Собрание

Николова: Ако може пратеник и министер, може и амбасадор да има двојно државјанство

Доколку би можел пратеник, министер, претседател да биде личност со двојно државјанство, тогаш зошто тоа не би важело и за амбасадор, која што е прилично деликатна, конзервативна професија, вели пратеничката во Собранието од ЛДП Јулијана Николова, која заедно со колегата од ДУИ Артан Груби, се предлагачи на измените на постојниот Закон за надворешни работи, по скратена постапка, кој е во второ читање.

Јулијана Николова

Со измени кои требаа да поминат на матичната собраниска Комисија за надворешна политика, која и денеска после неколку пати се одложи поради зафатеност на пратениците со учество на други комисии, двајцата пратеници, рече Николова предлагаат во членот 36 да се избрише зборот „само“ што би значело дека ако досега амбасадори можеа да бидат исклучиво лица со македонско државјанство сега се дава можност и на луѓето кои што имаат уште едно државјанство да имаат можност да бидат амбасадори. Со тоа што, повикувајќи се на Виенската конвенција, вели, ставено е ограничување да не можат да бидат амбасадори во земјата од каде што е второто државјанство.

-Постојат повеќе аргументи за тоа. Тргнавме од тоа што се наведува во Уставот дека пред законот сите државјани на Македонија се еднакви и можат да вршат јавни функции, а дополнително и со Законот за државјанство е наведено дека секој граѓанин на Македонија или државјанин може да има второ државјанство, но во државата ќе се третира исклучиво како да е државјанин на РСМ. Можеме да ги разгледаме и примерите во Европа, каде многу европски земји ја направија оваа промена. Би ја спомнала тука една конзервативна Швајцарија која пред четири години ја направи истата промена, вели пратеничката Никиолова.

Таа посочува дека во предлогот тргнуваат од принципот еднакви можности за сите, а и имајќи ја предвид реакноста каде значаен број граѓани се со двојно државјанство.

-Доколку би можел пратеник, министер, претседател да биде личност со двојно државјанство, тогаш не гледаме зошто тоа не би важело и за амбасадор, која што е прилично деликатна, конзервативна професија. Меѓутоа во сите други професии каде што имаат допир со сензитивни инфоармации може да се има двојно државјанство, сметавме дека ова е добар предлог и затоа и го поднесовме до Собранието, вели Николова.

Покрај седницата на Комисијата на која на дневен ред беа измените на Законот за надворешни работи, денеска не се одржа ниту седницата на која членовите на оваа Комисија требаа да ги слушнат платформите на шестмина новоименувани амбасадори, а која исто така се одлага веќе неколку пати.

Своите платформи за дипломатски активности требаше да ги претстават амбасадорите Теута Агаи Демјаха во Мисијата на Обединетите нации во Женева, Шпреса Јусуфи во дипломатско-конзуларното претставништво во Приштина, Шабан Јашари во дипломатско-конзуларното претставништво во Доха, Светлана Гелева во Мисијата во Советот на Европа, Стразбург, Данчо Марковски во дипломатско-конзуларното претставништво во Тирана и Фатон Бејта во дипломатско-конзуларното претставништво во Копенхаген.

Владата кон средината на декември минатата година на затворена седница ја утврди листата со 19 предлози за назначување амбасадори во Атина, Белград, Загреб, Тирана, Брисел, Хаг, Москва, НАТО, Совет на Европа (Стразбур), ОН (Женева), Доха, Прага, Њу Делхи, Рим, Тел Авив, Копенхаген, Ватикан, Приштина и Пекинг.

За некои од амбасадорските кандидати имаше реакции во јавноста за нивната компетентност да ја претставуваат земјата, како за тоа во Пекинг, но и поради тоа што некои од кандидатите имаат двојно државјанство, а согласно  членот 36 од Законот за надворешни работи функцијата „амбасадор“ може да ја извршува лице, кое е државјанин само на Република С. Македонија. Шефот на дипломатијата Никола Димитров кон крајот на минатата година рече дека од јуни 2017 година, до денес, 87,5 осто од дипломатите се кариерни, за разлика од периодот од 2006 до 2017 година кога тој процент изнесувал 33.

Димитров изрази задоволство од сегашните решенија, напоменувајќи дека тие се успешна комбинација меѓу принципите и уметноста на можното. Тој во неодамнешното интервју за МИА истакна дека најверојатно, најбрзо ќе бидат упатени тие коишто одат кон мултилатералните центри, како на пример во Советот на Европа, бидејќи таму е поедноставна процедурата.

Република Северна Македонија има вкупно 57 дипломатско-конзуларни претставништва, од кои 42 се амбасади, осум се постојани мисии и девет се генерални конзулати. Од нив, во моментот непополнети се 23 амбасади и четири постојани мисии, додека сите генерални конзулати се пополнети. САД, Русија, Кина, Холандија, Италија се дел од непополнетите важни дипломатски центри, каде наместо амбасадори имаме вршители на должност. Во соседните земји амбасадори нема во Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, Хрватска. Во Грција сè уште не е испратен вршител на должноста.

Седниците на Комисијата за измените на Законот за надворешни работи и за реферирањето на шестмината новоименувани амбасадори ќе бидат дополнително закажани. 

МИА

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе