Липковски фалби - од камион за смет, до споменик на ОНА

Градоначалникот на Липково Еркан Арифи во рок од само 19 дена два пати имаше можност да се пофали преку медиумите. Вчера со споменикот за паднатите борци на некогашната ОНА од 200.000 евра, а на 14 април со камион и канти за ѓубре за што Eвропската Унија даде 112.000 евра. За вчерашниот настан друштво му правеа дел од соборците од ОНА и министри од ДУИ, а за комуналните достигнувања министерот Горан Милевски.

За проектот „Помалку ѓубре, помалку ризици, повеќе здравје" се издвоени 131.747 евра, од ЕУ 111.721 евра и од Министерството за локална самоуправа 20.025 евра, oбјави на 14 март министерот за локална самоуправа Милевски. Убав настан за помалку ризици од сферата на хигиената и загадувањето на човековата средина, зашто покрај камионот за смет, со тие пари набавени се и 850 канти и 10 контејнери. Сите заедно, министерот, градоначалникот, директорката на комуналното претпријатие и работниците, направија заедничка фотографија застанати пред камионот. 

 

И тогаш не беше проблем да се застане пред камерите и да се каже збор два за проектот за почиста општина.

 

Не беше проблем да се застане пред камерите и да се даваат изјави ниту  во 2018 година кога започна изградбата на пречистителна станица за вода за пиење во Општина Липково. Тогашниот премиер Зоран Заев, во огромна придружба и со многу новинарски екипи, застанати на раскопаниот терен во чија позадина се градежните машини, ја даде следната изјава:  

„Во 21 век не смееме да оставиме ниту едно дете, ниту едно село во Македонија без вода за пиење“.

 

Сега главен проблем е како општините ќе ја плаќаат струјата зашто нејзината цена скокна. Се жалат општините, почнувајќи од Град Скопје па се до најмалите, како Липково, дека немаат пари и дека треба Владата да помогне. И, во таа насока, не се штедат градоначалниците од давање изјави.

Ама, проблем беше вчера да се даде изјава во Слупчане, кое е во атарот на општината. Новинарите останаа без изјави, иако настанот беше поголем од претходните. Отворена е спомен - кула висока 20 метри за која општината дала 200.000 евра. Таква е информацијата. 

(Фото: Борбен автомобил на ОНА во склоп на Музејот во Слупчане)

Остана нејасно дали воопшто градоначалникот барал од некого дозвола за изградбата бидејќи станува збор за спомен - обележје. За спомен - обележја треба да се изјасни Собранието на Македонија и да даде свои оценки за значењето за државата, за нејзините граѓани, за соживотот итн.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, кој ден претходно дал изјава дека за верскиот празник се седи дома, беше меѓу присутните во Слупчане, беше меѓу некогашните свои соборци. Можеше да ја разјасни дилемата за прашањето за дозвола. Ако сакаше.

Али Ахмети, некогашен лидер на ОНА, кој вчера одржа говор по повод отворањето на ова спомен обележје, на истиот датум минатата година и на истото место кај Случане држеше говор. Тогаш таму се одбележуваа 20 години од кофликтот во 2001 година.

„Пред нас има голема одговорност. Ние треба да ги направиме реалност сите соништа на загинатите херои. Постигнавме многу, но пред нас има уште многу работа да се направи", рече лани Ахмети.

И се направи многу. Се подигна голема спомен - кула.

Понекогаш спомениците се реализација на соништата на живите кои на тој начин сакаат да останат запаметени дека направиле нешто за оние, кои за некои идеали, го дале својот живот. 

П.Џ.

Безбедноста, енергијата и миграцијата се три приоритети со најголема важност за британските граѓани, така што тие се на и на самиот врв на мојата агенда. Затоа патувам за Прага на средбата со европските лидери.

повеќе

Камбаните бијат поради нашата некадарна дипломатија, која е професионално  одговорна за дебаклот со Договорот со Бугарија, а пред тоа за Преспанскиот договор.

повеќе

На 6 октомври 1946 година почна носењето на моштите на Гоце Делчев од Софија во Скопје, столицата на слободна Македонија.

повеќе