Неколкумина од обвинетите во случајот „Шпион“ вчера ненадејно беа пуштени од притвор

Неколку лица обвинети во случајот „Шпион" вчера без најава беа пуштени од притвор, од затворот во Шутка. Засега не се знае која е основата за ова.

Пред два дена, за време на расправата за извештајот на Специјалното јавнообвинителство, Катица Јанева побара притворените во случајот „Шпион“ да се ослободат бидејќи имало луѓе кои со години биле во притвор.

Во случајот „Шпион“ за делата злосторничко здружување и шпионажа обвинети се повеќе лица. За време на рочиштата обвинетите тврдеа дека ова не е кривичноправен настан, туку кривично-политички настан.

Претходно СЈО ги прифати жалбените наводи на одбраната само за висината на казните за сите осудени. Според Специјалното јавно обвинителство, казните се превисоки и престрого определени, па затоа му предложи на Апелациониот суд да бидат намалени или ублажени, а за шестмина да бидат изречени условни казни.

СЈО за овој случај му предлага на Апелациониот суд да бидат направени дополнителни вештачења кои се однесуваат на оружјето пронајдено кај генералот Горан Стојков и кај Цветан Дамјановски и да бидат обезбедени дополнителни докази за делото прикривање кое му се става на товар на првообвинетиот Марјан Ефремов.

„Сметаме дека казните треба да бидат намалени бидејќи Кривичниот суд при одмерување на казните не ги зел предвид сите олеснителни околности кои требал да ги има предвид, а кои стојат реално на страната на обвинетите лица. Покрај тоа, наидовме на тоа дека првостепениот суд пропуштил да изврши вештачење и да прибави докази за релевантни факти за оној дел на кој се однесуваа жалбите на Стојков, Дамјановски и на Ефремов. Во однос на другите жалби на обвинетите лица, кои се однесуваа како на утврдување на фактичката состојба така и на повредата на ЗКП и Кривичниот законик, предложивме да бидат одбиени како неосновани бидејќи по проучување на целокупниот доказен материјал, кој беше навистина обемен, утврдивме дека ваквите жалбени наводи не наоѓаат никаква поткрепа и затоа предложивме да бидат одбиени како неосновани“, рече обвинителката Ленче Ристоска.

СЈО побара условни казни за Марјан Маџовски, Георги Хаџи Мицев, Живко Петковски, Ване Цветанов, Тоше Кушиновски и Кирил Соколов, а за останатите осудени побара намалување или ублажување на затворските казни.

Во предметот „Шпион“, со првостепената пресуда сите 19 обвинети беа прогласени за виновни. Највисока затворска казна доби Марјан Ефремов, кој според Обвинителството бил „мозокот“ на групата која шпионирала за странски разузнавачки служби, а истовремено се занимавала со уценување, измами и изнуди. Нему му беа изречени 15 години затвор за кривичните дела: шпионажа, злосторничко здружување, измама, уцена и прикривање. Останатите затворски казни се движат од една до девет години, а изречена беше и една условна казна.

Меѓу обвинетите се и: ексгенералот на поранешната Единица за брза интервенција „Лавови“ Горан Стојков,  поранешниот директор на Управата за спречување на пари и корупција Ване Цветанов и поранешниот висок функционер во Управата за контраразузнавање Александар Диневски.

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе