НАСТАВНИЦИТЕ СЕ ВО КЛЕШТИТЕ НА БИРОКРАТИЈАТА

Нашите ученици се труби по математика и по природни науки, образованието ни е фасада без содржина

Сите меѓународни тестирања на знаењето на македонските ученици од 1999 година до сега покажаа катастрофални резултати. Основците од Македонија покажуваат сѐ послаби и послаби резултати. Последниве години, како никогаш досега, во Македонија се вложија многу пари во образованието. Резултати нема.

Конечно стигнаа резултатите од последното тестирање ПИСА, спроведено лани. 

Основците од Македонија и на ова меѓународно тестирање ПИСА се рангирани меѓу последните во споредба со постигнувањата на учениците на 15-годишна возраст од светот. Се проверуваа јазичната писменост и знаењата по математика и природни науки на 540 илјади ученици од 72 земји. И овојпат сме четврти одзади. Зад нас се само Косово, Алжир и Доминиканската Република. Најдобри резултати имаат учениците од Сингапур, Јапонија и Естонија.

Нешто слично беше и со ТИМСС-тестирањето во 2011 година. И тогаш од 42 земји, бевме четврти одзади. На ова меѓународно тестирање Македонија учествувала 4 пати - во 1999 година, 2003 и 2011. И секој тест беше полош од претходниот. И по математика, и по биологија, хемија, физика и географија.

Зошто меѓународни тестирања?

Според оваа најнова анализа, лошо стоиме по сите предмети, а експертите велат дека е време да се спроведат нови политики во образованието, кои ќе ги подобрат резултатите на учениците. Така е од 1999 година па наваму. Постојано се вели дека мора нешто да се менува, а додека нешто менуваме, знаењето на нашите ученици станува сѐ понеупотребливо во споредба со нивните врсници од Европа и од светот.

Со ТИМСС-тестирањето во 2011 година се проверија математичките, како и знаењата и способностите по физика, хемија, биологија и географија, кои се сметаат за клучни за интелектуалниот развој на секој поединец, како претпоставка за понатамошно успешно образование и професионален напредок. Затоа, за секоја земја е многу важно да знае каде е, кај се наоѓа нејзиното образование во споредба со светот.

Сите се согласни дека витален интерес на секоја земја е креаторите на образовната политика и истражувачите на полето на образованието да знаат колкаво е нивото на математичката и писменоста по природните науки кај учениците на крајот на задолжителното основно образование. Идејата, секако, е таа образовна политика да се подобрува и унапредува во склад со она што го нуди образованието на одредени земји чии ученици со години по ред постигнуваат потпросечни резултати.

ТИМСС (Trends in International Mathematics and Science Study) и ПИСА (The Programme for International Student Assessmenсе) се стандардизирани меѓународни тестирања на кои секоја земја учествува доброволно. Идејата е по завршувањето на секој циклус од тестирањата (вообичаено се прават на 4 години) секоја земја посебно да види каде е и според тие резултати да ја дефинира сопствената образовна политика. Со овие прашалници се собираат информации и за стручната подготовка на наставниците, за училиштето, за реализацијата на наставата, ресурсите и технологијата што се користат во наставата, темите што се предаваат и содржините што се опфатени во наставата по соодветниот предмет за учениците во VIII одделение, подготовката за предавање на наставниците, домашните работи за учениците, оценувањето на учениците...

Сите досегашни тестирања, освен катастрофалниот успех на учениците, покажуваат и катастрофална опременост на училиштата со лаборатории за природната група предмети (само 37% од училиштата се опремени, а на интернационално ниво просекот е 80%).

Многу пари, малку резултати

Сите учесници во македонското образование се согласни со тоа дека во последно време многу се вложува во образованието, ама нема резултати. Kaко никогаш досега има пари во образованието, ама нема резултати, вели професорот Оливер Зајков од Природно-математичкиот факултет во Скопје

Добивме убави, нови, шарени учебници, ама нема суштина, нема содржина. Многу непотребни предмети, скратување на материјалот од природните науки и математиката, фокусирање на нешто друго што не дава вистинско знаење и вештини. Наставниците се во клешти, зафатени се со исполнување некаква форма, со администрација, со бирократија, за да ги задоволат барањата на инспекторите, постојано се под притисок, се создаде една некреативна атмосфера во која владее страв од можното погрешно пополнување на бараната бирократија, а се заборавија суштинските работи. Со толку пари, набрзинка е направена една фасада, без содржина. Голем систем е направен за голема фасада - децата и знаењето. Па нам на факултет ни доаѓаат студенти што не знаат да соберат дропки“, вели Зајков и додава дека мајчиниот јазик и математиката треба да се основа на сѐ, математиката е алфа и омега за логичното размислување.

Кој ги чита препораките?

ПИСА-тестирањeто во Македонија е направено лани на 4.000 ученици. Овие тестови ја проценуваат функционална писменост на учениците и тестовите не се неповрзани со наставните програми, туку се оценуваат системот и квалитетот на образованието според полот, местото на живеење, етничката припадност... Она што е интересно е дека во Македонија сите досегашни тестирање покажале дека учениците што полагале на албански јазик даваат послаби резултати од учениците што полагале на македонски јазик.

По секое тестирање секоја земја добива детален извештај, заклучоци и препораки. Очигледно е дека ретко кој ги чита овие препораки, се гледа дека не реагираме систематски, туку паушално и кампањски, се реагира од случај на случај, постојано со некакви измени и новитети во наставната програма, но со стариот начин на обука. Нема никакви испитување за тоа што е постигнато со толкавите вложувања.

Она за што сите се согласуваат е дека се потребни нови програми во кои ќе се поттикнуваат размислувањето и интеракцијата, а не фактографијата. Кај нас и со екстерното тестирање се мери само фактографијата, а не имагинацијата и способноста за логично размислување.

И покрај сите овие сериозни неуспеси, од Министерството за образование велат дека на ова реагираат со воведувањето на наставните програми и учебници одобрени од Кембриџ. И покрај сите промашувања со овој проект, Министерство не само што не се откажува од воведувањето на Кембриџ-учебниците, туку од наредната година ќе ги внесе и во средното образование. Уште една убава идеја што без системска анализа, сериозно истражување и приспособување на содржината, со лошиот превод и кампањскиот и бизнис-приод, едноставно ја расипува идејата.

Последната одлука на Владата на Република Македонија е нашите ученици да бидат дел од ПИСА-тестирањето, од причина што преку оваа програма се проверуваат повеќе параметри, односно сегменти - јазичната писменост, математичката писменост, како и писменоста на учениците во областа на природните науки. Наспроти ТИМСС-програмата со која се тестираат математичката и писменоста во природните науки. Во секој случај, резултатите од ваков тип тестирања се основа за понатамошен развој и креирање на политики за унапредување на квалитетот на образовниот систем“, велат од Министерството за образование.

Македонија по втор пат учествува во ПИСА. Првиот пат беше во 2000 година, кога постигнувањата на учениците исто така беа меѓу најслабите.

Резултатите од тестирањето најголем дел од земјите ги користат за анализа на образовните политики и нивно приспособување заради подобрување на постигнувањата на учениците и нивна конкурентност со учениците на глобално ниво.

Значи во последниве 16 години, во континуитет образовниот систем на Македонија покажува катастрофални резултати во однос на знаењето на основците. Шеснаесет години, и тоа со сериозен пад во постигнувањата од година во година. Резултатите не покажуваат стагнација - туку паѓање. Сите досега преземени образовни реформи покажаа сериозен неуспех. Вината е во тој паушален приод, несистематско воведување промени, без пошироки консултации на сите засегнати страни - професори, издавачи, автори, наставници, ученици, родители...

Кој досега направил евалуација на ефектите од промените? Знае некој кои се резултатите од анализите на примената на Кембриџ-учебниците од 1. до 3. одделение? Или, попрецизно би било прашањето дали воопшто имало анализа за да може така сесрдно да се влезе со печатење на учебниците и за 8. и 9. одделение, а од наредната учебна година и за средно образование.

Овие тестирања навистина нудат битни информации за состојбата во образованието за секоја земја поединечно и даваат препораки за тоа каде и како би требало да се креира поиздржана политика за во иднина.

Прашањето е дали тоа некој го гледа и чита?

А.Д.

Што е ПИСА?

Меѓународното тестирање ПИСА е една од најчесто користените алатки во светски рамки за мерење и оценување на практично применливото знаење на учениците во образовниот систем во матичната земја. Оценувањето се спроведува во повеќе од 60 држави од целиот свет и го реализира Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД на секои пет години. Знаењето и способностите на учениците се мерат во три подрачја и тоа оспособеност за читање со разбирање и критички пристап во читањето на пишаните материјали, математичка писменост и писменост во природните науки.

 

Што препорачува Светската банка?

Владата треба да преземе чекори за подобрување на квалитетот на образованието, оценува Светската банка во извештај за Македонија. Во извештајот се укажува дека треба да се обезбеди обука за наставниците во основните и во средните училишта, како и да се зголеми бројот на часовите кај наставниците во основното образование, што ќе доведе до зајакнување на квалитетот на основното и средното образование. Аналитичарите од Светската банка советуваат дека високото образование може да се подобри преку координација на наставната програма со приватниот сектор и со воведување капитација за финансирање на високото образование.

Запишувањето во високото образование брзо се зголемува во изминатите неколку години, меѓутоа ефикасноста на системот за високо образование и понатаму е на ниско ниво, стои во извештајот.

Во извештајот се нотира дека придобивките во образовниот сектор биле забележливи во последните неколку години, особено во однос на зголемената стапка на запишување во средно образование и подобрување средината за учење во основните училишта. Но сепак, квалитетот на основното и средното образование не е значително подобрен во последните неколку години, според мерењата на меѓународните тестови. Дополнително се забележува дека македонските ученици во однос на вештините заостануваат во споредба со учениците од земјите во регионот.

Светската банка оценува дека уписот во високото образование бележи рапидно зголемување во последниве години, но неговата ефикасност и натаму останува на ниско ниво.

Недостигот од внатрешни и надворешни механизми за проверка на квалитетот го ограничува унапредувањето на квалитетот и релевантноста на високото образование. Постапките за следење на квалитетот во голема мера се недоволни и треба да бидат подобро усогласени со моменталните случувања во Европа.

Одборот за акредитација и евалуација на високото образование е фокусиран само на акредитација на институциите и на студиските програми. Следниот чекор треба да содржи и екстерна евалуација на високообразовните институции и поврзување на резултатите од евалуацијата со институционалната акредитација, пишува во извештајот.

Светската банка порачува дека подобрување на квалитетот во основното образование може да се постигне преку одржлива инвестиција во наставните средства, преку обуката на наставниците, програми за стимулација слични со грантовите за подобрување на училиштата, зголемување на бројот на часовите на настава, особено во основното образование, кои се значително помалку отколку во другите земји за споредба. Во однос на подобрувањето на високото образование, Светска банка во извештајот порачува да се подобри координацијата на наставните програми со приватниот сектор, да се воведе систем на финансирање по капитација за високообразовните установи.

 

Дали Борисов ќе го негира својот претходник, поранешниот премиер, генерал Рачо Петров и ќе продолжи да инсистира на заедничка историја која официјална Бугарија упорно настојува да ни ја подметне.

повеќе

Не треба да паднеме во замката која не втурнува во спиралата на континуирано себепоништување.

повеќе

Инвестицијата за изградба на автопатиштата Штип-Миладиновци и Кичево-Охрид повеќе личи на наш подарок за Кинезите, отколку на вистинска инвестиција.

повеќе