За случајот со украинскиот и руски граѓанин Олександар Онишченко, човекот кој е на црната листа на САД, Владата пред два дена одлучи да му го одземе македонското државјанство. Онишченко вели дека македонскиот пасош го добил со легални документи. МВР и АНБ се надлежните државни институции кои во ваков случај препорачуваат или не македонски пасоши за странци. Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека за 20 дена АНБ ќе има нов директор, меѓутоа не кажа дали смената на директорот на АНБ е поради неговиот нов ангажман – амбасадор на Македонија во Франција или поради одговорност за скандалот.
На расправата во Собранието за овој случај по пратенички прашања, Милошоски праша дали премиерот знаел дека руски шпион пет месеци барал државјанство. „Дали тоа значи дека тој не знаел, него не го третирале, бидејќи таму малку премиер е Зоран Заев, малку премиер е Артан Груби, малку Ковачевски и малку Миле Зечевиќ. Не прашав детали, туку дали премиерот знаел. Во тие пет месеци, Ковачевски два пати се среќава со Димовски. Ако Димовски не му кажал на Ковачевски дека ваков руски шпион поднел барање за државјанство, тогаш Ковачевски не е премиер. Станува збор за еден од најблиските разузнавачи на Путин, а американската Влада има седум лица од цел свет што се на црната листа, а четврти е Онишченко“, рече Милошоски.
Одлуката на Владата за одземање на македонскиот пасош на Онишченко поради „лажни документи“, а не поради пропустите на АНБ, назначува дека Димовски сепак ќе биде испратен во Париз без никаква одговорност за овој скандал, кој ќе заврши само со дисциплинска на дел од вработените во АНБ. Без политичка одговорност за безбедносната „дупка“ во најбитната безбедносна институција.
А.Д.