Одлуката за бојкотирање ја образложи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во изјава за медиумите во Собранието.
„Стево Пендаровски докажа не е претседател на сите граѓани, туку само извршител на една политичка структура и на Зоран Заев. Со тоа Пендаровски им сврте грб на македонските граѓани. Затоа денеска пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата му свртеа грб нему и ја напуштија собраниската сала каде што тој имаше обраќање.
Второ, Стево Пендаровски е прв којшто кажа дека нашиот национален херој Гоце Делчев е Бугарин и со тоа ги сруши македонските национални позиции. Ја отвори Пандорината кутија, ги оневозможи историчарите на научна основа да разговараат за историјата, во преговорите за историјата внесе политика и драматично ги поткопа темелите на македонската самобитност, македонскиот национален идентитет, самобитноста на македонскиот јазик и посебноста на македонската историја“, рече Николоски
Тој го обвини дека не кажал ниту збор за изјавите на Заев дека Бугарија била ослободител, не се консултирал со никого за стратешки работи како што е приклучувањето на Македонија во Европската економска зона и на крајот „без постоење на елементарен доказ за мнозинство му го доделил мандатот на Заев кога тој самиот кажал дека нема 61 потпис.
„Затоа нема легитимитет да се претставува како претседател“, рече Николоски и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ги продолжува замрзнатите односи со Пендаровски.