Ковачевски на средбата со Мицотакис, на која присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, нагласи дека со воспоставеното партнерство засновано на доверба и пријателство односите меѓу двете земји се трансформираа во сојузништво потврдено и со членството на Северна Македонија во НАТО.
„Економската соработка помеѓу двете земји традиционално е на високо ниво, a соработката има потенцијал и понатаму да се развива и се поттикнува со континуираниот политички дијалог на највисоко ниво и со градење на довербата во интерес на двете земји“, рече Ковачевски.
На средбата стана збор за постигнување договор за олеснувања во доменот на даночните политики и дополнително беше констатирано дека градењето на цврсти економски односи и унапредување на билатералната соработка е важно, особено во услови на светска криза.
За време на разговорот, какп што информираат од владината прес-служба, двајцата премиери уште еднаш ја нагласиле важноста од соработката во енергетскиот сектор, за која се согласиле дека има голем потенцијал, ако се земат предвид заедничките проекти за изградба на терминалот за течен нафтен гас во Александруполи, како и гасното поврзување помеѓу двете земји.
На средбата се разговарало и за тоа дека во периодот кој следи ќе продолжат со интензивна меѓусебна комуникација за унапредување на економските односи помеѓу двете пријателски земји, а со крајна цел обезбедување на побрзa и одржлива соработка за економски раст.
Тема на средбата беше светската криза предизвикана од воената агресија на Русија врз Украина и за потребата од заедничка соработка за ублажување на последиците од растот на цените на енергенсите за граѓаните и стопанството.