дел од Грција. За тоа и САД се најголеми поддржувачи на албанските претензии, било во Србија или во Македонија.

Вие доаѓате од Бугарија. Вашата процена за можното однесување на Бугарија во рамките на телата на ЕУ кога ќе дојде гласањето за прием на Македонија во Унијата?

-Многу пати сум велел и сум пишувал дека Бугарија е поопасна и од Грција. Бидејќи Грција прифаќа сè со исклучок на насловот македонски, македонско..., а Бугарија не прифаќа ништо надвор од поимот бугарски. Затоа ако Македонија го смени името и јазикот, Грција веднаш ќе го прифати влезот на Македонија во ЕУ и НАТО. Но, поранешниот министер за надворешни работи, Николај Младенов, изјави дека Бугарија сака односите помеѓу Бугарија и Македонија да бидат такви како меѓу Грција и Кипар. Се знае дека и во Грција и во Кипар живеат Грци и Бугарија сака Македонците да прифатат дека се Бугари. Од тука и желбата за заедничко празнување на историјата.

Датумот за преговори не значи ништо. Турција води преговори со ЕУ од 2005 година и отворила само едно поглавје. И да има датум за преговори Грција и Бугарија ќе стават вето во деловите за образование, култура и сите други поврзани со македонскиот идентитет.

Се согласувате ли со оцената дека дури и самото организирање референдум за или против додавка во името е навредливо за кој било народ?

-Мора добро да знаеме како може да се користи референдумот. Со референдум можете да менувате закони (Закон за територијална поделба), договори (Рамковниот договор од 2001 година), но со референдум не може да се смени име и идентитет. Не може денешните генерации да одлучуваат за сите генерации пред нив, но и за оние што доаѓаат по нив. Уште повеќе што граѓаните на Македонија уште во 1991 година се изјаснија за независна и суверена држава Македонија.

На професорите, на новинарите, воопшто на интелектуалците, им е лесно од страна да ја посматраат ситуацијата и да го кажуваат својот став, да ги бранат принципите, да потпишуваат петиции. Ама ајде ставете се во кожата на македонските политичари под ваков силен меѓународен притисок за промена на името, како би постапувале?

-Ние, авторите на Македонскиот манифест, не ги делиме граѓаните на политичари, новинари, професори, туку на луѓе со или без свој став. Без цврст став и национално достоинство не можете да бидете ни добар новинар, ни добар политичар. Уште кога Грција стави вето на Самитот во Букурешт во 2008 година за сите нормални луѓе стана јасно дека Македонија мора да бара алтернатива. Македонија никогаш не може да стане членка на ЕУ без загуба на своето име и идентитет. Алтернативата исто е јасна: Русија, Кина, Турција. На некои од македонските политичари за жал им недостига храброст, па затоа и меѓународниот притисок станува сè посилен. Колку е поголем отпорот на вакви притисоци, толку тие ќе бидат помали. Затоа ние сакаме македонската Влада заеднички со јавноста и граѓаните да има храброст да ги одбие сите надворешни и внатрешни притисоци, да ги прекине апсурдните преговори за името и да го постави барањето за прием на Македонија под уставното име пред Обединетите нации.

Александар Дамовски

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе