СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ

Македонија во 21 век стагнира со сеопфатно сексуално образование

На секои 36 часа по една малолетничка абортира. Само 13 отсто од учениците учеле за кондом, а 2 отсто за орална контрацепција. Годинава имаше 2 регистрирани случаи кога девојки беа оставени сами на себе да се справуваат со несакана бременост. Само 1,6 отсто млади до 29 години користат орална контрацепција, а само 12,8 отсто од паровите користат какво било модерно средство за контрацепција... Ова се дел од податоците што периодов ги потенцираше ХЕРА, барајќи системско решение за сеопфатно сексуално образование, кое ќе им даде на младите точни и потврдени научно докажани информации, за да носат свесни и одговорни одлуки.

Кога зборуваме за сексуално образование, не може да не се гледа низ призмата на низа факти - тинејџерски абортуси во 2010 година имало 185, а во 2014 година тој број е зголемен на 217. Исто така, кламидијата е во постојан пораст и бројките се загрижувачки – од 0,4 во 2004, стапката на морбидитет пораснала на 29,4 во 2014 година.

Но настрана бројките, не е потребно човек да е експерт за да собере два и два и да сфати каде е Македонија во однос на сексуалното образование. Доволно е само некој да фрли поглед на неколку популарни форуми. Таму ќе му излезат пред очи низа коментари полни со говор на омраза. Ќе му излезат низа митови и стереотипи од типот „со ХИВ се инфицираат само хомосексуалци и девојки што спиеле со многумина“ или „младите денес имаат интернет и знаат сѐ за сексот“.

Човек ќе види и нецелосни и неточни информации од млади луѓе, кои зборуваат за сексуалноста, но образовниот систем како да е индиферентен на потенцијалните насилни врски, и притоа не се обидува да ги „поттурне“ младите да ја почитуваат различноста и родовата еднаквост, за да се спознаат себеси и да учат за сексуално и репродуктивно здравје. Да станат автономни, да не подлежат на притисок од околината и да не го прават тоа само затоа што „другите мислат дека е добро“.

Драшко Костовски од асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА вели дека интересот за сексуално образование е присутен, и меѓу учениците, и меѓу наставниците. Тоа не е дискутабилно. Но засега надлежните институции немаат посебен интерес да го прошират моделот на Сеопфатно сексуално образование (ССО), иако во Македонија постои тенденција на зголемување на бројот на заразените со сексуално преносливи инфекции меѓу младата популација. Сѐ пониска е возрасната граница на појава на карцином на грлото на матката како последица од инфекција со ХПВ. Сѐ поголем е и бројот на младите брачни двојки што се соочуваат со инфертилитет за кој најчеста причина се нелекувани инфекции. Дополнително, состојбата со насилството и нетолеранцијата меѓу младите е загрижувачка.

Оттука, Костовски смета дека луѓето генерално не се доволно информирани. Најчесто кога се споменува сексуално образование, сметаат дека тоа е образование за самиот чин. Па велат „мене никој не ме учеше, еве имам деца“. Потенцира, не е само тоа, најмалку е околу тоа. Децата треба да учат како да дојдат до состојба што ќе им обезбеди задоволство, ќе ги почитуваат барањата на партнерот, ќе биде тоа консензуално, нема никој да биде повреден, ќе бидат заштитени и ќе можат да уживаат во сексуалниот однос. Така, вели тој, самите ќе донесат одлука кога да имаат деца, колку деца да имаат и, пред сѐ, кога да почнат со сексуален однос и да не бидат под притисок на своите врсници или на порнофилмовите што ги гледаат.

Драшко Костовски Недоволен е пристапот до соодветни информации за сексуалното и репродуктивното здравје и за сексуалноста во рамките на постојните наставни програми. Меѓу Министерството за образование и Бирото за развој на образованието постојат одредени бариери, и од политички, и од идеолошки карактер. Од таму засега сметаат дека со предметот ‘Животни вештини’ доволно е покриена сексуалноста. Но не само ние, туку и голем број наставници, педагози, психолози и различни експерти не се согласуваат со тоа. Особено што кога велиме ‘сеопфатно’, треба да бидат вклучени сите – децата, родителите и наставниците. Не е само да се донесе програма, па таа да не се имплементира. Сеопфатно велиме затоа што опфаќа не само биомедицински аспекти, туку и други теми. Се заснова на родова еднаквост, човекови права и различност“, вели Костовски за МКД.мк.

Имено, иницијативата за ССО опфаќа седум теми, за кои се залага ХЕРА. Тоа се сексуално и репродуктивно здравје, род, врски и односи, насилство, граѓански аспекти, различност и задоволство.

Најчестото прашање на кое младите сакаат да го дознаат одговорот е ‘кога да почнеме со сексуални односи’. Не постои конкретен одговор на ова прашање, туку идејата е преку ова образование самите да разберат кога е најдобро да влезат во безбеден сексуален однос, и задоволувачки. Затоа имаме и задоволство. Не зборуваме само за болести, туку дека треба да се ужива во работите, треба да зборуваме за љубов, да не влегуваме во насилни врски што се под притисок на врсниците да се почне порано. Различноста значи прифаќање различност по секоја основа. Меѓутоа, тука се мисли на заштита на лицата со различна сексуална ориентација и родов идентитет, кои, покажуваат студиите, се неколкукратно повеќе пати изложени на насилство и вознемирување од другите ученици. И она што е познато под терминот хомофобично вознемирување (homophobic bullying)“, објаснува Костовски.

Кога се зборува за граѓански аспекти, станува збор за тоа децата да ги знаат законите и правата, ама да знаат кои се сервисите и каде да се обратат за помош. Значи, не само да учат празни закони, туку по сесијата да знаат директно каде да одат ако нешто им затреба. Во однос на родовата еднаквост, пак, се поимањето на родот и концептот на еднаквост. Тие, според Костовски, сe главните принципи за една програма за ССО... и затоа можеби една од основните работилници.

Таа е воведна работилница, и ако се помине таа, на децата им станува јасно дека сите овие проблеми што настануваат со сексуалноста, па дури и сексуално преносливите инфекции, имаат врска со родовата нееднаквост во општеството. Значи, сите овие теми се спремни. Има рамка за ССО уште од 2010 година напишана од стручни институции. И не е само на ниво на информација, туку тоа младите го применуваат во своето однесување. Се смета дека таму каде што има вакво образование - ги одложуваат и сексуалните односи и за подоцнежни години, наместо да биде тоа на 13-14 години, што кај нас се појавува како нов податок (претходно беше 15-16). Секако има позитивни резултати“, наведува Костовски.

Потребата од имплементација на ССО ХЕРА ја аргументира и со истражување. Односно, со програма на 7-те теми, низ 12 часа спроведена од сертифицирани едукатори, која, велат тие, ја зголемила информативноста и учениците стекнале попозитивни ставови за сексуалноста.

„Направивме сериозна евалуација. Покажува дека не само што знаењата на младите им се променети, туку имаат и промена на ставови. Дополнително, професорите самите бараат ССО. Велат – дојдете! Сепак, не може секој да работи со млади и да предава ССО. Потребни се дополнителни обуки и за наставници. Тие не треба да се под притисок и да бидат оставени сами на себе“, констатира Костовски.

Наставниците срамежливи, но заинтересирани за ССО

Ова што го зборува Костовски ни го потврдија и неколку наставници од основни и средни училишта. Најпрво срамежливо зборуваат кога ги прашуваме за сексуално образование. Бараат да останат анонимни, низ муабет се доаѓа до впечаток дека интересот за ССО е присутен, постои во голема мера, а истовремено се дистанцираат и велат дека „не смее да се прават радикални чекори“.

Видете, со учениците поотворено зборуваме на класните часови. Но низ предметите нема простор за сексуално образование. Наставниците се презафатени, оптоварени и со купишта административни работи, а материјата поврзана со ССО некако... ги плаши. Тоа може да биде некој изборен предмет, каде што наставникот би го надгледувал и стручен соработник“, вели една наставничка од скопско училиште.

Друг наставник вели дека „младите веќе учат многу работи од интернет, таму има сѐ“. Неговиот став е дека во Животни вештини е вклучено сексуалното образование и дека засега „менталитетот и конзервативноста на општеството не дозволуваат похрабри и радикални предмети“.

Трет наставник, пак, смета дека младите веќе многу пропуштаат. А треба да бидат постојано информирани и во „тек со културните и социјалните процеси низ светот“. Истовремено, тој цитира информација од невладините организации, каде што стои дека преку ССО се штедат и трошоците што се на товар на државата. И тоа преку заштеди на медицински третман на ХИВ и сексуално преносливи инфекции (СПИ) и други здравствени процедури неопходни за справување со нарушено сексуално и репродуктивно здравје.

„Како за илустрација, ќе ви го прочитам следното, што мислам дека е сосема точно и логично. Пример - некои анализи покажуваат дека вкупните трошоци од воведување на сексуално образование во сите училишта во Естонија се само 4 отсто од она што државата ќе треба да го потроши за обезбедување антиретровирусен третман на оние инфекции со ХИВ што биле превенирани во периодот од 2001 – 2009 како резултат на програмата. Исплатливоста е многу поголема ако се земат предвид заштедите на здравствените трошоци за превенираните СПИ и абортуси, како и нездравствените придобивки од сексуалното образование“, наведува наставникот.

БРО: Во Животни вештини се опфатени и веќе се реализираат содржини за сексуално образование

За ваквата иницијатива на ХЕРА и партнерските организации се обративме и до Бирото за образование, од каде што велат дека во процесот на дефинирање на целите и примерите на активности за темата сексуално образование, како составен дел на Програмата за образование за животни вештини, БРО соработувало со ХЕРА. Потенцираат дека ХЕРА била вклучена и во процесот на обука на наставниот кадар.

На прашањето дали во Македонија моментално се спроведува сексуално образование, односно дали е доволно да се учи само преку Животни вештини и дали има потреба од проширување на програмата, од БРО ни дадоа одговор на 10 страници.

На иницијатива на Бирото за развој на образованието, во основното и во средното образование се воведе програмата Образование за животни вештини. Наставната програма за Образование за животни вештини се реализира на часот на одделенската, односно класната заедница со учениците од прво до деветто одделение, односно од прва до четврта година во сите видови средно образование (гимназиско образование, уметничко образование и средно стручно образование). Образованието за животни вештини е насочено кон внесување промени во однесувањето преку стекнување определени знаења, ставови и вештини кои им помагаат на младите да изберат и да практикуваат здраво однесување, наместо само да учат што значи тоа. Основната задача на образованието за животни вештини е да го претвори знаењето во однесување, па затоа наставната програма за животни вештини нуди балансиран однос меѓу: знаења и информации, ставови и вредности и вештини“, стои во одговорот од БРО.

Образованието за животни вештини, велат од таму, се базира на искуствено учење и партиципативни методи на учење и поучување, што според БРО ги прави младите активни учесници во процесот на учењето, наместо да ги третира како пасивни примачи на информации.

Документот што ни го испратија од Бирото ви го пренесуваме во целост ТУКА.

Искуства од други земји

Александар Штулхофер од Катедрата за социологија, оддел за сексуалност, на Филозофскиот факултет во Загреб, неодамна имаше презентација во склоп на консултациите за ССО на нашиот Филозофски факултет. Таму потенцираше дека Хрватска во 2013 година тргна со идејата да се воведе ССО во училиштата и таа програма ги мина сите можни перипетии, на крајот и Уставниот суд. И влезе во училиштата, основни и средни. Програмата не се вика сексуална едукација, бидејќи е поопширна, туку Здравствено воспитување. Опфаќа неколку различни теми за зависност, хигиена, па сѐ до сексуално и репродуктивно здравје. Таа програма е воведена во училиштата во многу ограничено време.

Министерството дало време за Здравствено воспитување да се спроведува низ 12 часа годишно. Но ако тоа го поделите на различните теми, вели тој, за секоја тема доаѓа по три часа годишно. Тоа смета дека она што во Македонија пробува да се направи преку Животни навики не дава простор за ефикасност, не е нешто што навистина може да влијае на однесувањето, на добивањето здрави навики.

Откако почна програмата, имаше страшно голем отпор. Се случи т.н. културна војна, во која противниците се поврзаа во една цела мрежа од организации и ги мобилизираа родителите против програмата. Резултатот е – програмата и понатаму е во училиштата, формално, но повеќето наставници не ги предаваат деловите што се однесуваат на сексуалното и репродуктивното здравје. Се плашат од реакции и бесни родители, од целата атмосфера што се создаде од програмата... Истовремено, не постои ништо систематизирано“, вели Штулхофер.

За ССО, наведува тој, првото клучно прашање е каква програма би се вовела. Светските искуства и истражувања покажуваат дека некои програми имаат позитивен ефект, не само на информациите, туку и на одговорно однесување. Нагласува дека е важно како таа програма би се осмислила во училиштата.

Не може секој наставник да учествува во таква програма. Ефикасните програми се темелат на селектирани наставници со желба и способност да разговараат со млади, но и на нивниот тренинг. Повеќе работи мораат да бидат задоволени, да бидат задоволени условите, па таквата програма да има ефект“, смета тој и, исто како ХЕРА, укажува на позитивните ефекти од ССО со седумте главни теми.

Тој нагласува дека првите програми за сексуално образование се почнати во 19 век. Во 1954 година во Шведска првпат се сретнува во школите. Во тоа време акцентот бил на информациите. Односно, идејата била „ако им дадеме информации, младите ќе се однесуваат во согласност со она што го слушнале“. Денеска, вели Штулхофер, знаеме дека тоа не е вистина. Со тие информации може да се однесуваат еднакво ризично како и претходно. Во таа смисла, денеска акцентот е на вештините. Тоа го потенцира и програмата на УНИЦЕФ.

Постои голема разлика помеѓу северните европски земји, кои и историски порано почнаа со сексуална едукација и кои и денеска имаат најсеопфатна програма. Тие постојано се анализираат, надополнуваат... Културата на младите се менува. Програмата што можеби во 90-те била добра, денеска е застарена, па за да има влијание, мора константно да ги следи случувањата кај младите. Ако Хрватска ја споредам со земји како што се Холандија, Финска, Исланд, Норвешка... Хрватска практично заостанува 30-ина години зад овие земји. Ако ги гледам медитеранските земји како Португалија, Италија, тогаш ситуацијата се разликува со онаа на север, а можеби токму таму е Хрватска. Колку што слушнав, Македонија ја следи таа ситуација во Јужна Европа, која треба да се унапреди. На некој начин не кореспондира, не одговара со ситуацијата во која живеат младите“, смета Штулхофер.

Според него, еден од начините да се дефинира ССО е да се објасни развојно, во психолошка смисла. Друг начин е идејата таквата едукација да почне релативно рано и да го следи развојот на младите сè до завршетокот на училиштето, со претпоставка дека темите, но и начинот на нивна обработка, ќе бидат во однос на развојната доба. Исто така, друго објаснување/прашање е што го разликува сексуалното образование од математиката? Одговорот, според Штулхофер, е прилично едноставен.

Александар Штулхофер Математиката со идеите, формулите, геометријата се одвива во апстрактниот простор, додека сексуалноста – дали размислувате за тоа, или се занимавате со тоа на кој било начин, тоа никогаш не е во апстрактниот простор, туку секогаш е поврзана со друштвениот простор, со културата, нормите, политичките идеи и слично. Во таа смисла, ‘сеопфатно’ значи дека на младите им се помага во начинот на размислување, сфаќање и формирање ставови и вредности поврзани со сексуалноста. Ова се подразбира на повеќе нивоа - здравствено, како одговорно да се постават, како да го штитат своето репродуктивно и сексуално здравје, па сѐ до сфаќање на друштвените околности – притисокот, сексуалноста во медиумите, рамноправноста во родовите итн.“, вели Штулхофер.

Тој потенцира дека дел од евалуациите покажале дека младите се многу покритични на стереотипите за „убавина“ во медиумите. Понекогаш се говори дека ССО е човеково право. Не сосема, смета тој, тука има нешто важно за дискусија.

ССО е човеково право, во смисла право на пристап до научно проверени информации. Тоа никој не може да им го забрани на децата - ова го заклучи и Европскиот суд за човекови права во една судска тужба на група родители од Германија. Никој нема право, без разлика на своите верувања, на децата да им го скрати правото на информации. Но тоа не значи и целосен пристап до ССО. Тоа е разликата што треба да ја имате на ум“, рече Штулхофер на презентацијата.

Потреба од акција - сексуалното и репродуктивното здравје на адолесцентите во Македонија

Доктор Бранкица Младеновиќ, раководител на Завод за здравствена заштита на мајки и деца, во резимето од документот „Консултациите за образование за сексуално и репродуктивно здравје“ (СПЗ) наведува дека проблемите поврзани со СПЗ се на второ место од сите причини за морбидитет кај адолесцентите на глобално ниво. Во однос на здравствените индикатори, таа потенцира дека тие се јасен показател за дел од импликациите по јавното здравје.

Бранкица Младеновиќ Компликациите поврзани со бременоста се најчестата причина за смртност кај девојки на возраст од 15 до 19 години. Во светот секоја година се раѓаат 14 милиони деца од мајки адолесценти или 10% од сите породувања. Во 2015 година, 4,9% од раѓањата во Македонија се од мајки под 19-годишна возраст, додека од вкупно регистрирани 4.587 абортуси, 217 се кај девојки до 20 годишна возраст (4,7%). Во 2015 година во РМ доенечката смртност на доенчиња родени од мајки на возраст под 20 години е два и пол пати поголема од просечната вредност (19,2 на 1.000 живородени, наспроти просечната вредност од 8,6 на 1.000 живородени)“, стои во делот на Младеновиќ во документот.

Во однос на стапката на СПИ не постојат прецизни податоци, но се проценува дека во светот од 10-20% од сексуално активните девојки и 10% од момчињата се инфицирани со кламидија. Од сите DALYs – (Disability Adjusted Life Years) загубени поради СПИ кај адолесцентите, најголем дел отпаѓа на кламидијата кај девојките, следена од оние загубени поради гонореја. При само еден незаштитен сексуален однос со инфициран партнер, ризикот за инфицирање со генитален херпес е 30%, гонореја и кламидија 30-50% и 1% со ХИВ.

Сè пониска е возраста на појава на карцином на грлото на матката, за што се обвинува инфекцијата со хуман папилома вирус (ХПВ), при што се проценува дека 15% од сексуално активните девојки се инфицирани со овој вирус. Расте бројот на младите парови што се соочуваат со неплодност. Во европскиот регион, 1 од 7 млади брачни парови се соочуваат со неплодност“, наведува докторката.

Во склоп на сексуално однесување, нагласено е и дека сѐ повеќе се зголемува и јазот помеѓу почнувањето со сексуалната активност и возраста при раѓањето на првото дете. Во Република Македонија во 2015 година просечната возраст при раѓањето на првото дете изнесуваше 26,6 години, додека во европскиот регион возраста при раѓањето на првото дете најчесто е помеѓу 28-30 години.

Во Македонија не постои посебна стратегија за здравје на адолесцентите, но неколку стратегиски документи го поддржуваат воведувањето за ССО во основните и средните училишта, како што се Стратегијата за безбедно мајчинство 2010-2015, Националната стратегија за сексуално и репродуктивно здравје на РМ 2010-2020 и Стратегијата за млади. Во моментов е во тек ревизија на Националната стратегија за СРЗ во однос на тоа што е направено и што треба да се дополни во согласност со новонастаната епидемиолошка и социо-демографска состојба.

Сè уште не е воведено задолжително ССО во училиштата. Постојната програма Основни животни вештини (ОЖВ) опфаќа голем дел од потребните теми, иако не доволно по обем, содржина. Дополнително, фактот дека овој предмет се предава само на класен час и дека наставниците одбираат која тема ќе ја обработуваат, голема е веројатноста темите поврзани со сексуалното и репродуктивно здравје да не бидат доволно покриени, поради тоа што голем дел од наставниците не се чувствуваат целосно подготвени да работат на вака сензитивна тема. Најчесто обработувани теми од ОЖВ биле човековите права и пубертетот, додека многу помалку темите како употреба на кондом, планирање на семејството, првиот сексуален однос и употребата на контрацепција“, е наведено во документот.

Бојан Шашевски



Подготовката на oваа публикација беше овозможена со поддршка од Британска амбасада Скопје, во рамките на проектот „Информирај се и дејствувај - за подобро образование". Мислењата и ставовите наведени во оваа публикација не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада.

 

Објавено

Четврток, Јануари 5, 2017 - 14:12

Коментари

Доколку и се избере влада на РМ без формално определен мандатор Уставниот суд на РМ нема да има правна можност за никаква интервенција.

повеќе

Таквата федерализација, како што нѐ учи балканското искуство е само преодна фаза која води кон распад на земјата.

повеќе

Во Македонија мора да се случи мирен премин на власта. Така мора да биде и по изборите од 2016 година. Во спротивно, земјата ќе се третира како „пиратска“ или како „разбојничка“ држава.

повеќе