„Левица, до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднесе кривична пријава против двајцата менаџери, Сашо Салтировски и Јохен Хагеман, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „Непријавување на кривично дело или сторител" со запретена затворска казна до три години. Пријавените се товарат дека во својство на службени лица, управители на компанија за снабдување со електрична енергија, во подолг временски период свесно и намерно прикривале и не пријавувале кражба на струја во поголем износ, односно незаконско користење електрична енергија од страна на жителите на општина Арачиново. Со толерирање на илегалните приклучоци на електродистрибутивната мрежа, сторена е штета во износ од шест милиони евра на годишно ниво", велат од партијата.
Од Левица очекуваат надлежното скопско обвинителство „сериозно да ја земе во работа кривична пријава и по неопходниот распит на пријавените, како и по комплетирање на целокупната релевантна документација за ова продолжено кривично дело, да покрене обвинение против актуелните управители на ЕВН".
„Со ова, еднаш-засекогаш би се ставил крај на сè позачестената неказнивост на дивите приклучоци на струја во оваа конкретна општина, во која – благодарение на заштитата дадена од антимакедонската владејачка коалиција на СДС и ДУИ нашите закони не важат", велат од Левица.