МПЦ бара „Етика во религиите“ да остане посебен предмет и одложување на пописот

Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија реагира на најавите за промена во концептот за основно образование и бара предметот Етика во религиите да остане во образовниот процес како посебен предмет, со кој на децата ќе им се овозможи образование и воспитание согласно нивните верски убедувања.

Светиот архиерејски синод МПЦ – ОА категорично се придружува во борбата за почитување на човечкиот живот, здравје и слобода, како и против дискриминацијата од секој можен вид, но истовремено инсистира на тоа дека секој обид за систематско ревидирање на вредностите и погледите кои произлегуваат од православното христијанство претставува чин на дискриминација. Во тој контекст, има значајни забелешки во однос на новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, како и на новата концепција за основното образование, коишто ќе бидат дoставени до надлежните институции, се вели во соопштението од седницата на САС одржана пред три дена.

Тие потсетуваат дека државата е должна да обезбеди воспитание и образование во согласност со верското убедување на родителите, што значи и дека никој нема право да наметнува воспитание и образование на децата спротивно на верското убедување на нивните родители.

„Во прилог на наведеното сметаме дека програмата на предметот „Етика во религиите“ безусловно треба да најде соодветно место во новата концепција во текот на целото основно образование“, велат од МПЦ.

Во соопштението се додава дека САС на МПЦ – ОА со голема загриженост ја разгледа појавата на антицрковни тенденции, кои, свесно или несвесно, го нарушуваат единството и чистотата на правoславната вера, како и духовниот и канонски поредок. Ваквите пројави главно се демонстрираат на социјалните мрежи, каде што преку духот на осудата, а за некакво божемно „отстапување од светите канони“ се дава повод за соблазна на верниот народ. Оние што стојат зад платформите: „Слово против сектите“, „Соборно православие – анaлизи“, „Православна Македонија“, „Свето Православие“, „Слово Божјо“, „За последните времиња“, „Симон Киринејски“, „Манастир Св. Гаврил Лесновски“ и некои други, љубовно се повикуваат да го напуштат клеветничкиот и соблазнувачки дух и да се вратат во послушание кон светата црква, се вели во соопштението.

Поради влошување на епидемиолошката состојба со ковид кризата кај нас, Синодот изразува загриженост и препорачува времено, по примерот на другите европски земји, кои од истите причини веќе ги одложија закажаните пописи и нашата земја да го следи нивниот пример, почитувајќи ги здравствените протоколи.

Исто така, Синодот искажува загриженост за најавената постапка за менување на улици во градот Скопје на заслужни црковни и национални дејци.