Владата за понудата од Груби на рамковни кадри

Нема случај на пркос како тој со Пауновски, туку усогласување со Агенцијата за планирање на просторот

Од Владата за МКД.мк демантираат дека директорката на Агенцијата за планирање на просторот одбила да прими кадри од „рамковната група" административци на вицепремиерот Артан Груби поради несоодветно образование, туку дека станува збор за „усогласувања на преземањето". Владата тврди дека досега без проблеми се одвива распределбата на рамковните административци и дека се одвива според предвидената динамика.

Директорката на Агенцијата за планирање на просторот Андријана Андреева одбила да прими на работа двајца административци од „рамковно вработените" кои на Агенцијата ѝ ги испрати Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците предводено од вицепремиерот Артан Груби. Вака деновиве беше објавена вест на медиум на албански јазик и беше направена паралела со случајот со Стојко Пауновски, кој како директор одби да вработи рамковни административци во Државниот пазарен инспекторат со образложение дека не ги исполнуваат професионалните критериуми и дека потреба има за квалификувани инспектори за теренско, а не канцелариско работење. Пауновски поради својот „пркос" беше разрешен од Владата.

Аргументот на директорката Андреева е ист, барем како што како ексклузивна вест објави порталот на абански јазик Њус33.тв.

Ако се оди на веб сајтот на Агенцијата за планирање на просторот ќе се види дека има 31 вработен, од кои 28 се со високо образование, тројца се доктори на науки, девет се магистри на науки и еден е докторант, повеќе од половината од вработените се архитекти и градежни инжинери, како и инжинери од други области.

МКД.мк се обиде да добие одговор од директорката на Агенцијата Андријана Андреева. На сите наши обиди и испратени СМС пораки со прашања не добивме одговор. Но, добивме одговор од Владата, од каде негираат дека станува збор за ист случај како тој со Пауновски. На нашето прашање дали Андреева одбила да вработи две лица испратени од министерството на вицепремиерот Груби, од Владата одговорија:

„Нема одбивање за прием на вработените, се работи за технички аспекти и усогласувања на преземањето, за кои двете институции се во комуникација и координација".

Овој одговор веројатно значи дека не одело сѐ мазно во врска со „понудата" од владиниот ресор под раководство на Груби.

Инаку, Агенцијата за планирање на просторот работи на изготвување на стратешки планови по барање на Владата, меѓу кои Просторен план на Македонија, просторни планови на региони, општини, градови и места, генерални урбанистички планови и друго. Место за лица со несоодветно образование, квалификации и недоволно работно искуство нема, велат вработени во Агенцијата.

Во Министерството за животна средина и просторно планирање, каде министер е Насер Нуредини, за МКД.мк велат дека медиумите за овој случај Агенцијата ја поврзуваат со ова Министерство бидејќи преку него оди финансирањето на изготвувањето на плановите за планирање на просторот, но дека во другиот дел од финансирањето се оди преку Министерството за транспорт и врска кои плаќаат за изработка на урбанистички планови. Како и сите Агенции, нејзиното работење е директно во надлежност на Владата, а не на спомнатите министерства, и Владата е таа која именува и разрешува раководни кадри. Затоа, за овој случај останавме без коментар од двете министерства.

Медиумите на албански јазик на товар на директорката Андреева, која на функцијата е од јануари годинава, ѝ ставија дека нема вработени Албанци и дека официјалната интернет страница е еднојазична, односно дека не се почитува Законот за употреба на јазиците.

МКД.мк ја праша Владата дали има и други проблематични случаи кога раководители на државни органи или институции одбиваат да примат дел од кадарот од поранешните рамковно вработени.

„Нема случаи на одбивање на прием на вработени. Програмата се реализира според предвидената динамика", одговорија кусо од Владата.

Од Владата информираат дека „до денес, статусот на 807 вработени по К5 програмата е веќе трајно решен, додека за 503 други административци распределбата е во фаза на реализaција".

Со други зборови, досега единствено директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски е разрешен поради одбивање да прими кадри кои му се доделени без тој евентуално да учествува во нивниот избор, а за што тој и јавно соопшти дека одбива да го реализира наложеното, водејќи се од интересот на институцијата. Пауновски доби поддршка од мнозинството вработени, тие имаа и петиција и разговор во Владата, но без успех.

Пркосот кон Владата, како што рече тогаш премиерот Зоран Заев или непрофесионалното однесување согласно Кодексот за етичко однесување на владините членови, беше причината да се разреши Пауновски кој беше директор на Инспекторатот од 2018 година.

По неговото разрешување сѐ уште не е назначен нов директор, поради што доцнат платите за вработените. Пауновски, пак, го чека решението за разрешувањето, по што ќе може да се пријави на старото работно место во Тетово.

П.Џамбазоски

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе