Уставен суд

Кој се плаши од лустрацијата и по 1991 година?

Утре уставните судии повторно ќе расправаат на тема Закон за лустрација, односно за законската норма лустрацијата да важи и по 17 ноември 1991 година. За ова прашање веќе подолго време се расправа во македонската јавност, Собранието ги донесе новите измени во законот со кои процесот на лустрацијата важи до 8 февруари 2006 година.

Утре Уставниот суд повторно ќе се обиде да ја оспори уставноста на овој рок.

Претпоставуваме дека главните аргументи на уставните судии ќе бидат дека со воведувањето на политичкиот плурализам во Република Македонија, со прекинот на комунистичкиот систем, од 1991 година па наваму нема никаква потреба за спроведување на процес на лустрација. Евентуалните такви дела по 1991 година веќе спаѓаат во надлежност на некои други закони, како на пример Кривичниот закон. Поедноставно кажано ако безбедносните служби и натаму регрутирале кодоши на политичка основа , иако тоа во новиот политички систем не е дозволено, тогаш тоа е веќе во надлежност на други судови и на други закони, а не е прашање за лустрација.

4.000 досиеја отворени и по 1991 година

Во регистарот на Комисијата за верификација на фактите може да се види дека најмалку тројца биле регрутирани за соработници на државните безбедносни служби и по 1991 година. Многу се примерите на поединци кои јавно ги објавуваат своите досиеја по медиуми и во кои се гледа дека биле кодошени од поединци и по 1991 година и тоа главно на политичка основа, на основа на партиска припадност, а со наредба на тогашни началници и министри за внатрешни работи. Најголемиот дел од нив биле членови на ВМРО-ДПМНЕ, а биле следени од поединци по наредба на полициски началници и министри избрани од редовите на СДСМ.

Дел од досието Црни

Познат е случајот на Јордан Петровски (досие Црни), член на ВМРО-ДПМНЕ, чија политичка и бизнис кариера во Македонија била целосно уништена токму поради ваквите полициски активности (дел од нив по наредба на тогашниот министер за полиција Љубомир Фрчкоски), па едноставно бил принуден да се пресели во Канада како политички азилант кон крајот на деведесеттите години на минатиот век.

Токму неговиот пример покажува дека лустрацијата е неопходна и по 1991 година затоа што судскиот случај кој Петровски го покрена од Канада, во неколку инстанци се одбива како застарен. Значи, ако утре Уставниот суд ја оспори уставноста на рокот за лустрирање голем број од овие предмети едноставно можат да завршат во канта за ѓубре заради застареност.

А според некои процени зборуваме за околу 4.000 досиеја кои биле отворени и по 1991 година, исклучиво како резултат на некоја инерција на безбедносните служби и долгогодишна востановена практика од комунистичкиот режим – контрола на секој кој мисли поинаку од власта.

Тоа значи дека Службата за државна безбедност на Македонија обработувала лица, а притоа ова обработување го покривала со Правилник за работа, кој бил објавуван во Посебен службен весник на Република Македонија достапен само до државните органи (меѓу кои и до Уставен суд), но не и до граѓаните. А оваа обработка подразбирала прислушување и следење на лица со поинакви политички погледи од партијата на власт без судски налози. Значи се работело за класично кршење на основните човекови и уставни права, за што немало никакви реакции и од Јавното обвинителство.

Венециската комисија вели Уставниот суд сам да си реши

По ова прашање веќе се изјасни и Венециската комисија (советодавно тело на Советот на Европа за уставни прашања). Нивното толкување е дека „лустрацијата во Македонија по 1991 година од политички, идеолошки и партиски причини е неприфатлива и подразбира стигматизација и дискриминација на опонентите, како средство за политичка борба во држава во која владее правото“.

И во новото писмо до Уставниот суд (од јануари 2013) Венециската комисија го повторува овој став иако немала информации за новоотворените досиеја и по 1991 година, но додава дека „не е задача на Венециската комисија да ги анализира сите факти и да ги примени стандардите и компаративните материјали на домашната ситуација извлекувајќи заклучок за уставноста на законот. Тоа е задача на Уставниот суд... Венециската комисија му препушта на Уставниот суд да ги примени овие критериуми во националниот контекст, земајќи ги предвид специфичните настани што можеби се случиле по 17 ноември 1991 година“.

Овој став на Венециската комисија дојде по изјавата на нејзиниот секретар Томас Маркерт кој појасни дека Мислењето на комисијата се дефинира врз основа на материјалите што ги испратил Уставниот суд на Република Македонија (без податоци и објаснување дека службите за државна безбедност отворале досиеја и по 1991 година, кршејќи ги човековите права). „Тука би морал да кажам дека доколку комисијата била запознаена со овие детали, тогаш Мислењето би гласело поинаку, бидејќи во тој случај има смисла за лустрација, и покрај тоа што станува збор за период петнаесетина години подоцна. Сепак, сакам да сме на јасно дека ние даваме општи мислења и се обидуваме да не носиме пресуди“, изјави тогаш Маркерт.

Собрание: и по 1991 имало мрежа на кодоши

Утре уставните судии пак ќе решаваат за лустрацијата

Во март 2010 година Собранието соопшти дека „неоспорно е дека Уставот од 1991 година воведе нов демократски политички систем во државата, меѓутоа, ниту еден демократски институт не е имун од одредени отстапувања во однесувањето на одредени државни органи или поединци“.

Во одговорот до Уставниот суд тогаш Собранието напиша дека и по 1991 година имало мрежа од кодоши која функционирала во корист на поединци, како прислушувањето новинари и јавни личности што ги објави тогашниот лидер на опозицијата Бранко Црвенковски и досието за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзини членови, кое било водено во текот на 90-тите години. Според Собранието, временската рамка на Законот била одредена и од препораките што биле дадени во проектот Лустрација за земјите од Западен Балкан финансиран од ЕУ и УСАИД, а во кој учествувала и фондацијата „Отворено општество Македонија“, која беше еден од иницијаторите на постапката пред Уставен суд за укинување на Законот.

А.Д.

ЕУ покажа дека не е во состојба да ги исполни ветувањата дадени пред скоро две децении во Солун и одлучи веќе да не се преправа.

повеќе

Кога политичарите сватија за каква моќна алатка се работи, час поскоро побрзаа да менуваат закони со кои „бомбите" нема да бидат докази.

повеќе

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе