Годишен собир на Алијансата

Kомуникаторите ja чуваат безбедноста на 1 милијарда жители, порака од НАТО конференција во Скопје

Во Националната филхармонија во тек е „НАТО – Конференција за комуникатори“, најголем годишен собир на комуникатори од алијансата, чиј домаќин е Македонија. Учествуваат околу 300 лица, а организирани се работни групи и неколку панели посветени на стратегиските комуникации. Свои обраќања имаа премиерот Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, помошничката на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Баиба Браже, а преку видео врска и командантите во Сојузничката команда генералите Кристофер Каволи и Филип Лавињ.

„За нас, како најнова членка на НАТО, ваквите настани се од исклучителна важност, бидејќи тие го детерминираат нашето понатамошно внатрешно организирање и делување во полето на стратешките комуникации. Како НАТО членка, посветено придонесуваме кон колективната безбедност. Тоа е видливо низ изминатава година преку сите преземени активности, без разлика дали е помошта и поддршката за Украина или пак воените вежби Брз одговор 22 или Блесок 22“, рече во поздравниот говор премиерот Ковачевски.

Според него, токму од комуникациите зависи дали и како граѓаните ќе разберат на кои начини се работиме на зачувување на нивната безбедност.

„Иако во безбедносните кругови понекогаш преовладува мислата дека кога во јавноста нема дискусија за безбедноста, значи дека безбедноста си ја врши работата, сепак јас лично не се согласувам со таа теза. Сметам дека во ерата на дезинформациите и хибридните напади, токму стратешките комуникации имаат најважна улога во борбата и доспевот на точните и проверени информации до граѓаните, наспроти дезинформациите чија цел е да внесат немир и страв“, рече премиерот и посочи на примерот со војната во Украина и огромниот наплив на дезинформации. 

Според него, комуникациите може да имаат сериозно разорно влијание, но оцени дека Украина одлично се справува со информациската војна и дека ја има поддршката на Македонија. Ковачевски додаде дека особено балканските земји членки на НАТО мора во фокусот да ги имаат овие прашања.

„Борбата со дезинформациите е приоритет на кој работиме и крос-секторски во Владата, но и партнерски со медиумските и граѓанските кругови. Само здружениот општествен пристап може да биде одговор, бидејќи проблемот со хибридните дејствија е сложен и влијае на целото општество. Воспоставениот стандард и репутација на отвореност и транспарентност ги прави дезинформациите лесно демантирани, а нивните ширачи дискредитирани. Ваквата проактивност помага во намалување на ширење на дезинформациите“, рече премиерот.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во своето обраќање нагласи дека е потребно една милијарда граѓани на земјите членки да знаат дека НАТО, преку сојузничкото единство, решителност и цврстите принципи ја гарантира безбедноста на секој од нив.

„За нас, комуникацијата е клучна. Нам ни е потребно пораките на НАТО да допрат до сите. Потребно ни е граѓаните на светот да знаат дека пред се веруваме во мир, но дека сме цврсто решени да го заштитиме нашиот суверенитет, нашите демократии и нашата слобода“, рече Петровска.

„Вие, нашите НАТО-комуникатори, држите еден од четирите инструменти на моќ во вашите раце Во вашите раце се информациите и ракувањето со нив е од огромно значење. Секој од вас присутен овде, а ве има од сите сојузнички земји, треба беспрекорно да ја заврши својата улога за на крај заеднички уште еднаш да докажеме дека НАТО, 73 години по неговото основање, останува најмоќната Алијанса водена од вистинските вредности, а тоа се индивидуалните слободи, демократијата, човековите права и владеењето на правото", подвлече министерката.

Петровска се осврна и на развојот на Регионалниот центар за односи со јавноста, кој ќе добие дополнителни функции и одговорности, особено во областа на спротивставување на лажни вести и дезинформации.

„Со помош на НАТО, овој Центар ќе стане додадена вредност на Алијансата во целина, и голема предност што ќе биде од корист за нашата колективна потрага по вистината", истакна министерката.

Помошничката на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Баиба Браже во своето обраќање, меѓу другото рече:

„Сите ние треба да разбереме дека континуираното инвестирање и градење на силна способност за стратешки комуникации е клучно. Таа е исто така способност како што се и останатите одбранени способности, но и повеќе од тоа".

Браже додаде дека како комуникатори е многу важно граѓаните, жителите на таа една милијарда во земјите од НАТО, да им се каже и потврди дека Алијансата е силна и обединета или, како што се изрази: „НАТО е силно и е тука да заштитува".

На денешното отворање на конференцијата видео обраќања имаа и врховниот командант на сојузничките сили за Европа, генералот Кристофер Каволи и врховниот командант на сојузничките сили за трансформација, генералот Филип Лавињ.

„Прво искористете ја можноста за учење. Опкружени сте со високи лидери и експерти од цела нашата Алијанса. Поставувајте прашања, оспорувајте ги сопствените претпоставки и зборувајте за теми кои не се надвор од вашата секојдневна рутина. Има широк спектар на можности на овој настан, од комуникации за одвраќање до здружени ефекти и таргетирање до пристап до нашите влијанија врз информациската средина. Сите овие се клучни за оперативниот успех. Второ, кохезијата е основата на нашата Алијанса, затоа не ја пропуштајте можноста да изградите односи меѓу себе. Го предизвикувам секој од вас не само да се поврзе, туку да остане поврзан, нагласи Каволи. Трето, спроведете го она што сте го научиле за да му помогнете на НАТО да биде посилен, поефективен и подобро разбран. Комуникаторите се клучни за успехот на нашите соодветни вооружени сили и нашата Алијанса“, рече Каволи.

„Еве ги вистинските луѓе со вистинските вештини! Тие треба да ни овозможат колективно да го одржуваме нашето водство во инклузивно сложено безбедносно опкружување. Информациите се ресурсот што се користи и ќе се користи инклузивно за дестабилизација на нациите особено демократиите, кои се поизложени поради нивната отвореност“, рече Лавињ.

Тој посочи дека прво мора да разбереме и да се опремиме со вистинските алатки.

„Видовме дека политичката стратегија на Путин има за цел да ја поткопа довербата, кохезијата преку искористување на нашата демократија. НАТО мора да ја изгради својата отпорност како Алијанса и да и помогне на секоја нација да изгради своја. Мораме да се погрижиме нашиот глас прв да се слушне“, нагласи генералот.

Почнавме со спротивставени мислења околу Законот за работни односи, со кој недела се прогласува за неработен ден. Завршивме на Уставен суд.

повеќе

Да ги споменеме и другите големи глобални предизвици: големите опасности од еколошка катастрофа; зголемувањето на нееднаквоста во нашите општества; и напливот на нови технологии кои можат да го нарушат светот доколку истите не бидат соодветно користени и контролирани.

повеќе

Им благодарам на Русите како креатори, но посебно на бугарските послушни  извршители за пропагандата што ја водат против Македонија. Што направија?

повеќе