До институциите досега поднесени само 2 претставки

Македонските Бугари се жалат во Софија, дома не пријавуваат дискриминација

Правата на македонските граѓани што се изјаснуваат како Бугари се главна забелешка на бугарските власти кога зборуваат за Договорот за добрососедство со Бугарија. Во Софија се тврди дека има дискриминација, заплашувања и отворени напади против македонските Бугари, а до институциите во земјава досега се поднесени само две претставки за дискриминација врз основа на етничка припадност од лица од бугарска етничка припадност. Едната е во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а другата кај народниот правобранител.

„Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) од почетокот на своето работење од лани во јануари, поточно за една година, има примено една претставка за дискриминација врз основа на етничка припадност од лице од бугарска етничка припадност. Претставката е поднесена од физичко лице и се однесува на дискриминација во работни односи. Комисијата постапуваше по оваа претставка и донесе мислење со кое не се утврдува дискриминација“, одговорија од Комисијата на прашање на МКД.мк.

Во овој случај се работи за лице вработено во општина, кое се жалело дека е преместено во други простории во кои наводно немало услови за работа. По претставката, Комисијата се обратила до општината, од каде што се добиени докази дека услови за работа во тие простории има. Освен тоа, добиен е и доказ дека вработениот на огласот за работа се пријавил како Македонец, а не како Бугарин.

Инаку, како што ни одговорија од Комисијата, немаат примено претставки за дискриминација врз основа на етничка припадност од здруженија на Бугари во земјава.

Една претставка е испратена и до народниот правобранител, но не добивме информација дали се работи за истиот случај.

„Во текот на 2021 година до народниот правобранител е доставена една претставка од лице кое се декларирало како припадник на бугарскиот етникум, а се однесува на дискриминација по одреден законски основ. Ова е единствен случај во изминатите години во областа на дискриминација каде лицето навело дека е дискриминирано поради тоа што е етнички Бугарин“, велат за МКД.мк од канцеларијата на народниот правобранител.

Што се однесува на претставките доставени од другите области по кои постапува народниот правобранител, како што додаваат, невозможно е да дадат конкретен податок, бидејќи како национална припадност се водат единствено народите кои се запишани во Преамбулата на Уставот, додека останатите се заведуваат во графата „други“.

Македонските Бугари помош за решавање на своите проблеми побараа од бугарските власти на неодамнешните средби со претседателот Румен Радев, со Владата и со сите поголеми политички партии, но не бараат решавање на нивните проблеми дома.

На прашањето зошто не пријавуваат дискриминација дома, дел од нив велат дека во принцип не пријавуваат оти нема цел, односно не се постапува по тие пријави.

„Од време на време, се поставува прашањето - зошто македонските Бугари не ги користат националните институции за да посочат примери на дискриминација? Иако, печатот неретко објавува примери на дискриминација, на неодговорност и непостапување на разни органи на управа, институции, раководители и сл. впечаток е дека ако тоа се случи во контекст и на најмала врска со Бугарија, истиот тој печат се однесува небаре препораките на Прибе се одамна реалност!?

Или, јавното ‘згрозување‘ од постапката на поранешниот претседател на Комисијата за антидискриминација и неговото ‘експресно‘ решение за поранешниот премиер дека е изложен на дискриминација, документ што на вториов му послужи како еден од аргументите да побара азил во Унгарија. Но ‘загрозеноста‘ некако исчезна кога со 97 гласа ‘за‘ и ниту еден против или воздржан, тој беше избран од Собранието за претседател на ДИК. Или, зарем не е дискриминација да ‘никнат‘ стотина објекти во националните паркови, а потоа по јубилеен илјадити пат да се носи некаков закон за некаква ‘легализација‘?.

Што да кажеме пак кога се уписите за факултет? Некој секретар(ка) издавањето на еден сосем обичен документ од техничка природа по свое мислење го издава на пример за Словенија, но, за студирање во Бугарија, бара некаква ‘наредба‘ од министерот“, објаснуваат од едно од здруженијата на македонските Бугари.

Од друга страна, бугарскиот претседател Радев постојано обвинува дека „децениската политика на дискриминација на македонските Бугари, од кои 120.000 се бугарски граѓани и граѓани на ЕУ во последно време ескалира со отворени јавни напади против нив“. Според него, правата на македонските Бугари се клучна точка во копенхашките критериуми за членство во ЕУ за кои не може да се преговара. 

Ж.П.Б.

Економската криза е лоша во сите сфери на живеењето, но од неа можеме и да научиме по нешто.

повеќе

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе