Како што најавија од СЕП, вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, заедно со вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, ќе биде дел од сесијата на тема „Партнерство со граѓанските организации“, на која со нивната бугарска колешка, заменик премиерката за добро владеење Калина Константинова, ќе дискутираат за следните чекори во активностите за системско вклучување на граѓанскиот сектор во сите работни групи и за проекти на кои граѓанските организации од двете држави можат заеднички да работат.
На посебни паралелни состаноци министерот за правда Никола Тупанчески со бугарскиот заменик министер за правда, Борислав Ганчев ќе разговараат на тема правосудство и антикорупција.
Следните чекори за реализирање на двегодишната Програма за имплементација на Договорот за заштита на животната средина и управување со водите ќе ги дефинираат на денешниот состанок министерот Насер Нуредини со Борислав Сандов, заменик претседател на Владата за климатски политики и министер за животна средина и води на Република Бугарија.
Дополнително, информираат од СЕП, вицепремиерот Маричиќ на средбата ќе ја отвори и темата за Меморандумот за соработка во делот на ЕУ интеграции и Зелената агенда.
За време на средбата, како што е најавено, ќе биде потпишана и Декларација за заемна соработка помеѓу Министерството за електронско управување на Бугарија и Министерство за информатичко општество и администрација на Северна Македонија од страна на Божидар Божанов и Адмирим Алити.