Согласност има, ама не и реализација

Милошоски чека материјали од Османи, Османи чека седница...расправа за преговорите со Бугарија нема

Претставници на Владата се подготвени пред пратениците во собраниската Комисија за надворешна политика да презентираат информации за преговорите со Бугарија, како што беше неодамна потврдено, но седницата е далеку од реализација. Ниту е закажана, ниту е договорен термин за закажување.

Комисијата ги чека материјалите за кои треба да се дискутира, од Владата односно од Министерството за надворешни работи чекаат да се закаже седница на Комисијата.

„До Комисијата за надворешна политика, како матично работно тело, сѐ уште не стигнале материјалите кои ги побаравме од МНР, а тоа се дополнителните документи кои владите на Заев и Борисов ги преговарале во прилог на Договорот за добрососедство. Штом ги добиеме овие контроверзни документи, ќе им ги доставиме на пратениците и ќе закажеме седница согласно Деловникот. Доколку Владата нема што да крие од народот, очекувам собраниското мнозинство да прифати седницата да биде отворена за јавноста“, вели претседателот на Комисијата за надворешна политика, Антонио Милошоски за МКД.мк.

За тоа дали седницата ќе биде затворена или отворена за јавноста одлучуваат членовите на Комисијата. Доколку некој од пратениците побара седницата да биде затворена заради чувствителноста на прашањето, одлука се носи со гласање.

Милошоски не исклучува на седницата да присуствуваат и претседателот на МАНУ и копретседавачот на Мешовитата македонско-бугарска комисија.

„На таквата седница на Комисијата за надворешна политика би било добро и корисно да бидат поканети претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, и копретседавачот на мешовитата историска комисија, Драги Ѓоргиев, бидејќи нивното мислење за македонско-бугарските прашања е релевантно“, додава Милошоски.

И додека Милошоски ги чека материјалите, од Владата нема никаква информација за присуство на собраниската Комисија.

Последната изјава на министерот за надворешни работи Бујар Османи беше дека е подготвен низ транспарента постапка да ги отворат сите прашања поврзани со надворешната политика низ почести средби и тематски седници, во рамки на Комисијата за надворешна политика.

„Подготвен сум да ги вложам сите напори за да создадеме услови низ транспарентна постапка да ги отвориме сите прашања поврзани со надворешната политика, низ почести средби и тематски седници во рамките на Комисијата“, напиша Османи во одговорот до Милошоски.

Но, Османи уште додава дека „во духот на взаемната соработка од интерес на надворешната политика треба да ги затвориме и останатите заостанати прашања“.

„Сакам да ве повикам да ја закажете и седницата на Комисијата на која ќе можат избраните предлог-амбасадори кои веќе ги минале сите постапки и добиле агремани од земјите на упатување, да ги одбранат тезите пред пратениците и ќе бидат упатени во соодветните Дипломатско-конзуларни претставништва“, напиша Османи, без да прецизира дали тоа е услов за присуство на расправа за преговорите со Бугарија.

Инаку, претседателот Стево Пендаровски минатата недела изјави дека според негови сознанија најверојатно оваа недела Акцискиот план со Бугарија ќе се најде пред собраниската Комисија за европски прашања или за надворешна политика.

Пендаровски рече и дека не гледа причина зошто да нема седница на која ќе се информира за тековните активности со Бугарија.

„Мислам дека е донесена одлука во Владата тоа да се случи. Нема причина зошто да не се случи. Тоа е нивна практично и тековна обврска одвреме-навреме да ги информираат законодавниот дом и пратениците. Значи, ќе има таква сесија, на која сигурно ќе се разговара и за најновиот развој на настаните во таа смисла, во смисла на документи“, вели Пендаровски.

Ж.П.Б.

 

Иако новогодишните честитки во јануари оваа година, беа најчесто за здравје и со желба за „старото нормално“, првите три месеци од 2021 година не навестуваат крупни промени околу тоа кој ќе биде повторно најизговорениот збор и во периодот кој претстои. 

повеќе

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе