Според нашите извори, прашањето за избирачкиот список е скоро „апсолвирано“ и останува бројка од 29.000 гласачи кои ќе бидат јавно објавени, а граѓаните од тој список ќе мора во одреден рок сами да се пријават и да докажат дека имаат избирачко право. Доколку не се пријават, ќе бидат избришани од Избирачкиот список.
Партиите се многу блиску до договор и за медиумите, со оглед дека била постигната согласност главниот и одговорен уредник на Јавниот сервис да го назначува опозицијата, а формата на посебното тело кое ќе ја контролира работата на медиумите и ќе носи одлуки за евентуални казни, сѐ уште е отворено прашање и не е исклучено за тоа да се носи ад-хок одлука.
Неофицијално, партиите дале согласност за формирање специјален оддел во МВР за потребите на Специјалното јавно обвинителство.
Што се однесува до датумот за избори, се лицитира со два термина, ноември и евентуално март-април на пролет, во зависност од тоа како ќе се спроведува она што ќе договори, а проверка за исполнување на условите најверојатно би имало во август.
Преговорите на партиите продолжуваат денеска во 14.00 часот, а нашите извори велат дека не е исклучено лидерска средба да има уште денеска после средбите на работните групи или евентуално утре, доколку се постигне договор.
На средбата повторно ќе учествуваат амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав, кој по вчерашната рунда преговори изјави дека „договор се уште нема, но има одреден напредок“ и оти се надева дека на денешната нова средба ќе биде постигнато повеќе.
Орав информираше дека партиските претставници побарале дополнително време за консултации со раководставата на партиите.
Инаку, на брз договор и надминување на политичката криза, вчера во Скопје повика помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Викторија Викторија Нуланд. По средбите со лидерите на четирите партии таа порача дека е потребно целосно да се спроведе Договорот од Пржино и што поскоро, во наредните денови, да се постигне договор за одржување избори со цел излегување од политичката криза во која се наоѓа Македонија.
Слична порака пред неколку дена упати и гермснкиот специјален претставник Јоханес Хајндл кој рече дека излез од кризата мора да се најде пред летните одмори.
Ж.П.Б.
Фото: МИА