„Го гледаме претседателот на ВМРО-ДПМНЕ одбројува како во некој лош акционен филм. Таква лидерска средба нема да има, тоа е ставот на сите политички партии, дури и од партии кои се во опозициониот блок“, порача денеска Ковачевски од спортскиот аеродром „Стенковец“ во Скопје каде што се одржува Отворен ден за приказ на воздухоплови кој е дел од вежбата „Swift Response 22“.
За најавата за блокада на Собранието од страна на најголемата опозициска партија тој рече дека е неодговорна и е за политички цели.
„Барањето на опозицијата за лидерска средба за предвремени избори е неодговорно затоа што со блокирање на Собранието, во време на војна и во време кога цените на енергенсите и храната постојано растат, во време кога не може да се обезбеди транспорт на жито од Украина, каде што силосите во Украина се преполни, но поради тоа што се неупотребливи пристаништата во делот на Одеса и не може да се изнесе од Украина, во такви услови да барате предвремени избори е неодговорно и е за политички цели“, изјави Ковачевски.
Според него, Собранието е местото каде што се носат и се унапредуваат законите, па не смее да се дерогира работата на Парламентот преку одржување на лидерски средби, на кои на политичко ниво, без никаква дебата би се разговарало за теми од оперативен карактер.
Ковачески рече дека постои коминикација меѓу сите политички партии, дека и тој е во комуникација со градоначалници кои на локално ниво имаат потреби за решавање на одредени предизвици со Владата. Потсети дека вчера се одржаа и „Жан Моне“ состаноците на пратеничките групи и нагласи дека тоа е начинот на која треба да функционира една парламентарна демократија.