Реакција на ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски: Ако новиот француски предлог е толку добар, Ковачевски веднаш да го објави

Најавените протести ги одложуваме и во наредниот период ќе се фокусираме на потенцијалното предавство на државните и националните интереси и целосно ќе се фокусираме на последниот француски предлог за кој актуелната влада искажа подготвеност да го прифати. Според наши информации се работи за предлог во кој се променети само два збора. Не случајно овој модифициран француски предлог од прва е прифатен од бугарскиот претседател и премиер. Ова е нокаут за македонската дипломатија, изјави вечерва Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Предлогот, кој според нашите информации е пристигнат во Владата, за нас е неприфатлив. Се прави обид да се создаде перцепција за некаков триумф. Овој модифициран предлог за кој се говори последните неколку часа го немаме видено. Но, врз основа на информациите со кои располагаме се работи само за два модифицирани збора.

Се чудам од каде знае албанскиот премиер Еди Рама дека овој предлог е прифатлив за македонскиот народ. Од каде Рама ја има таа информација, а ние, заедно со сите граѓани ја немаме. Се работи за предавство на Владата на СДСМ и ДУИ и затоа предлогот се крие.

Сакам да потсетам дека за ова сценарио предупредив пред неколку дена, дека тим на МНР веќе преговара во Софија, а денеска и Османи потврди дека тој преговарал во Софија за македонските интереси. Македонија е единствената држава која наместо да преговара според копенхашки критериуми, преговара по бугарски диктат. Барам веднаш Владата да го објави овој предлог затоа што велат дека е многу добар. Ако е толку добар нека го објават веднаш. Ние нема да прифатиме решение штетно за народот и за индината на македонскиот народ“, изјави Мицкоски.

Тој ги повтори црвените линии на ВМРО-ДПМНЕ.

„Црвените линии на ВМРО-ДПМНЕ се јасни. Нема да прифатиме ни во преговарачката рамка ни во кој било документ македонскиот јазик да биде нешто друго освен  македонски без фуснота, без условувања. Сето останато, вклучително и некакви си протоколи и Договор за добрососедство не може да биде дел од преговарачката рамка“, рече претседателот на опозициската партија.

Според Мицкоски, нема корекција на претходниот предлог, туку во прашање е, како што вели, семантика, инверзија на зборови, а бугарските барања се дел од овој модифициран предлог.

Во прилог на ваквото тврдење прашува „зарем Радев ќе прифати нешто што ќе значи негов дипломатски пораз“.

„Ова е дебакл. Зарем треба да им верувам на оние од Владата кои илјада пати не излажале дека сега овој 1.001 пат ја кажуваат вистината“, изјави Мицкоски и повика уште вечерва Владата на својата веб страница да го објави предлогот.  

Исто така, како што рече, го повикува народот на будност, бидејќи ова се „историски моменти, ова е поинаков Илинден“.

„Ова директно се однесува на македонскиот идентитет кој со векови е создаван. Се подготвува асимилација. Нема време ни за одмор ни да седиме дома. Сега се одлучувачките моменти“, рече тој.

Мицкоски ги повика и медиумите на будност и им порача да не веруваат на она што им го кажуваат туку на она што ќе го прочитаат па ги советуваше да го бараат документот на виделина.

„Зарем може иднината на Македонецот да ја оставиме во рацете на Маричиќ и Османи?“, заклчучи Мицкоски, алудирајќи на најавата од Ковачевски дека тие двајца од утре ќе имаат серија брифинзи за модифицираниот француски предлог.

Работите во Македонија забегаа до тој степен што за нив мора да се пишува отворено, „револуционерно“.

повеќе

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе