Отворен македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“

Никола Вапцаров како обединител или јаболко на раздорот

Да тргнеш накај Благоевград, Бугарија, на исток каде што изгрева сонцето, во време на зовриени општествено-политички односи, со мисла дека те чека многу работа ама и уште толку повеќе уживање, ти дава за право да помислиш дека сепак, и не е така тешко да тргнеш во авантура која ниту знаеш како ќе почне уште помалку како ќе заврши.

Македонско-бугарска граница. Граничен премин Делчево – Станке Лисичково. Работа премногу, а време премалку за да се чувствуваме комотно во својата кожа сепак надевајќи се дека пречките овој пат ќе нѐ заобиколат. Уште мислата недовршена, редица автомобили стојат во место без никаква најава дека застојот нема да трае долго.

Официјално, компјутерскиот систем на бугарската полиција е во дефект, но тоа не е ништо ново. Сепак јанѕа ве јаде дека тоа некој намерно го попречува протокот на делегации, новинарски екипи и граѓани да стигнат во Благоевград на отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров". Сепак размислувањето со ладна глава се покажа како рецепт да ја премостиме првата пречка на патот. И кога ќе стигнете пред портите на Благоевград, кој е познат и под името Благо во најмала рака очекувате благопријатно гостопримство на мештаните. Но наместо тоа бевме дочекани со транспарент дека „Македонија е бугарска".

Се чувствуваат како Македонци а живеат како бугарски граѓани

Ние сме Македонци, едногласно среде Благоевград велат Димитар Пантелеев Карамачев, електротехничар од Петрич и Тодор Тилев од Самоилово, поранешен кмет на ова село.

Јас немам проблем кога кажувам дека сум Македонец. И на пописот во 1991 и во 2011 и сега во 2021 година се изјаснив како Македонец во графата народност. Но проблемот е што кога морам да завршам каква било административна работа јас сепак сум бугарски граѓанин", вели Карамачев.

Врвејќи по калдрмата што води кон меморијалот на делчевиот род во кој е закопано семејството на македонсиот револуционер Гоце Делчев, тој се чуди зошто се крева толкава врева на отворањето на клубот кога таков клуб во Петрич, вели Карамачев, е основан уште во 1992 година.

Секоја недела држевме состаноци, слушавме македонска музика, гледавме филмови и репортажи со македонска тематика и никогаш немавме проблем. Мислам дека тука во Благоевград некој намерно сее омраза. Ете на пример во Петрич има и членови и симпатизери на ВМРО – БНД, партијата на Красимир Каракачанов но има и припадници на нашата ОМО Илинден. Во моето маало, во Петрич има и од едните и од другите. Сепак тоа не нѐ спречува заедно да живееме, да се дружиме, да разговараме и за историските и за политичките прашања. Треба да се испита кој и зошто ја сее омразата што сега постои меѓу луѓето. Ние во разговор со поддржувачите на ВМРО-БНД сме дошле до заклучок дека малите народи како Македонците, Бугарите, Србите, сме жртва на големите сили. Немаме независна политика. Немаме политичари. Ете оттука ни доаѓа најголемиот проблем", раскажува за МКД.мк Карамачев.

Дури ни контроверзниот европратеник и потпретседател на на ВМРО-Бугарско национално движење (ВМРО-БНД), Ангел Џамбаски нема против дел од луѓето да се чувствуваат како Македонци.

Ние немаме ништо против тоа. Ние сме против тоа тие луѓе да велат дека Бугарија е окупатор на Пиринска Македонија и дека таа треба да се одвои од Бугарија. Тоа не можеме да го дозволиме. Тоа не е добрососедство. Ние немаме ништо и против тоа македонската држава да се дефинира како што се дефинира затоа што наши најблиски браќа се луѓето во Македонија. Но сакаме луѓето што таму се дефинираат како Бугари да можат да живеат достојно", вели Џамбаски.

Но сепак...

Отворањето на клубот е провокација. Провокација е затоа што луѓето што го отвораат овој клуб се сепаратисти кои тврдат дека Бугарија е окупатор на Пиринска Македонија и дека тоа парче земја треба да се оддели од Бугарија. Тоа ние не можеме да го дозволиме. Всушност ова е провокација на старите југословенско-комунистичко-белградски служби кои не сакаат Македонија да влезе во Европската Унија. Кога Македонија ќе го почитува Договорот за добрососедство и кога ќе го смени Уставот тогаш таа е добредојдена и ние сме првите кои ќе ви подадеме рака. Впрочем ние ви помогнавме да влезете во НАТО кога тогашниот министерот Красимир Каракачанов беше прв што кажа дека Македонија мора да влезе во НАТО. Вие знаете дека во Софија има македонски културен клуб од времето на уважената Доста Димовска (поранешна директорка на Културно-информативниот центар на Македонија во Софија, н.з) во кој сме имале многу средби, сме присуствувале на многу културни настани", изјави Џамбаски пред почетокот на протестот пред споменикот на Гоце Делчев во центарот на Благоевград.

Сите се за добрососедство ама никој прв да подаде рака

Газејќи ја исклучително топлата октомвриска калдрма на Благоевград не можете, а да не посакате да седнете покрај ветровитата река Струма која веднаш ве асоцира на нејзината десна притока Струмешница која врви низ Струмица во Македонија, надевајќи се дека барем природата може да нѐ обедини како природен сојузник. Но гласот на политичарите веднаш ве враќа во реалноста и обидот како да ги одвоите чувствата од фактите.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по вчерашното отворање на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров" очекува официјална Софија, но и европските институции да го осудат, како што рече тој, однесувањето на европратеникот Џамбаски.

ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија никогаш не смее да има дилема во поддршката за македонскиот народ и Македонците без разлика дали се тука во Бугарија или било каде во светот. Јас мислам дека ова треба да биде еден вид начин како да се поврзуваат народите, како различностите да се поврзуваат. Денеска ова што го видовме овдека во Благоевград од поединци навистина не личи на луѓе кои што се политичари, и кои што доаѓаат да речеме од највисокото европско тело, а тоа е Европскиот парламент. Ние како политичка партија и јас како човек ги поддржувам Македонците каде и да се наоѓаат во светот. И мора да се бориме за нашите браќа Македонци, затоа што не нѐ има многу. Нѐ има за жал сѐ помалку", изјави Мицкоски.

Ваквите зборови се како нож во грб за европратеникот и потпретседател на ВМРО-БНД", Ангел Џамбаски кој отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров" го нарекува провокација. За Џамбаски присуството на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица, Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев е исто така провокација која, според него, е само обид за добивање политички поени.

Отворањето на клубот е провокација и затоа што некои македонски политичари тоа сакаат да го легитимираат. Мицкоски, кој патем има српски корени ова го прави само од внатрешно-политички причини за да покаже колку е силен тој, таму во Македонија. А Апасиев е политичка карикатура со неговите изразени антибугарски ставови. Тие треба да внимаваш со какви луѓе седнуваат на маса. Ако навистина сакаш да работиш за добрососедски односи, а седиш со сепаратисти тоа е директна провокација. Ако македонската држава и министерството за култура сакаа да отворат клуб тогаш не мораа да ја отвораат оваа гаража тука", вели Џамбаски.

А за Апасиев нема дилема дека за време на целиот настан во групата од Македонија, со дозвола од бугарската полиција бил уфрлен провокатор кој се обиде физички да се пресмета со Апасиев.

Од видеото кое го добивме после физичкиот напад, може да се види како бугарската полиција воопшто не реагира, додека Македонците не почнаа сами да го бркаат од групата и да скандираат 'Македонија, Maкедониоја'. Апасиев порача дека дава поддршка на отворањето на клубот затоа што за разлика од фашистичките клубови што се отвораат во Македонија, ова е име на анти-фашист и на комунист и од тој идеолошки аспект Левица дава целосна поддршка на ваквите клубови", соопштија од партијата Левица.

Иднината е во младината

Не џабе старите рекле на младите светот останува. А во Благоевград и тоа како има младина. Ден недела, ден за одмор, градот полн со млади луѓе кои само од љубопитност, од комфорните столици на кафулињата гледаа што се случува во центарот на градот каде што делегациите дојдоа да оддадат почит на споменикот на Гоце Делчев.

Клубот во Петрич уште постои. Се собираме кога чествуваме некој празник или македонски револуционер, деец. Но старите полека умираат, младите се разочарани, па многу малку се активни во нашиот клуб", се пожали нашиот соговорник Карамачев.

И отец Никодим Цaркњас, борецот за правата на Македонците во Грција, кој присуствуваше на отворањето на клубот, надежта ја гледа во младите.

Отворањето на клубот е добро за Македонија, но ќе мора да се направи сѐ за сите да се сплотат. Младите треба да се донесат во клубот, зошто ако нив ги нема, ништо нема да има. Треба сите да запаметат дека Гоце Делчев се бореше за ослободување на Македонија, а не на Бугарија. Тој е роден во Кукуш, а не во Софија, сѐ друго се приказни на фанатиците и непријателите на Македонија", изјави Цaркњас за МКД.мк.

Мислата нема крај и ги има премногу, а време сѐ помалку. Ги оставивме домаќините со уверување дека нема да отстапат од борбата за правата на Македоцните во Бугарија, а ние со ветување дека следното видување повеќе ќе зборуваме за работите што нѐ обединуваат, а не за оние што нѐ разделуваат.

 Искра Опетческа

Фотографија: Роберт Атанасовски

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе