По изборите проблеми со софтверот и за пописот

Македонска или бугарска компанија без пари или за пари го изработи софтверот за попис на дијаспората

Скеил фокус (Scale focus) ИТ компанијата од Скопје, чија мајка фирма со истото име е во Бугарија, е изработувач на софтверот за попишување на дијаспората и на македонските дипломати во странство. Oд Државниот завод за статистика велат дека оваа фирма тоа го направила без пари, а се пријавила преку Стопанската комора. Од таму и од МАСИТ, комората за информатички и комуникациски технологии за МКД.мк велат дека никој никаде никого не пријавил. А тоа што е без пари, за сите тоа само ги зголемува сомневањата.

За МКД.мк од ДЗС велат дека софтверот е на македонска фирма, дека софтверот бил правен од македонски граѓани, без пари, од нивна добра волја. „Го сработија како дел од нивната општествено корисна активност, а се пријавија преку Стопанската комора, со желба да се вклучат и да си направат промоција. Работата ја завршија одлично, сосема професионално. Сѐ одеше според предвидената процедура и немаше потреба од тендер, бидејќи нема плаќање“, ни изјавија од ДЗС.

Дека не било баш без пари покажува одлуката на Владата од 16 декември 2019 година за склучување договор за финансиска поддршка со Друштвото за компјутерско програмирање, информатичка технологија и услуги Скеил фокус ДООЕЛ Скопје. Задача да го потпише овој договор доби министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска. За колку пари станува збор и зошто министерката за странски инвестиции добила овластување, ако се работи за домашна компанија... на овие прашања ги очекуваме одговорите.

Пред два дена почна попишувањето на дијаспората и на македонските дипломати во странство. Веб-апликацијата за пописот на иселениците требаше да функционира само од ИП-адреси надвор од Македонија. Меѓутоа, веднаш се појавија многубројни примери како лесно и без поголеми проблеми системот може да се излаже и од Македонија, преку ВПН, да се пополнува формуларот како да сте во странство. Овие и некои други грешки во софтверот веднаш ги зголеми шпекулациите за компанијата Скеил фокус, на чија интернет страница може да се види дека е бугарска компанија која има канцеларии во Македонија, Британија, Швајцарија и САД.

Вчера во текот на целиот ден се обидувавме да стапиме во контакт со Скејл фокус во Македонија, но никој не креваше на фиксниот телефон или некој постојано ја креваше и ја спушташе слушалката.

Интересно е и она што го добивме како одговор од Стопанската комора на Македонија. Таму велат дека со Државниот завод за статистика немале никаква официјална комуникација на тема избор на софтверска компанија за изработка на веб-апликацијата. И од МАСИТ ни го одговорија истото. Таму потврдуваат комуникација со ДЗС, но само за мислење во однос на набавката за хардверот за пописот. Но никој од МАСИТ не дал никакво мислење, препорака за која било софтверска компанија во однос на изработка на апликацијата за пописот.

На веб-страницата на Скеил фокус пишува дека извршен директор на компанијата е Иван Иванов, кој е инаку и професор на државниот универзитет во Пловдив. Скеил фокус е регистрирана во Македонија во 2019 година како друштво за компјутерско програмирање, информатичка технологија и услуги со седиште во Општина Центар. На почетокот, според податоците од Централниот регистар на Македонија, управител на фирмата во Скопје беше Пламен Стилијанов-Цеков, а од јануари 2020 Софче Јовановска.

Во податоците за членки на Стопанската комората за информатички и комуникациски технологии МАСИТ пишува дека Скеил фокус „има над 200 активни проекти и со веќе реализирани 300 проекти за 500 партнери од листата на Форбс 500. Со канцеларии во 6 земји низ светот и со над 1.000 вработени во канцелариите во Бугарија, Северна Македонија, Обединетото Кралство, САД, Швајцарија и Германија, Скејл фокус, е исклучително брзорастечка компанија, потврдено со извештајот на „Фајненшл тајмс“ од 2019 година, кој ја вбројува компанијата во 1000-те најбрзорастечки компании во Европа, со повеќе од 100 награди и признанија“.

Од ДЗС истакнуваат дека при потпишувањето на договорите за работа, компанијата се обврзува на задолжителна проверка на ангажираните луѓе од страна на Министерството за внатрешни работи. По добивањето на одобрението од МВР, ангажираните и одобрени лица, потпишуваат изјава за обезбедување тајност и заштита на обработката на индивидуални податоци.

И сето ова се случува во период на не баш пријателски односи со Бугарија, во период кога бугарските власти тврдат дека во Македонија има повеќе од 100 илјади Бугари што немаат никакви права, па затоа претседателот Радев од вчера најави дека бугарските разузнавачи треба да се ангажираат многу повеќе во остварување на овие права. Дел од македонските информатичари предупредуваат на информациите кои бугарските власти ги имаат за најмалку 70.000 македонски државјани што имаат бугарски пасош. Преку употребата на нивните матични броеви при какво било вкрстување со матичните броеви на истите граѓани што ќе се попишат лесно може да резултира со наеднаш невообичаено зголемен број Бугари во Македонија.

Сите овие информации до кои дојдовме, за тоа дека имало па немало препорака од некоја комора, за тоа дека без пари е изработен софтверот за потоа да излезе дека сепак имало некаква владина финансиска поддршка, за тоа дека имало или не некаков повик, македонска или странска фирма со седиште во Софија... само ги подгрева сомневањата за некаков поинаков поттекст во целата оваа операција.

А.Д.

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе