Една година пред конгресот

Митко Јанчев и Никола Попоски најавија кандидатура за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Поранешниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, вечерва најави дека ќе се кандидира за лидер на ВМРО-ДПМНЕ затоа што партијата оди во погрешен правец и бележи само порази на политичката сцена. И поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски неодамна, со одредено условување најави дека би можел да се кандидира за претседател на партијата. И двајцата се согласни со тоа дека лидерот треба да се избира од членството, од базата, а не обратно.

Во емисијата „Во центар“ Јанчев рече дека треба да прекине праксата лидерот на партијата да се бира или да се поставува од мала група луѓе и потоа тој да им биде должник на тие луѓе и да работи за нивните интереси. Според Јанчев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ треба да се бира со гласање на целокупното членство.

„Ќе се кандидирам за лидер на ВМРО-ДПМНЕ на непосредни избори кога целото членство на партијата ќе биде во состојба демократски да гласа и да го избере новиот лидер. Мене не ми се потребни конгреси во Валандово, јас сакам целото членство да може да каже дали ја заслужувам довербата да дојдам на чело на партијата. Не го разбирам Христијан Мицкоски. Не треба некој да те брка од партијата, треба да го исполниш тоа што си го ветил. Ако си кажал дека по пораз на изборите ќе се повлечеш од лидерската позиција, тогаш тоа ветување треба да се исполни“, рече Јанчев.

Тој додава дека има план да се кандидира за уште еден градоначалнички мандат во Кавадарци, а дури потоа да се бори за лидерската позиција во партијата. Јанчев во октомври 2018 година беше разрешен од функцијата потпретседател на партијата.

На 9 октомври во интервју за ТВ Канал 5 Никола Попоски изрази сериозно незадоволство од тоа како се менаџира со ВМРО-ДПМНЕ. Тој вели дека партиското раководство нема концепт за водење на партијата.

„Се избегнува дебата за поразите. Се создава дистанца од одредена група на луѓе кои бараа сериозни анализи за изборните порази. Во однос на тоа има рестриктивен однос. Или треба да го следите она што се прави во партијата или сте дистанцирани. Може да се направи многу повеќе од она што партијата го прави во овој момент. Праксата на исклучување на голем број членови, нивно дистанцирање не е формула која треба да се применува. Концептот на ова раководство на отргнување на членовите од базата не функционира. Мора тоа да го надминеме. Неопходно е сплотување и прекинување на праксата на исклучување. Нема концепт, одлепено е од реалноста. Концептот на сегашното раководство со ребрендирање без суштина не носи во агонија. И другиот концепт со собирање на потписи за конгрес е исто така погубно, така ќе се предизвикаат фракции во партијата. Целта е да се обединиме, треба ново решение, а овој концепт е погрешно решение за победа на наредните избори. Мора да излеземе со нов концепт. Недостасува лепење на базата со раководството. Треба да се искористат наредните локални избори. Општинските комитети треба да му кажат на партиското раководство кои ќе бидат кандидатите по општините. Потоа треба да имаме избор на раководство на внатрепартиски избори. Јас сум во таборот кој сака ВМРО-ДПМНЕ да е обединето, зрело, за партија која ќе победува на избори. Овие локални избори ни се најдобрата прилика тоа да го направиме, да го смениме тој систем. Би се кандидирал за претседател на ВМРО-ДПМНЕ само ако се исполнуваат овие предуслови. Мора да се обединиме, да се сплотиме“, изјави тогаш Попоски.

Како што тргнало, на крај, кога ќе го оствариме сонот и конечно ќе влеземе во ЕУ, ќе бидеме нација X, со јазик Y, со националност Z? Кој ќе се радува на тоа?

повеќе

Зошто да не му веруваме на лидерот кој е на чело на колоната запатена кон ЕУ?

повеќе

Логиката е кога веќе се успеа со Преспанскиот договор, кога веќе отстапката е потпишана, зошто да не се направи тоа и со Бугарија.

повеќе