Оценка на претседателот на Македонија

Легитимно се протестира, ама вмешана е Русија и се уфрлени луѓе, рече Пендаровски

Слично како и пред 4 години кога беше организиран референдум за името на државата, така и сега на исто ниво сме изложени на интензивни хибридни напади, а Русија ги злоупотребува легитимните протести, но уфрлени се и луѓе од соседни земји. Вакви оценки изнесе вечерва претседателот на Македонија Стево Пендаровски во гостување на ТВ 21, во интервју што требаше да биде снимено во вторникот, но од безбедносни причини за неговата сигурност беше одложено бидејќи студиото се наоѓа зад парламентот, а тогаш состојбата на протестите ескалираше. Пендаровски даде оценки и за францускиот предлог.

Пендаровски рече дека своите оценки ги дава базирајќи се на извештаите од безбедносните органи во кои се вели дека постојат елементи што во земјава доаѓаат од регионот. 

„Северна Македонија во овој момент е под интензивни хибридни напади, слични на нивото што го имавме во 2018 година кога организиравме референдум за името и тоа нема никаква врска со луѓето кои протестираат. Пред два дена на социјалните мрежи имаше објави за луѓе во Гостивар и Тетово во униформи на УЧК и сега тоа го врзуваат со изјавата на Османи... Нема врска со УЧК, ниту некој добива закани“, рече тој и потоа своите оценки ги насочи кон Мосвка.

Тој рече дека Руската Федерација ги злоупотребува протестите и додаде дека  има странци што се дојдени за да предизвикуваат инциденти.

„Прецизно, Руската Федерација го злоупотребува тоа што граѓаните легитимно протестираат против францускиот предлог. Имаме неколку луѓе што се дојдени од соседните држави и предизвикуваат инциденти на протестите“, истакна Пендаровски и додаде дека информациите ги знаат надлежните органи и дека во соработка со НАТО се добиваат информации за тоа кој пристигнал, со цел да се превенира.

Според претседателот на Македонија, на самите протести има симболи и други обележја, кои индицираат дека се заговара втор 27 април, па и „реванш за 2001 година“, и додаде дека тие идеи почнуваат да се кодираат.

Неговата безбедносна оценка, во светлината и на војната во Украина, е дека се затегнува безбедносната ситуација кај нас.

Во врска со францускиот предлог, Пендаровски вели дека првиот предлог на претседателот Емануел Макрон не предвидуваше отворање на преговорите и скрининг, а дека сега тоа се предвидува и притоа се задржуваат другите елементи во кои не се задира во идентитетот, „што за нас апсолутно e најважната работа“.

„Сегашниот модификуван француски предлог вели – сега ги отворате преговорите, нема да продолжите или ќе продолжите откако ќе го промените Уставот“, рече Пендаровски оценувајќи дека обезбедување двогретринско мнозинство за внесување на бугарска етничка заедница во Уставот е невозможна работа, според него, дури и за друга власт.

Кога пак, тој би се прашувал, протоколот би го објавил.

„Нема од што да се плашиме во тој документ, никој со сила не може да те направи Бугарин“, рече Пендаровски.

Во врска со договорањето за историските личности со Бугарија, Пендаровски кажа дека доколку нема договор, тогаш може да следува вето од Бугарија.

„Комисијата е составена од седум Македонци и седум Бугари. Ако се согласат двете страни, тие упатуваат препораки до двете Влади. Двете Влади, ако се согласат, пуштаат до надлежното министерство, до МОН доколку зборуваме за учебник, и тие си наоѓаат автори. Го акцентирам зборот препорака. На крајот, само авторот на учебникот носи целосна одговорност. Тие ќе ја имаа на увид. Ако Комисијата не се договори за историските личности, следува блокада, вето од Бугарија“, изјави Пендаровски.

На европските претставници, како што рече претседателот, им е срам затоа што земјава го сменила името, а Европската Унија „не испорачала“.

„Нив им е срам што државата која го промени своето име, е единствена во светот. А сепак не може да ги почне преговорите соЕУ. Срам им е, не што ние чекаме 17 години, туку што чекаме со небулозни образложенија. Ние имавме референдумско прашање во кое и ЕУ беше спомната, еднакво и веднаш до НАТО членството“, изјави Пендаровски.

Одлучната изборна победа на италијанската десница овозможува нејзиниот лидер да биде првата жена премиер во Италија и прва која тврди дека недвосмислено има постфашистичко потекло.

повеќе

Нов фронт за работа на градежните фирми на веќе изградените згради (и куќи) треба да биде топлинската изолација.

повеќе

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

повеќе