Многу математики во вториот круг во Тетово

Касами од Беса очекува поддршка од СДСМ во Тетово, за возврат Заев ќе добие пратеник повеќе

Во трката за градоначалничката функција во Тетово останаа лидерот на Беса Биљал Касами и актуелната градоначалничка од ДУИ Теута Арифи. И Беса и ДУИ се во Владата на Заев. Беса очекува СДСМ да се определи за Касами и со тоа да добие еден пратеник повеќе во Собранието. Од друга страна, опозициската коалиција Алијанса/Алтернатива е поделена - Алијанса ќе го поддржи Касами, но Алтернатива не дава поддршка. Претстојат долги разговори, но и ВМРО-ДПМНЕ може да бара свој профит од изборната трка во Тетово.

Лидерот на Беса Биљал Касами оди во вториот круг на изборите за градоначалник на Тетово, општина која на сите избори е „најслатката" победа за партиите на Албанците. Но, интересно е што на 31 октомври, на вториот изборен круг, битката за градоначалничкото место во Тетово ќе ја бијат кандидатите на две партии кои се коалициски партнери во Владата предводена од СДСМ - ДУИ и Беса. Бидејќи во трката за Тетово останаа Касами и актуелната градоначалничка Теута Арифи, главното прашање е дали и за кого своето гласачко тело во Тетово ќе го повика СДСМ. Дали да ѝ дадат поддршка на Арифи од ДУИ, како на партија со која ги врзува долгогодишно коалицирање или на помалиот партнер, на Беса и нејзиниот лидер Касами, кои на овие избори решија самостојно да си ја тестираат политичката тежина.

Аријанит Хоџа, шеф на изборниот штаб на Беса, воедно и министер во Владата на Заев, вели дека од СДСМ очекуват поддршка за Касами.

„СДСМ треба да има и мотив повеќе од оној базичниот за промена на врвот во Тетово, односно за смена на Арифи. А тој мотив повеќе е што доколку победи Касами, СДСМ во парламентот ќе добие едно пратеничко место повеќе. Тоа е добра математика", вели Хоџа за МКД.мк.

Но, од друга страна, на Касами во вториот круг ќе му биде неопходна поддршката од симпатизерите на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива чиј кандидат за Тетово испадна од трката. Но, ако се знае дека пред неколку години Беса се подели на два табора и дека расколот отиде и пред судските органи, по што од крилото на тогашниот генерален секретар Африм Гаши произлезе нова партија - Алтернатива и дека непријателството остана до ден денес, прашањето е како и дали Касами може да очекува гласови од симпатизерите на Алтернатива.

Синоќа, во емисија на ТВ 21, Елми Азири, потпретседател на Алијанса за Албанците изјави дека неговата партија ќе ги повика гласачите во Тетово да го поддржат Касами, велејќи дека е битно да се смени Теута Арифи „зашто заслужува нула гласови". Азири дури и најави средба и преговори со Беса.

Се чини како ваквата негова изјава да не беше координирана со коалицискиот партнер Алтернатива, бидејќи веднаш во емисијата се јави портпаролот на Алтенратива Орхан Муртезани со куса порака:

„Објавувам дека Алтернатива не го поддржува Биљал Касами во Тетово".

По оваа куса, но јасна порака, денеска Аријанит Хоџа нѝ изјави дека во текот на денот тој ќе има средба со генералнот секретар на Алијанса за Албанците за да се утврди ставот и натамошната евентуална соработка во други општини во вториот круг.

„Алијанса и Алтернатива треба да решат меѓу себе каков став ќе заземат. Но, јас веднаш се слушнав со Таравари и денеска ќе разговараме. Ќе ја видиме сликата како изгледа за вториот круг и ќе заземе став", вели Хоџа.

А дали Беса ќе стапи во контакт со Алтернатива имајќи го предвид непријателството меѓу двете партии?

Хоџа вели: „Во моментов, конкретно за Тетово, Алтернатива и не се толку битен фактор, но сепак тие се во коалиција со Алијанса и оставаме како коалиција да си ги расчистат работите. Битно е во Тетово да се направат промени, заштo многу аргументи укажуваат на тоа зошто Теута Арифи не треба да биде градоначалник".

Арбен Зекири, портпарол во Алијанса за Албанците вели дека очекува во Алтернатива органите на таа партија да одлучат.

„Наш став е Алијанса за Албанците да ѝ помогне на Беса да ги добие градоначалничките места во Тетово и Желино, а тие преку своите симпатизери да нѝ помогнат во Теарце и Боговиње. Како и да е, ние ги респектираме ставовите на Алтернатива и очекуваме прагматична одлука.

Зекири потврдува дека денеска ќе се разговара со Беса и дека во наредниве денови ќе се работи на терен за да се добијат што е можно подобри резултати во вториот изборен круг.

Инаку, во партиски кругови се шири и тезата дека Беса, преку Алијанса за Албанците коja како коалиција со Алтернатива настапи со взаемна поддршка на изборите со ВМРО-ДПМНЕ, очекува во Тетово и поддршка од симпатизерите на партијата на Христијан Мицкоски. Од друга страна пак, Беса е во Владата на Заев, што претставува проблем. Но, во рамките на таа теза се вели дека таква изборна поддршка е можнa и дека е можно потоа Беса да излезе од Владата, и тоа да биде во рамките на засилените разговори за создавање на ново парламентарно мнозинство.

Во моментов Движењето Беса во Собранието на Македонија има четворица пратеници. Ако Касами стане градоначалник, ќе останат тројца пратеници од Беса. За формирање ново парламентарно мнозинство, се чини, сосема доволен број. 

П.Џамбазоски

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе