11 Октомври е еден најсветлите датуми во македонската историја, затоа што значеше почеток на едно ослободително и антифашистичко востание на македонскиот народ, кое беше крунисано со АСНОМ и втемелувањето на македонската државност. Со нападот на бугарскиот полициски участок во Прилеп партизанскиот одред Гоце делчев ја започна борбата против фашистичкиот окупатор која како пламен се прошири низ цела Македонија, напиша меѓу другото во својата честитка, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по повод 11 Октомври, денот на народното востание.
„Борбата за Македонија никогаш не престанува, било да е тоа борба за напредок и подобар живот, било да е тоа борба против повампирените хегемонистички апетити кон Македонија. Токму денешниот празник е најдобар доказ дека идеалот за Македонија и патриотизмот е најсилно оружје на еден човек. Партизаните тој 11-ти Октомври 1941 година, како и нивните претходници револуционери покажале невиден хероизам да се спротивстават против фашистичкиот и секој друг окупатор на татковината затоа што ги водела љубовта кон Македонија. Таа љубов гори во нас и нема да дозволи никој да се пазари со националните и државните интереси", напиша Мицкоски во честитката.