Реакции

Митко Панов: Заев историјата на сопствениот народ ја разбира како средство за политички договор

Историјата на македонскиот народ не може да биде желботека на неписмените (ѓоа)политичари и мегдан за фалсификување. Улично насилство. Промена на националниот наратив во македонскиот образовен систем. Во Европа и во светот фашистичката власт или окупација има и етничка определба… Ова се само дел од реакциите по вчерашната изјава на Зоран Заев дека во македонските учебници ќе се брише бугарски пред фашистички окупатор. Ден пред тоа, бугарскиот претседател Румен Радев потсети на тоа дека Македонија треба да изврши промени во учебниците, по спомениците, во музеите…

За Митко Панов, редовниот професор на Институтот за национална историја, обете изјави, и на  бугарскиот претседател Румен Радев и на македонскиот премиер Зоран Заев го рефлектираат континуитетот на политиките на раководствата на двете држави.

„Со таа разлика што онаа на бугарскиот претседател, го одразува континуитетот на политиката од 19 век, а онаа на македонскиот премиер, на политиката од 2017 година. Во суштина, бугарскиот претседател бара правно обврзувачки гаранции дека крајниот исход од политичките преговори ќе резултира со историско делегитимирање на постоењето на македонскиот народ, односно дека не постоел, бидејќи бил бугарски; а македонскиот премиер историјата на сопствениот народ и нација ја разбира како средство за политички договор. И додека политиката на бугарскиот претседател ги изразува бугарските национални интереси и стратегиска агенда за Македонија, политиката на премиерот е погубна, бидејќи истата подразбира бришење на историската меморија која ги рефлектира државотворните традиции, втемелени на АСНОМ“.

Панов во изјавата за МКД.мк потсетува на бришењето на Манифестот и одлуките на АСНОМ кои со уставните измени беа заменети со Прогласот од Првото заседание на АСНОМ, во кој на македонскиот народ му се обзнануваат одлуките.

„Меѓутоа, најновата изјава на премиерот, покренува и друго суштинско прашање, дали тоа е најава за нова промена на Уставот, бидејќи во Прогласот на АСНОМ постои терминот ‘бугарски фашиски војски’.

Доколку бугарскиот предзнак се избрише пред фашистички, содржан во историските записи на АСНОМ, на натписите, спомениците, во колективната меморија на македонскиот народ, како и на сите етнички заедници во Македонија кои ги почувствувале ужасите на фашизмот, тоа не значи ништо друго туку фалсификување на македонската историја. Од тоа ќе произлезе дека македонскиот народ всушност се борел со апстрактен непријател. А токму тоа, бугарското раководство настојува да го докаже - дека немало окупација, туку ослободување на Македонија од бугарските војски и дека АСНОМ, всушност е рефлексија на Југословенската идеологија со која дотогашните Бугари биле идеолошки и насилно конвертирани во Македонци. Официјалната позиција на Бугарија е впрочем отворено демонстрирана преку ставот дека немало македонски народ и македонска нација, кои, според Софија се вештачки конструкт на титова Југославија.

Промените во историскиот наратив и колективната меморија, а која е одразена во историските документи, споменици, натписите, што го најави премиерот, ќе значи признавање на ваквите бугарски тврдења“, вели Панов во изјавата за МКД.мк.

Тој потсетува дека Манифестот на АСНОМ, меѓу другото се констатира дека „под великобугарската окупација настанаја најтешките години на македонскиот народ“ и дека „вековниот идеал на македонскиот народ се постигнува. За прв пат после Самоила македонскиот народ створи своја собствена држава; за прв пат македонскиот народ ќе се осети во Македонија како во своја кукја; за прв пат тој стана не дребна пара во сметките на грабежливите сили, ами слободен народ во слободна држава“. Во Прогласот од ЦК на Комунистичката партија на Македонија до македонскиот народ од 4 август 1944 година меѓу другото се наведува дека „жртвите кои ги даде во денешната борба против германо-бугарските окупатори и маките кој ги преживе под црното фашиско иго искупени се. Идеите на Делчев, Сандански и други остварени се“.

„Отстранувањето на бугарскиот предзнак во контекст на антифашистичката борба, од учебниците, спомениците, натписите ... ќе значи бришење на историските придобивки на македонскиот народ, како израз на неговата посебност и државотворност.

Меѓутоа, ваквата политика веќе се применува во македонскиот образовен систем. Новата Концепција за основно образование резултираше токму со раскинување на седумдецениското изучување на историјата како самостоен предмет во македонскиот образовен систем, воведен како резултат на АСНОМ-ските државотворни одлуки за градење автономен национален наратив. Продуктот од ваквата реформа е новиот учебник за 4-то одделение по „Историја и општество“, во кој не само што историјата е крајно маргинализирана, туку на учениците АСНОМ им е претставен како израз на борбата на „македонското население“, а не на македонскиот народ; население кое се борело за ослободување од некаква „туѓа власт“, а не од бугарската. Притоа, воопшто не се посочуваат одлуките на АСНОМ. Тоа ја рефлектира политиката за апстракција на македонската историја која провејува во целиот учебник, со што секој ученик ќе треба да си ја замислува историјата. Тоа, меѓу другото, во крајна линија ги антиципира бугарските барања за промена на националниот наратив во македонскиот образовен систем. Откако учебниците по историја, повеќе нема да ги има.

Примери за контрола на сегашноста и на минатото имало во историјата. Римскиот Сенат вовел практика на „damnatio memoriae“ (осуда на меморијата), како принцип на казнување на политичките личности, кои не биле подобни за Сенатот или за римскиот император. Тоа било проследено со уништување на сите траги кои можеле да посведочат за постоењето на казнетата личност. Целта била уништување на меморијата за личноста, како личноста никогаш и да не постоела.

Меѓутоа, парадоксот е дека меморијата сепак опстојала и тоа во записите за и од истите политички елити, кои сметале дека ги избришале сите траги од сеќавањето на казнетата личност. Од историска дистанца, овие римски политички елити се посочуваат како негативни примери во историјата! Со осудата на меморијата на другите, тие самите се осудиле себеси“, вели во писмената изјава за МКД.мк историчарот Митко Панов.

Вчера реагираше и партијата Твоја. „Многу работи може да се направат во рамките на добрососедските односи, но во ниту едни рамки не може да се менуваат историски факти поради тоа што се токму тоа (историски факти). Не може да се толкува историјата за да одговара на дневнополитичкиот конструкт.  Таа мора да остане непроменета, запишана таква каква што е. А бидејќи не може да се едитира текстот на оригиналниот запис од АСНОМ, за да биде остварлива идејата на Заев треба да не се изучува воопшто тој текст кој е основата на самостојната македонска држава или пак селективно да се „прераскаже“, а сѐ со цел да се задоволи нечие туѓо барање кое нема никаква фактографска, ниту друга рационална подлога, е спротивно на нашите национални интересни и не е ништо друго освен типично „улично насилство" врз послабиот. Ова не смее да се дозволи по ниту една цена и остро се спротивставуваме на ова барање на Заев да му удоволи по секоја цена на бугарскиот „пријател" и добар сосед“, се вели во реакцијата на Твоја.

За професорката, историчар, Наташа Котлар, се работи за неука, суртучка, безобразна изјава на Заев дека „ќе се интервенира во учебниците онаму каде што пишува бугарски фашистички окупатор“.

„Учебниците треба (а, така е насекаде), да се пишуваат врз основа на научните сознанија и принципи, а не според желбите на еден премиер, претседател или владетел за „пријателски дух“. Ова е фалсификување на некогашната сегашност – минатото, на еден народ. Напротив, во Европа и во светот, фашистичката власт или окупација има и етничка определба. Така, во учебниците стои формулацијата – германски фашистички окупатор (Полска, Словенија и др.), јапонскиот фашистички окупатор (Кина)... И во историјата на македонскиот народ е коректно напишано дека во периодот од 1941 до  крајот на 1944 година, тој се борел против – германскиот, италијанскиот и бугарскиот фашистички окупатор и против албанската колаборациска фашистичка власт. Ова го има во документацијата на антифашистичката борба на македонскиот народ и во документите на АСНОМ. Историјата на македонскиот народ не може да биде желботека на неписмените (ѓоа)политичари и мегдан за фалсификување! Недостоинствено, ненаучно и срамно“, напиша Котлар на својот фејсбук-профил.

И Ѓорги Спасов, сопратиецот на Заев, вели дека историски факт е дека во Македонија за време на Втората светска војна имало и бугарски и италијански фашисти и германски нацисти и фашисти. „Имало. И тоа е историски факт запишан во сите светски енциклопедии и историски учебници. Ако на некој споменик во Македонија пишува дека тој и тој народен херој е убиен од бугарските фашисти во време на Втората светска војна тоа не треба да ги навредува Бугарите освен ако сметаат дека за време на Втората светска војна не постоеле бугарски фашисти и окупатори на туѓи територии туку само „ослободители и администратори".  Тие може да сакаат да си ја разубавуваат својата национална историја со бројни фалсификати, но ние во име на жртвите во борбата против фашизмот тоа не смееме да го прифатиме, особено не како услов за члентво во ЕУ. Можно е само да допишеме таму кај што треба дека се тоа жртви на бугарските фашисти од време на Втората светска војна и ништо повеќе“, смета Спасов.

А.Д.

Одлуките донесени од поранешната власт, како што се докажа, беа лоши.

повеќе

Сѐ поочигледно е дека наместо Заев да направи чистка и да замети, граѓаните ќе го изметат него и СДСМ.

повеќе

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе