Османи изјавата ја даде во рамки на гостување на ТВ 24 каде беше запрашан за овој случај.
Министерот рече дека Костовска е на постдипломски студии по меѓународна политика во Прага и во нејзиниот случај не станува збор за трговија со влијание. Тој додаде дека таа професија бара време за напредување и со оглед дека и критериумите се тешки нема голем интерес за вработување во МНР.
Османи вели дека во моментов има оглас за вработување на 16 нови луѓе, колку што одобрило Министерството за финансии иако, рече, МНР има потреба за 50 вработувања.
ВМРО-ДПМНЕ и денеска одржа прес-конференција на истата тема - вработувањето на сопругата на пратеникот.
„Тоа е најдиректен, најсилен случај на непотизам, кронизам, корупција, партизација, злоупотреба на позиција, влијание од позиција, зошто да не и трговија со влијание за глас во Собранието! Сопругата на Мартин Костовски пратеник во Собранието, од антимакедонското СДС, е вработена во МНР, во јули, додека се гласаше за бугаризација на Македонија! Вработувањето е сокриено, тајно, направено со преземање од друга институција, веројатно од општинската администрација на Куманово.Е па скандалозно е“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
Тој постави прашања: Заради кои квалификации и каква додадена вредност носи сопругата на Мартин Костовски за да биде преземена во МНР? На која работна позиција имало толкава неопходност што наместо со јавен оглас, сопруга на пратеник од власта да биде преземена од општинска администрација? На која точно работна позиција и функција Бујар Османи ја поставил преземената сопруга на Мартин Костовски?
Стоилковски оцени дека доколку Ковачевски и Османи не одговорат за „вистинска итност и неопходност од специфични квалификации за определена позиција, за коишто можеби ги поседува сопругата на Мартин Костовски и коишто се неодложни и неопходни за МНР во моментов; тогаш се работи за класична злоупотреба корупција и трговија со влијание“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Македонија и нејзината дипломатија тонат на меѓународен план зашто МНР е претворено во „дом за задоволување фрустрации, дом за миленици и сопруги“.
Инаку, во телевизиското гостување министерот Бујар Османи се осврна и на вработувањето на поранешнта тв-презентерка Бесмира Ејупи, за што имаше големи реакции во јавноста, а која во МНР дојде со преземање од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, каде пак, се најде со претходно преземање од општинско ниво.
„Ејупи знае јазици и има безбедносен сертификат од највисок ранг како член на службата на протокол во претходното министерство“, рече Османи и ѝ порача на ВМРО-ДПМНЕ да се запраша за хонорарите кои Ејупи ги добивала врз база на ангажманот добиен од градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ.